Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 12.05.2025

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Ч.(48) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „измама“. Во текот на мај 2024, пријавената преку социјална мрежа, под друго име, стапила во контакт со лице од тетовско и со лажно прикажување на факти побарала услуга од него и на тој начин ги добила неговата лична карта и трансакциска сметка. Потоа, со уште едно лице, злоупотребувајќи ги личните податоци на оштетениот, подигнале брз кредит од финансиско друштво. Откако на домашна адреса добил писмо од финансиското друштво дека има неплатен долг, оштетениот сфатил дека е измамен.   

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Б.(40) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во текот на 2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и стебла од растението канабис.

 

На 11.05.2025 во 19 часот во СВР Скопје било пријавено дека на регионалниот пат Скопје-Тетово, во атар на с.Арнакија, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(29) од Скопје и патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(53) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од возилото „сеат“, З.И.(54) од Скопје, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи и нивните сопатници Ф.И.(31), Х.Д.(54) и тројца малолетници, сите од Скопје, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

 

На 11.05.2025 во 09 часот во СВР Скопје било пријавено на велосипедска патека на бул.„Јане Сандански“, во близина на крстосница со ул.„Васко Карангелески“ во Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу велосипед и електричен мотор, управуван од К.Л.(71) од Скопје, по што лицето со велосипедот го напуштило местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил К.Л., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот. 

 

Денеска (12.05.2025) околу 04.50 часот во СВР Струмица било пријавено дека во кругот на Кванташки пазар во Струмица, возило „фиат добло“ со струмички регистарски ознаки, управувано од А.М., удрило во пешакот Г.К.. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница Струмица. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Струмица. 

 

На 11.05.2025 во 15.04 часот во Полициската канцеларија Пехчево било пријавено дека околу 14 часот на шумски пат, кај место викано „Скокото“ кај Равна река, пехчевско, И.Д.(58) од Берово, управувајќи трактор „ИМТ 533“ со приколка, се превртел и со тракторот паднал во река. Тој бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Берово.  

 

На 11.05.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.У.(27) и 17-годишник, двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

Денеска (12.05.2025) во 00.05 часот на подрачјето на општина Петровец, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ј.К.(46) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга и ѝ се заканувал со остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 11.05.2025 во 14.45 часот во СВР Скопје, А.С.(25) од с.Миладиновци, скопско, пријавил дека околу 00.20 часот во населбата Илинден, по претходно нерасчистени должничко-доверителски односи, бил физички нападнат од Ф.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 11.05.2025 во 10.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го пронашле А.Х.(13) од Скопје, штитеник на Јавна установа за згрижување деца, кој истиот ден беше пријавен дека се оддалечил од установата.