12 февруари 2020

Соопштение 12.02.2020

 

 Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи одржа прес конференција на која информираше за индиции кои се поткрепени со факти и аргументи дека од страна на одговорни лица во Министерството за внатрешни работи е злоупотребена службената положба.

 

Во прилог ви доставуваме фотографии, интегрален текст од говорот на министерот Чулев и видео од прес конференцијата.

 

„ Министерството за внатрешни работи се соочува со сериозен проблем и застој со издавањето на личните документи, а особено на патните исправи и ова е состојба која е последица на несовесно работење од минатото, но и воедно отвора сомнежи за прекршувања на процедури и законски норми.

Впрочем се работи за свесно или несвесно заобиколување на законски утврдените процедури кои отстапки пак само го потврдуваат недомаќинското и непланското работење во министерството од страна на Оливер Спасовски со што се предизвикани негативни фискални импликации на буџетот на Министерството за внатрешни работи. 

Поконкретно, постојат индиции поткрепени со материјални докази кои велат дека:

- се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори

- во тек на постапка за јавна набавка   се менувале членови на комисии,

-се склучувале рамковни спогодби и скоро секогаш се излегувало надвор од предвидена финансиска рамка, 

-се воделе тендерски постапки без претходно да биде изготвена соодветна технички спецификација за истото,

- се вршела набавка на хардвер за кој пак не се набавувал соодветен софтвер итн

 но она што е најважно за граѓаните, она што требало да биде финален производ, а тоа е нарачката и испораката на обрасците не е направена и тоа е главната причина што денес се соочуваме со недостатокот на обрасци за лични документи.

И покрај тоа што самото министерство сметало дека проблемот со набавката на обрасци за лични документи се решава со склучување на договор со времетраење од пет или десет години, до денешен ден тој договор не е склучен, а во меѓувреме се склучувале анекси на договори и се вршело исплакање пред испорака. 

На самиот почеток Би сакал да Ве информирам дека на денешната прес конференција накратко ке биде презентирана постапката за набавката на обрасци за лични документи, текот на постапката како и фактот кога и како се извршило енормното зголемување на износот кој министерството треба да го плати кон добавувачот, кој речиси два пати отстапува од првичниот договорен износ, Внимајте речиси два пати повеке од првично договерениот износ , односно  

од 7.209.963 ЕВРА со анексот кој се склучува во 2017 година, вредноста на претходно склучената рамковна спогодба од 7.209.963 евра се зголемува на фамозни 12.898.523 евра

ОДИМЕ по ред:

- кон крајот на 2016 година од страна на Министерството за внатрешни работи претставувано од Оливер Спасовски до Владата е доставена информација во која е образложена потребата од склучување на нов договор за набавка на документи помеѓу Министерството за внатрешни работи и компанијата „Веридос“ во постапка за преговарање без јавен оглас.

По отпочнување на јавната набавка со друга информација Министерството за внатрешни работи ја информира Владата дека е формирана работна група која пак предложила Владата да донесе одлука за склучување на нов договор помеѓу МВР и Веридос за период од две годин. Со истата информација Министерството ја информира Владата дека по склучување на овој договор со важност од 2 години, а со цел долгорочно решавање на состојбата потребно било изнаоѓање правни механизми за склучување за договор за набавка на лични документи и одржување на системот за период не помал од 5 години, а како оптимален рок од страна на МВР бил препорачан 10 години бидејќи се работело за оперативен систем со долг животен циклус.

Врз основа на спроведената постапка се склучува рамковна спогодба со понудувачот „Веридос“ во износ на износ од 7.209.963 евра. Во рамковната спогодба било предвидено истата да трае 2 години, договорниот орган и давателот на услугите склучуваат поединечни договори за набавка на поединечни услуги, а нивната вредност не смее да надмине износот на понудата односно 7.209.963 евра. Врз основа на оваа рамковна спогодба од страна на тогашниот државен советник, а потоа и помошник министер назначен од Оливер Спасовски е склучен и реализиран поединечен договор со правното лице „Веридос“ кој не е во согласност со понудата за која е склучена рамковната спогодба, односно на „Веридос“ му се исплатени 255.792 евра повеќе за надградба на системот.

Освен тоа врз основа на оваа рамковна спогодба, чии средства биле ЦЕЛОСНО ИСЦРПЕНИ со склучување на претходниот договор се склучува нов анекс договор чиј предмет на набавка е испорака на дополнителна количина на документи во вкупен износ од 5.688.560 евра. 20% аванс (односно 1.441.992 евра) од овој договор се исплаќаат веднаш, односно по доставување на фактура од страна на економскиот оператор, без од страна на МВР да биде побарана било каква услуга која е предвидена во договорот.

Со склучување на анекс на договорот, вредноста на претходно склучената рамковна спогодба од 7.209.963 евра се зголемува на фамозни 12.898.523 евра, и тоа надвор од законски утврдената постапка.

            Второ, Анекс број 1 на договор склучен на вкупен износ од 5.688.560 евра носи наслов анекс, но всушност станува збор за нов договор за кој не е спроведена постапка согласно законот за јавни набавки. 

