29 ноември 2019

Директорот на БЈБ Тасевски на средба со командантот на воената база „Бондстил“

 

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски денеска во МВР имаше работна средба со командантот на американската воена база “Бондстил“, полковникот Дрејк Мегро, на која што се разговараше на повеќе теми поврзани со натамошното стручно и професионално обучување на припадниците на нашата полиција, а во контекст на рефомите за генерално воспоставување на НАТО и ЕУ стандарди, вклучително и во секојдневното функционирање на полицијата.

 

Притоа на средбата на која што присуствуваа и началниците на Одделот за специјални полициски операции, на Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при МВР, фокусот на разговорите беше насочен кон натамошното оперативно-материјално техничко обучување и осовременување на потенцијалите, особено на овој вид единици, со напоредно функционално развивање на постоечките едукативно-вежбовни капацитети во рамки на македонската полиција.

 

Во таа насока по средбата беше посетена и полициската база во касарната “Ѓорче Петров“, каде што се разговараше за можностите од максимално користење на модерното стрелиште изградено со донација на амбасадата на САД во РСМ и негово прераснување во регионален центар за обука. Исто така беа и разгледани можностите за натамошни нови донации во опрема и техника од страна на базата “Бондстил “ а за потребите на МВР.