04 март 2020

Министерот Чулев на Конференција на министри на земјите дел од Брдо процесот

 Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вчера и денеска во Брдо, Словенија учествува на Конференција на министри на земјите кои се дел од процесот Брдо на две теми во две сесии: “Регионална соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе“ и „Превенција и истрага на сексуална експлоатација на деца преку интернет“.

,,Детската експлоатација е глобален проблем, кој има развиено многу форми на застапеност, од работа во домашни услови на деца, деца војници, регрутирање и вклучување на деца во вооружен судир, сексуална експлоатација и порнографија, употреба на деца за криминални активности, вклучително и продажба и дистрибуција на наркотици и вклучување на деца во штетна или опасна работа,, потенцираше Чулев во своето обраќање. Тој додаде дека секоја од овие форми на експлоатација заслужува да добие посебно време и внимание.

Министерот Чулев во своето обраќање рече “Денес се посветуваме на една, мошне специфична и за жал честа, широко распространета и општо земено светски присутна форма - сексуалната злоупотреба или сексуална експлоатација на деца. Верувам ќе се сложиме сите дека станува збор за кривично дело од најтежок облик за кое треба внимателно подготвена превенција со цел спречување да дојде до негова појава, а доколку веќе дојде, тогаш е неопходно потполно сузбивање, искоренување, а при тоа максимално казнување на сторителите,,.

Во рамки на втората сесија тој нагласи дека трговијата со луѓе е комплексна појава за која се неопходни активности на превенција, сузбивање и казнување на сторителите.

,,Во оваа насока, а свесни за фактот за ранливоста на популацијата која пред некое време транзитираше долж Западно-Балканската рута на движење, државата најде соодветен механизам да дејствува навремено. За таа цел, изработени се Индикатори за идентификација на жртви на трговија со луѓе во случаи на мешани миграциски движења, како и Стандардни оперативни процедури за постапување со непридружувани деца-странци и со ранливи категории на лица странци. Овие документи одиграа важна улога и истите сѐ уште се користат како помошна алатка на одговорните лица кои доаѓаат во контакт со претпоставени жртви на трговија со луѓе со цел преземање мерки за нивна понатамошна формална идентификација, упатување и обезбедување соодветен третман, со што донекаде се ублажуваат негативните последици од ситуацијата во која западнале,, - го заврши обраќањето министерот Чулев .