„Соработката на полициите на Република Северна Македонија и Република Словенија е на извонредно високо ниво, а во наредниот период продолжуваме во ист правец“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по денешната средба со словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар во Љубљана.
„Сакам да се заблагодарам на Република Словенија и Министерството за внатрешни работи за несебичната помош за нашата полиција во справувањето со мигрантската криза. Тоа беше еден од најголемите предизвици за нашата држава, со кој можевме да се справиме само преку взаемна соработка меѓу државите од регионот, поткрепена со силната поддршка на нашите пријатели“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски упати благодарност и до контингентите на словенечките полициски службеници, кои спроведуваа и продолжуваат да учествуваат во заедничките активности со македонските полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на нашата јужна граница. Нивниот професионализам и искуство кои несебично ги споделуваат со нашите полициски службеници, заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење, потенцира министерот Спасовски.
„Оваа средба е доказ за нашата посветеност на соработката особено на полето на справување со нелегалната миграција, сузбивањето на организираниот криминал и најголемата закана на денешницата- тероризмот. И на оваа средба ги потврдивме нашите заложби за дополнителен инпут во меѓусебната соработка на двете полиции, која уште поцврсто ќе продолжи да се развива и во иднина“, рече министерот Спасовски.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар по средбата истакна: „Ние сме партнери и целосно ја имате нашата поддршка. Говоревме и за миграциите и соработката на државите од Западен Балкан. На полицијата на РСМ ѝ благодарам за спречувањето на нелегалната миграција и ме радува што и словенечките полицајци имаат придонес за тоа. Соработката меѓу двете полиции е одлична и овие средби се одлична можност за директна размена на информации“.