16 декември 2019

Потпишанa спогодбa со Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовац и договори за соработка во борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе

 

Заменик претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик претседателот на Владата Бујар Османи денеска остварија работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ. Поводот за средбата беше потпишувањето на три билатерални договори меѓу двете влади, кои се во интерес на граѓаните на двете држави, и тоа спогодба за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовац и договори за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.

„Наша основна цел како влада е посветено и постојано да работиме на целосно задоволување на потребите и барањата на нашите граѓани. За таа цел како прв од трите правни акти кои денеска ги потпишавме, сакам да ја нагласам Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовaц. Овој граничен премин е проблем со кој жителите на двете села се борат скоро 20 години. Нашата работа започнува со отворање на заеднички граничен премин кој, за почеток, ќе функционира како Граничен премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите конечно ќе профункционира и како Заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај“, истакна министерот Спасовски на прес конференцијата, додавајќи дека од голема важност се и другите два договора меѓу двете влади, и тоа за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти, особено што само со взаемна соработка може да се постигне целосно справување со проблемот со мигрантите, но и со организираниот криминал и тероризам, како предизвици кои во денешно време важат за најголем и најсериозен проблем со кој се соочува секое општество.

„Станува збор за стара иницијатива која долги години не успеваше да се наметне како висок приоритет но, по Oхридскиот самит, каде со Претседателот Вучиќ презедовме обврска да го подигнеме приоритетот на овој проект, работите се одвиваат на забрзана лента“, истакна Османи, посочувајќи дека со овој проект се обезбедува директен линк за комуникација на жителите на Лојане и Миратовац и околните места, кои досега мораа да патуваат и по 40 километри за да комуницираат со местата кои им се оддалечени само 2 километри. „Со овој проект не само што ќе се зголеми капацитетот на постоечкиот граничен премин Табановце, туку со неговото прераснување во меѓународен премин ќе се пресретне очекуваниот раст на трговијата и размената меѓу двете земји, што претставува вистински успех за регионалната соработка, предвидено во сите инцијативите за соработка, како што е Берлинскиот процес и т.н. „конективити агенда“.

Министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ изрази задоволство што владите од двете земји обрнуваат посебно внимание на темите коишто се важни и ги олеснуваат животите на луѓето.

„Потпишаните договори се значајни затоа што поставивме основи за заедничко решавање на актуелни проблеми на граѓаните од двете држави, во насока на нивна поголема безбедност, како и за продлабочување на професиоалната соработка на нашите полициски служби“, истакна министерот Стефановиќ, потсетувајќи дека двете земји дадоа одличен одговор за време на мигрантската криза, покажувајќи солидарност и зајакната соработка на граничните премини. Тој подвлече дека полициските служби од двете земји континуирано работат да се најде најдобар одговор во делот на спречување на криумчарењето на мигранти, борбата со трговијата со луѓе и сузбивање на организираните криминални групи, додавајќи: „Заедничкиот граничен премин Лојане-Миратовац ќе овозможи регионално олеснување на трговијата, помали трошоци за граѓаните, побрз проток на луѓе и стоки и отворање на нови можности за проширување на соработката меѓу двете земји“.