19 декември 2019

Заедничка вежба на нашата и косовската полиција

 „Денешната успешна вежба на припадниците на повеќе специјализирани единици на нашата и косовската полиција го покажа високиот степен на оперативна и професионална подготвеност на ангажираните полициски единици“, рече министерот Оливер Спасовски по завршувањето на денешната вежба „Потера“ на која беше демонстрирано „Спречување на бегство и лишување од слобода на лица сторители на тешки облици на кривични дела", а се одржа на границата со Косово, во близина на Граничниот премин Јажинце.

Оваа вежбовна активност на повеќе специјализирани полициски единици на двете министерства, се темели на потпишаниот Протокол за заедничка соработка во превенирање на прекуграничниот криминал, и беше замислена како сценарио во кое се детектира присуство на меѓународна криминална група на територијата на Република Северна Македонија, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, која преку координирано оперативно –тактичко делување беше лоцирана, а сторителите приведени.

„Наша цел беше да се проверат на дело оперативните капацитети во заедничкото полициско дејствување, да се усогласат сите потребни механизми за ефикасно и функционално спроведување на зацртаните планови и конкретни активности во дадена ситуација. Немам дилема дека ефикасно изведените вежбовни активности се јасна порака до јавноста, до граѓаните дека нашите две полиции се подготвени и решителни во намерата да го зачуваат јавниот ред и мир, сигурноста на граѓаните, и безбедноста во двете пријателски држави. Им честитам на сите учесници за покажаниот квалитет, за ефикасно и бескомпромисно справување со зададениот предизвик“, рече Спасовски.

По завршувањето на вежбата, министерот Спасовски и министерот за внатрешни работи на Република Косово Екрем Мустафа го потпишаа Протоколот за соработка меѓу двете министeрства за вршење на гранични проверки на железничкиот сообраќај, а директорите на полиции на двете држави го потпишаа Протоколот во областа на безбедност на поголеми јавни настани.