06 март 2020

Две работни средби на министерот Наќе Чулев

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска имаше одделни работни средби со раководството на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи.

Министерот Чулев потенцираше дека започнувње на преговорите поврзани со членството во Европската Унија е условено со соодветното законско постапување на Министерството за внатрешни работи, а особено на овие две организациски единици. Во таа насока, Чулев нагласи дека политичките влијанија потребно е комплетно да се дистанцираат од постапувањето на полициските службеници и нивниот фокус треба да биде насочен кон преземање на активности кои ќе бидат во согласност со законите, меѓународните прописи и акти.

Обврска на Министерството за внатрешни работи и неговите вработени е пред граѓаните, а потоа и пред меѓународната заедница, да гарантираат и обезбедат мирни, фер и демократски избори на кои гласачите ќе бидат ослободени од сите притисоци и уцени. Ниту еден вработен не треба да дозволи да биде инволвиран во политичка активност која ќе фрли сомнеж на изборниот процес, а и ќе влијае на безбедноста на граѓаните и ќе го наруши угледот на државата и на Министерството за внатрешни работи, нагласи Чулев. 

Од страна на вработените во двете организациски министерот беше запознаен со активности кои тие ги преземаат, а се насочени кон тековно функционирање на министерството за внатрешни работи, а и на обврските кои ги има институцијата во техничката влада.