14 февруари 2020

Започна твининг проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борба против тероризмот“ - ИПА 2016

 Тероризмот како глобален феномен денеска го има повеќе од кога било и на секоја точка на земјината топка, тој не бира ниту пол, религија, нација или каква било друга припадност. Едноставно е тука да направи проблем. Борбата на државите против оваа појава е навистина тешка и бара огромни напори и вложувања, пред се, материјални, финансиски, а најмногу во човечки капацитети и нивно обучување, истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во своето обраќање на почетниот настан од проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борба против тероризмот“ - ИПА 2016.

Како што истакна министерот Чулев во своето обраќање, тероризмот, односно заштитата од него бара континуирана обука и зајакнување на капацитите за борба поради фактот што тој може да се појави во каков било облик и локација со лесна можност за менување на формата на манифестирање.

Геостратешкото опкружување и позицијата на нашата држава на светската мапа, на македонскиот безбедносен систем му дава сериозна улога во борбата против сите типови на тероризам, насилен екстремизам и радикализам. На ова поле во изминатите години нашиот систем беше исправен пред огромни предизвици, кои со неговата силна работа, посветеност и заедничко партнерство со пријателските земји успешно се справи со голем број од заканите кои сериозно имаа за цел да креираат страв, паника и сериозна штета на нашето општество, потенцираше министерот Чулев.

Според министерот, овој твининг проект, кој е финансиран со средства од националната ИПА програма за 2016 година, претставува продолжување на партнерството и помошта што ни ја дава Европската Унија. Овој проект има за цел да ја подобри ефикасноста и ефективноста на националните власти во подобрување на техничките и административните капацитети за откривање, испитување и спречување на тероризам преку зајакнување оперативни капацитети на Министерството за внатрешни работи и другите релевантни агенции за национална безбедност во насока на подобро спречување, заштита, следење и одговарање на предизвиците поврзани со насилниот екстремизам и тероризмот, во согласност со постојните национални стратегии, рече министерот Чулев.

Инаку, преку Инструментот за предпристапна помош (ИПА) во нашата земја е инвестирано многу, пред се, во делот на реформа на полицијата и системот за безбедност и заштита, реформа на јавната администрација и демократските институции и владеењето на правото.