ФОРМИРАЊЕ И РАЗВОЈ НА УПРАВАТА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И КОНТРАРАЗУЗНАВАЊЕ

 На 13.05.1944 година, во Дрвар, е формирано Одделение за заштита на народот (ОЗНА), како единствена служба за безбедност. Упатството за организација и работа на ОЗНА ја утврдува разузнавачката и контраразузнавачката заштита на вооружените сили и институции на НОБ (1941-1945 година) и борбата против балистичките и терористички банди.

Набргу потоа, Одделенија за заштита на народот се формирани за сите републики во состав на федерална Југославија. Во Македонија, ОЗНА е формирана во јули 1944 година во селото Рамно,Кумановско. Во состав на Министерството за одбрана, ОЗНА постоела до 31.01.1946 година, кога со сите свои надлежности преминува во Министерството за внатрешни работи. Со тоа доаѓа до нејзина реорганизација и создавање на Управа за државна безбедност (УДБА). Со разузнавачката и контаразузнавачката активност УДБА ја заштитува територијата на ФНРЈ, открива илегални организации и групи, се справува со бандитизмот и остатоците од квислиншки формации и тешки форми на стопански криминал.

Во 1966 година се поставени темелите на Службата за државна безбедност (СДБ) која открива и попречува дејности насочени кон поткопување или уривање на поредокот утврден со Уставот и загрозување на безбедноста на земјата.

По осамостојувањето на Република Македонија, во рамките на Министерството за внатрешни работи,СДБ продолжува да ги остварува задачите утврдени со Уставот и Законите на Република Македонија.

Во 1995 година, со реорганизација на органите на управата, СДБ се преименува во Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) а со измена на Законот за организација и работа на државната управа, во 2000 година, ДБК се преструктуира во Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) задржувајќи ги работите сврзани со системот на државната безбедност.