09 октомври 2019

Министерот Спасовски и еврокомесарот Аврамопулос го потпишаа Аранжманот за спроведување на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот во Западен Балкан

 

 Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и Еврокомесарот задолжен за миграции, внатрешни работи и државјанство Димитрис Аврамопулос денеска го потпишаа Аранжманот за спроведување на Заедничкиот акциски план за борба проти тероризмот во Западен Балкан, помеѓу Европската комисија и органите на Република Северна Македонија.

 

На прес конференцијата по повод потпишувањето министерот Спасовски го изрази своето задоволство одпотпишувањето на овој аранжман во име на Владата на Република Северна Македонија, нагласувајќи дека Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот е израз на заложбите за заедничко дејствување, истовремено отварајќи ја вратата за поинтезивна соработка заснована на доверба и партнерски однос.

 

„Во фокусот на нашето заедничко дејствување како приоритети ги поставивме: ефективната размена на информации и зајакнување на оперативната соработка, подобрување на капацитетите за справување со терористичките содржини на интернет, како и понатамошно јакнење на капацитетите за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот. Како особено значајна за нашата држава би ја истакнал и поддршката на Европската Комисија во градењето на концептот на заштита за критичната инфраструктра, како една од приоритетните цели содржани во Заедничкиот акционен план“, истакна Спасовски.

 

Според Спасовски, изложеноста на државата кон заканите и ризиците кои произлегуваат од насилниот екстремизам и тероризам, се врвни приоритети нза Република Северна Македонија, што резултираше со низа конкретни активности кои на терен се спроведуваат со широк фронт на чинители, со што дополнително ќе се придонесе кон ефикасно спречување и борба со насилниот екстремизам. 

 

„Заедничкиот акциски план што денеска го потпишавме претставува продолжение на активностите кои произлегуваат од Заедничкиот план за борба против тероризмот на земјите од Западен Балкан, кој ние, министрите за внатрешни работи, го официјализиравме минатата година во Тирана. Наведените клучни документи имаат за цел да придонесат за системско, континуирано јакнење на регионалната соработка и поуспешно интегрирање на Западниот Балкан во Европската Унија, преку споделување на исти вредности и приоритети“, нагласи министерот за внатрешни работи, упатувајќи благодарност кон Европската Комисија за нивната подготвеност да ја поддржат Северна Македонија во зајакнување на националните капацитети за справување со насилниот екстремизам и тероризам, а со тоа и кон обезбедување на мир и просперитет на нашите граѓани.