„Со должен пиетет кон оваа институција – Факултетот за безбедност и кон вас - како нејзини репрезенти, дозволете ми на почетокот да истакнам дека ми претставува задоволство што сум повторно тука, на одбележувањето на уште еден важен чин – промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти по безбедност, кои сега полни со доверба можат да се насочат кон остварување на нивните соништа“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти по безбедност, што се одржа денеска на Факултетот за безбедност во Идризово.
Министерот Спасовски го изрази своето уверување дека тргнувајќи од реномето на оваа високообразовна институција, новата генерација студенти и постдипломци ќе има богато знаење од областа на безбедноста, пренесено и стекнато во процесот на наобразба и практично применливо по форма и содржина, што ќе претставува цврст темел за понатамошна професионална надградба на дипломците и магистрантите во нивниот иден професионален ангажман.
„Дотолку повеќе што безбедноста, како наука и како професионална ориентација, е во иста мерка интересен и одговорен избор, со мноштво предизвици коишто произлегуваат од новите трендови на општествено живеење. Ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на нови, современи научно-истражувачки сознанија, без реална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење, што впрочем се потврдува низ секојдневјето на модерните и развиени општества. Особено што безбедноста претставува не само обемна, туку и прилично динамична сфера на работа“, рече Спасовски.
Тој додаде дека специфика на модерното време се и динамичните реформи што се започнати, вклучително и во сферата на безбедноста, при што на општеството му се потребни млади, амбициозни, способни и образовани луѓе, кои што ќе бидат подготвени да се фатат во костец со низата дилеми и предизвици што сеопфатните реформски процеси нужно ги отвораат.
Честитајќи им за покажаниот успех на дипломираните и магистрираните студенти по безбедност, Спасовски им порача: „Веројатно гледате на вашата диплома како на билет за добар живот. И сосема сте во право. Но, дозволете ми да ве замолам да размислувате и од еден поалтернативен агол – вашата диплома нека биде вашиот билет за да го промените светот!“