Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 07.06.2025

На 06.06.2025 во 14.20 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Р.А.(52) од Шварцарија. При гранична конрола и преглед во возилото „фолксваген“ со швајцарски национални ознаки, кое го управувал, во неговиот личен багаж била пронајдена и одземена марихуана. Лицето било приведено и задржано во Полициска станица Куманово и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против А.Б. (26) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.05.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена 3742,33 грама марихуана.

На 06.06.2025 во СВР Скопје било пријавено дека во 16.20 часот на регионалниот пат Скопје-Тетово, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 22-годишната М.Џ. од с.Семениште, општина Сарај, излетало од патот и се превртело. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката В.М.(19) од с.Семениште и била пренесена во Комплекс клники „Мајка Тереза“, каде што во 17.40 часот лекар констатирал смрт. Додека, со телесни повреди се здобиле сопатничките А.М.(21), А.М.(21) и Р.М.(24), сите од село Семениште, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Увид на местото на несреќата извршиле екипа на СВР Скопје и јавен обвинител по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против З.Р.(53) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 02.01.2025 во Струмица, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 06.06.2025 во ОВР Крива Паланка било пријавено дека околу 17.30 часот на локален пат во село Станци, кривопаланечко, А.Б.(19) од село Љубинци, општина Ранковце, управувајќи велосипед, изгубил контрола и паднал, при што удрил во паркирано патничко возило „бмв“ со кривопаланечки регистарски ознаки, сопственост на Н.М.(21) од Крива Паланка. Во несреќата, А.Б. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Крива Паланка. Увид на местото извршила екипа од ОВР Крива Паланка.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет нарокични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”. На 15.03.2025 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 06.06.2025 околу 19.15 часот во населба Бутел во Скопје, полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка го лишиле од слобода И.С.(22) од Белгија затоа што за него била распишана меѓународна потерница од Интерпол Белгија. Лицето е задржано во полициска станица за понатамошна постапка.

На 06/07.06.2025 во Скопје, на различни локации во Скопје, полициски слуижбеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.С.(24) од Република Турција, Л.Л.(21) од Куманово и В.С.(18) од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 07.06.2025 во 03.50 часот на подрачјето на карпош во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле Ѓ.С.(18), Т.Д.(19), Л.Т.(19), М.У.(19), О.М.Р.(19) и Ј.К.(19), сите од Скопје, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со агресивно однесување, а Т.Д. и М.У. агресвно се однесувале и кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 06.06.2025 во 22.45 часот во Полициската станица Аеродром, С.Т.(29) од Скопје пријавила дека околу 21.30 часот на подрачје од општина Аеродром во Скопје, едно лице физички ја нападнало и ѝ одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.06.2025 во 10.15 часот на подрачјето на Цента, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Х.М.(40) од Скопје затоа што го нарушил јавниот ред и мир со физичка пресметка со М.М.(35) од Скопје и не постапил по наредба на полициски службеници кои вршеле службена дејност. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 06.06.2025 во 06.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, поради недоразбирање во сообраќајот и поради претходно меѓусебно нетрпение бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.А.(44) и В.А.(45), двајцата од с.Сингелиќ, од една страна и Ф.М.(44) од с.Сингелиќ од другата страна. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 06.06.2025 во 16.20 часот во Полициското одделение Македонска Каменица, Љ.Г.(60) од Македонска Каменица пријавил дека во периодот од неколку недели на гробиштата во с.Косевица, општина Македонска Каменица, биле оштетени надгробните плочи од гробовите на неговите починати родители. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.06.2025 во 12.00 часот во СВР Штип, 40 – годишна жена од Штип пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 95.000 денари. Според пријавеното, таа стапила во контакт со лицето на социјална мрежа на почетокот на мај 2025 година и притоа се договориле да работи онлајн за странска компанија. Како што е пријавено, таа на лицето му испратила фотографии од нејзината лична карта, здравствена легитимација и од нејзината банкарска картичка, по што во наредниот период во неколку наврати во нејзино име било аплицирано за брзи кредити во финансиски друштва, а за пристигнатите пари на нејзина сметка ѝ било кажувано дека по грешка се пуштени и на негово барање ги вадела парите и ги враќала. Исто така, според пријавеното, откако на 04.06.2025 добила телефонски повик од финансиско друштво дека има доспеана рата за кредит сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.06.2025 во 23.05 часот, полициски службеници од ОВР Радовиш го привеле К.Д.(34) од Радовиш, постапувајќи по претходна пријава дека околу 22.50 часот на игралиште во радовиш физички нападнал 15-годишник од Радовиш. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 06.06.2025 во 20.40 часот во СВР Струмица, Ш.И.(40) од с.Висока Маала, струмичко, пријавила дека околу 16.30 часот во селото и во дворот на нејзината мајка била физички нападната од А.А. и У.А, при што У.А. употребила и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 07.06.2025 во 00.40 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го привеле Р.Д.(32) од Штип, постапувајќи по претходна пријава дека во 00.00 часот, тој и С.М.(30) од Штип физички ја нападнале Р.О.(49) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.