На 06.05.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Б.(19), Е.С.(28), Н.Г.(25), Б.П.(27), Д.С.(38) и еден малолетник, сите од Скопје и Н.А.(21) од Кавадарци затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.С.(46) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“. На 27.02.2025 во гостиварско село, пријавениот упатил закани со остар предмет кон неговата ќерка.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ѓ.Ш. (34) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 29.01.2025 во семејниот дом, пријавениот упатувал закани на неговиот 57 - годишен татко.
На 06.05.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Александар Македонски“ со ул.„16 Македонска бригада“ и ул.„Интернационални бригади“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.И.(51) од Скопје и мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.Б.(40) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(52) од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи за сторено кривично дело ,,повреда на права од индустриска сопственост и „неовластена употреба од туѓа фирма“. На 30.01.2025 во Тетово, полициски службеници извршиле контрола во продажен објект, сопственост на пријавениот, при што била пронајдена и одземена брендирана облека без документација.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.М.(60) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 24.12.2024 преку свој профил на социјална мрежа, пријавениот упатувал закани на вработен во Полициската станица Тетово.
На 06.05.2025 во СВР Штип е пријавено дека околу 16.15 часот на регионалниот пат Штип–с.Шашаварлија, штипско, на влез во с.Шашаварлија, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Е.М.(41) од Штип и мотоцикл без регистарски ознаки, управувано од 15 - годишник од с.Шашаварлија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничка болница Штип. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Штип.
На 06.05.2025 во 19.00 часот во Полициската станица Кичево е пријавено дека на шумски пат во атар на с.Лешница, општина Зајас, Р.И.(54) од с.Трапчин Дол, кичевско, управувајќи четирицикл, изгубил контрола и паднал на патот. Во несреќата, Р.И. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар Кичево. Увид на местото извршила екипа на ОВР Кичево.
На 06.05.2025 во 10.30 часот на улица „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода А.М.(61) од Гостивар, постапувајќи по претходна пријава дека околу 10.00 часот на улица „Панче Попоски“ во Гостивар, поради недоразбирање во сообраќајот, со остар предмет му нанел убодни рани на М.Р.(26) од с.Чегране, гостиварско. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
На 06.05.2025 во 15.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Т.(57) и Ѓ.В.(64), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 06.05.2025 во 18.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода О.Р.(43) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во група на социјална мрежа на станари од станбена зграда во Чаир се заканувал на 61 - годишна сосетка и уште еден сосед. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 06.05.2025 во 00.05 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, А.П.(42) од Скопје пријавила дека од домот се оддалечила нејзината малолетна ќерка Д.П.(16). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 06.05.2025 во 12.03 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот на подрачјето на Бутел во Скопје бил пронајден починат Л.М.(77) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
На 06.05.2025 во 18.10 часот во село Миравци, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишиле од слобода З.Л.(41) од село Миравци. Врз основа на судска наредба бил извршен претрес во викенд куќа која ја користел З.Л. во близина на село Габровци, гевгелиско, при што во дворното место биле пронајдени повеќе предмети со остатоци од марихуана, од кои дел биле закопани во земја. Во врска со настанот, во Полициската станица Гевгелија бил извршен и службен разговор со сопственикот на викенд куќата. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот, против З.Л. ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 06.05.2025 во 21.30 часот на ул.„Крушевска Република“ во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Т.А.(41) од Струмица затоа што се обидел да нападне полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тој претходно бил забележан од полициски службеници како со голема брзина и небезбедно управува возило комбе „мерцедес“, а откако бил запрен било констатирано дека возилото го управува со истечена регистрација. Додека, по извршено алкотестирање било утврдено дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 0,96 промили алкохол во крвта. Откако бил известен дека ќе му биде одземено возилото, тој почнал да удира по возилото и од него извадил нож со кој се обидел да ги нападне полициските службеници. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.