Доколку била спроведена постапка за склучување на договор со преговарање, веројатно министерството за внатрешни работи би добило драстично пониски цени за набавка на услугите поврзани со издавање на личните документи за граѓаните. Со тоа би се заштител буџетот на Министерството за внатрешни работи и истовремено би се намалиле трошоците на граѓаните за издавање на нови лични документи.

Понатаму, две години подоцна, 2019 година врз основа на заклучок донесен од Владата, Министерството за внатрешни работи носи одлука согласно која предвидува за потребите на МВР да се спроведе јавна набавка со предмет на набавка обезбедување на услуги за техничка поддршка, имплементација на законските и уставните измени (поврзани со промена на името на државата) и набавка и испорака на обрасци и да склучи договор во времетрење од 2 години.

По донесената одлука во текот на 2019 година и доставената поканата за доставување понуда од страна на „Веридос“ е доставена е понуда од страна на компанијата која е во вредност од 19.900.000 евра. Економскиот оператор го известува Министерството за внатрешни работи дека цената за одржување во наредните две години е драстично поголема, а тоа пред се е резултат на уставните промени поврзани со промена на името.

По објавена јавна набавка која е неделива од причина што се исполнети условите само за една точка од јавната набавка, помошникот министер носи одлука за измена на јавната набавка од неделива во делива при што преговорите продолжуваат по единствената точка за која има услови да се направи тоа (одржување на системот за изработка на лични документи) и комисијата носи одлука за избор за најповолна понуда за конкретната услуга за што склучува рамковна спогодба. Таа рамковна спогодба е основ за склучување на поединечен договор во износ од 959.330 евра, чие плаќање повторно е направено авансно, веднаш по неговото склучување.

Понатаму од страна на Одделот за општи и заеднички работи била започната нова постапка за реализација на јавната набавка по останатите два дела. По ова е донесена одлука со која се предвидува да се спроведе постапка за јавна набавка и тоа: набавка и испорака на обрасци и набавка и испорака на нови видови лични документи, согласно уставните измени.

Тоа што е важно е дека донесената одлука за спроведување на јавната набавка која и до ден денес не е целосна, односно во неа изостануваат податоците за изгледот на новите обрасци за личните документи, кои министерството за внатрешни работи на ги подготвило и очекувало да ги добие од страна добавувачот. Вака нецелосната одлука била побарано да се изготви и била потпишана од страна на помошник министерот во одделот за општи и заеднички работи. 

-По донесување на одлуката за спроведување на јавната набавка и за формирање на комисијата, изготвена е тендерска документација КОЈА Е НЕЦЕЛОСНА односно ДЕЛОВИТЕ КОИ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ БИ ТРЕБАЛО ДА БИДАТ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПОПОЛНЕТИ ИСТИТЕ СЕ ОСТАВЕНИ НЕПОПОЛНЕТИ ПА ТАКА: 

-НЕПОПОЛНЕТ Е ДЕЛОТ КАДЕ ТРЕБА ДА БИДЕ УТВРДЕН НАЧИНОТ НА ПЛАЌАЊЕ, РОКОТ НА ПЛАЌАЊЕ, РОКОТ НА ИСПОРАКА И НАЧИНОТ НА ИЗВРШУВАЊЕ НА УСЛУГИТЕ.

 Во прилог на ОДЛУКАТА доставена е и описна техничка документација во која во ДЕЛОТ КАДЕ ШТО БИ ТРЕБАЛО ДА СТОИ ИЗГЛЕДОТ НА СЛУЖБЕНИТЕ И ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШИ исто така стои празно место. Дополнително, во самата техничка документација е оставено НЕПОПОЛНЕТ делот за техничките надградби на системот кои ги бара министерството за внатрешни работи, и тоа е оставено да одлучи економскиот оператор кој ќе ја добие услугата. Вака изготвената тендерска документација е доставена во прилог на поканата до економскиот оператор „Веридос“.

По што од страна на „Веридос“ на крајот на јуни е доставена понуда со вредност од 18.125.400 евра.

Комисијата задолжена за спроведување на набавката констатира дека не може да одлучи дали е прифатлива понудата за услуги кои министерството за внатрешни ниту ги специфицирало во техничката документација, а ниту навело фрекфенција за нивно извршување, односно одлуката за овие две работи била оставена на економскиот оператор, во конкретниот случај компанијата „Веридос“. 

Дополнително во услови на неизготвување на Правилник кој ке го пропише изгледот и ке ја пропише техничка спецификација за набавка на нови обрасци, комисијата задолжена за спроведување на јавната набавка односно претседателот на истата заклучува дека комисијата нема мандат да преговара за нешто што не побарано и дефинирано во тендерската документација.

И покрај наведените пропусти од страна на вработен во Министерството кој е заменик претседател на комисијата и истовремено извршувал работни задачи на работно место началник на секторот за јавни набавки, поставен од Оливер Спасовски по електронски пат ја известува компанијата „Веридос“ дека е потребно да се продолжи рокот на важноста на нивната понуда и истовремено ги информира дека е донесена одлука со која понудата за хардверска и софтверска надградба се прифаќа.

