11 март 2020

Министерот Чулев во посета на ЕВР Гази Баба и Одделот за недозволена трговија при СВР Скопје

 Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска имаше средби со раководствата на Единицата за внатрешни работи Гази Баба и Одделот за недозволена трговија при Секторот за внатрешни работи Скопје.

На средбата во Единицата за внатрешни работи Гази Баба беше разговарано за мерките и активностите кои ги преземаат во пресрет на парламентарните избори и мерките кои ги презема СВР Скопје, а кои се насочени кон соодветно постапување и справување со корона вирусот. Притоа, беше потенцирано дека Министерството за внатрешни работи во координација со здравствените власти ги преземаат сите потребни мерки за зачувување на здравјето и безбедноста на граѓаните.

Од страна на раководството на Единицата за недозволена трговија министерот Чулев беше запознаен со состојбата во која се наоѓа оваа организациска единица, односно дека просторните и кадровските потенцијали на единицата се слаби и дека во изминатиот период е регистриран зголемен број кривични дела поврзани со нелегалната трговија со дрога.

На средбата, министерот Наќе Чулев истакна дека во наредниот период ќе се работи на соодветно кадровски и техничко екипирање во овој сегмент на постапување на полицијата, но и дека дополнително ќе се работи на подигање на превентивната улога на Министерството за внатрешни работи во делот на едуцирање на младите за штетните последици од употреба на психотропни супстанци и дрога.