Внимавајте поради констатирање на претходно наведените недостатоци за спроведување на јавната набавка од страна на комисијата како и истакнатата забелешка дека се водат преговори за набавка на хардвер од 7 милиони евра, за кој хардвер нема доволно аргументи дека е потребен и за и за кој не се набавува софтвер  ВО ТЕК НА САМАТА ЈАВНА НАБАВКА, се врши измена на персоналниот состав на комисијата задолжена за спроведување на јавната набавка, без никакво образложение при што очигледно е дека новата комисија имала за задача да ја спроведе јавната набавка и покрај низата законски пропусти – недостатоци.

Понатаму

-финалната понуда од страна на „Веридос“ е доставена на 04.12.2019, односно цели седум месеци од донесувањето на одлуката за спроведување на јавната набавка и три месеци од истекот на првата понуда која била доставена од страна на „Веридос“. Оваа понуда се разликува и е повисока за повеќе од 1,5 милиони евра од првичната понуда која била доставена во јуни, промената е настаната како резултат на зголемената потреба од стари обрасци, односно пролонгирање на рокот за издавање на обрасци и лични документи со новото име на државата.

Она што е важно да се напомене тука е фактот дека

Пред донесување на извештајот за спроведената постапка за јавна набавка, била донесена одлука за измена на одлуката за јавната набавка во делот на висината на средствата. Одлуката е потпишана од страна на помошник министерот, а по барање на началникот на секторот за јавни набавки која го информира помошникот дека е надминат износот на вредноста, по што во обид да се најде ПОКРИТИЕ за НАДМИНАТИОТ ИЗНОС, постојат материјални докази од кои може да се утврди дека цитирам „единствено решение е дообезбедување средства со претходно писмено обраќање до Владата за дообезбедување на разликата“, но до донесување на одлуката нема информација дали дообезбедување е направено.

Да извлечеме заклучоци

Врз основа на претходно образложената постапка е донесена одлука за избор на најповолна понуда, според која согласно извештајот се избира понудата на понудувачот „Веридос“ со вкупна цена од 19.681. 666 евра.

Тоа што е најсимптоматично овде а што говори за сериозно отстапувања од процедурата е фактот дека извештајот за спроведената постапка, кој согласно со законот треба да се изтови пред склучување на договорот а видно од евидентниот број под кој е заведен во Министерството за внатрешни работи заведен на 06.12.2019 година, додека склучувањето на рамковната спогодба е заведено еден ден порано, односно на 05.12.2019 година. 

По склучување рамковната спогодба, склучен е договор и истиот се однесува за набавка на обрасци за лични документи. Во договорот е наведено дека вредноста на договорот е цитирам „аванс од 20% од вкупната вредност на рамковната спогодба“, односно 3.936.333 евра. Веднаш по склучување на договорот е уплатен аванс од 20% од вредноста на целата рамковната спогодба.

На крајот само ќе го споменам фактот дека во периодот од 2017 до 2019 година, Министерството за внатрешни работи во четири наврати се обидело да спроведе постапка за избор на економски оператор кој ќе има обврска да изготви проектна документација која ќе се користи при извршување на услуги за набавка на лични документи. Сите четири постапки за спроведување на јавни набавки за ангажирање на консултантска компанија завршиле без успех,   и покрај тоа што самото министерство во 2016 година во информацијата до влада констатира дека за успешно продолжување на процесот на издавање на нови личнги документи, неопходно е да се направи ова.

Во оваа прилика сакам да ја информирам јавноста дека поради постоење на индиции кои се подкрепени со факти и аргументи дека од страна на одговорни лица во Министерството за внатрешни работи е злоупотребена службената положба, за што со целокупната писмена коресподенција е известено Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на нивна натамошна надлежност и постапување при што доколку се потврдат сомнежите и против оние вработени против кои ќе биде покренат обвинителен акт ќе бидат преземени соодветни мерки односно спроведени дисциплински мерки, согласно со колективниот договор во Министерството за внатрешни работи.

Воедно ја информирам јавноста дека целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски кој бил должен да преземе мерки со кој ќе се спречат овие дејствија. 

Граѓаните заслужуваат одговор и во оваа прилика го прашувам поранешниот министер за внатрешни работи и сегашен технички премиер, дали ова е одговорното и стручното работење за кое тој говореше постојано во изминатиот период, дали ова се стручните и одговорни кадри кои Оливер Спасовски ги постави, а за кои тој тврдеше дека работат согласно со законите, дали склучувањето на договори кои се спротивно на законските прописи е законското работење за кое тој наводно се залагаше, дали менувањето на комисијата во сред постапка за јавна набавка е стручноста и одговорноста која тој постојано ја потенцира и нагласува.

Почитувани граѓани, Оливер Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасците за личните документи и тоа е единствената причината поради која до ден денес не е решен проблем со недостаток на обрасци и издавање на лични документи што ќе предизвика и понатамошни последици“.