Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 05.05.2025

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.Г.(43) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’. На 28.04.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории на пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин и една дигитална вага со остатоци од прашкаста материја. Од страна на судија на претходна постапка на В.Г. му е утврдена мерка притвор во траење од 30 дена.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против М.П.(51) од Берово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 21.10.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории во сопственост на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени воздушна пушка, 160 дијаболи за воздушна пушка, пиштол и куршуми со различен калибар,  за кои не поседувал дозвола.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Л.К.(29), Ф.К.(21) и Р.К.(56), сите од с.Слупчане, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Пријавените на 09.03.2025 во с.Слупчане во два наврата нападнале едно лице.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.Х.(30) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Пријавениот, осуденик во Казнено - поправната установа Штип, во текот на октомври 2023 година од неговата девојка добил пратка во која била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 04.05.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Б.(24) од с.Идризово, скопско и Х.Б.(24) од Скопје затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

 

На 04.05.2025 во 14.30 часот во Полициската станица Дебар е пријавено дека на регионалниот пат Дебар-Струга, во близина на с.Отишани, дебарско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „дукати“ со кичевски регистарски ознаки, управуван од Б.Р.(33) од Кичево и патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Г.(43) од Скопје. Во несреќата на местото на настанот починал мотоциклистот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.  Со телесни повреди се здобиле возачот Б.Г. и неговата сопатничка М.Ј.Г.(42) од Скопје, констатирани во Општата болница Дебар. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Дебар, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. 

 

На 04.05.2025 во 15.45 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од магистрален  пат Куманово - Крива Паланка и ул.„223“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ц.(71) од с.Алгуња, општина Старо Нагоричане и патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 33-годишната Б.С. од Република Хрватска. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот С.Ц. и неговиот сопатник М.М.(71) од с.Алгуња, а со телесни повреди се здобиле Б.С. и нејзините сопатници Ј.Ј.(32) и  З.Т.(59), двајцата од с.Ранковце, општина Ранковце и еден малолетник од Р.Хрватска, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово. 

 

На 04.05.2025 во 16 часот во Полициската станица Прилеп е пријавено дека на ул.„Цар Самоил“ во Прилеп, мопед без регистарски таблички, управуван од малолетник од Прилеп, паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник од Прилеп, констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп. 

 

На 04.05.2025 во 16.25 часот во Полициската станица Гостивар е пријавено дека на ул.„Братство Единство“ во Гостивар, патничко возило „опел“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 45-годишната М.А. од Гостивар, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.А., констатирани во Општата болница Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар. 

 

На 04.05.2025 во 09.50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Орце Николов“ и ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.З.(60), патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Б.(50) и трицикл „томос“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Е.С.(30), сите од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Е.С., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Со телесни повреди се здобиле другите двајца возачи, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

 

На 04.05.2025 во ОВР Виница, М.Д.(35) од с.Стар Караорман, штипско, фудбалер на ФК „Карбинци“, пријави дека околу 15 часот во службени простории на ФК „Слога“ од Виница, на Градскиот стадион во Виница, пред започнување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК „Слога“ Виница и ФК „Карбинци“, бил физички нападнат од Д.М.(42) од Виница, претседател на ФК „Слога“, додека комесарот за безбедност на ФК.„Слога“, Н.К.(40) од Виница ја држел затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК „Карбинци“. Во врска со настанот, во полициска станица е извршен службен разговор со Д.М. и Н.К.. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 04.05.2025 во 08.15 часот во Полициското одделение Новаци, С.Т. од с.Долно Агларци, општина Новаци,  пријавил дека во негова нива во селото била пронајдена граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ја подигнал гранатата, при што било констатирано дека се работи за артилериска граната калибар 105 мм од Првата светска војна. 

 

На 04.05.2025 во 10.10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Чашка ги лишиле од слобода О.Б.(47) и Н.Б.(40), двајцата од село Горно Јаболчиште, општина Чашка. При претрес во нивниот дом во атар на село Раковец, општина Чашка, извршен со судска наредба, во просторијата каде престојувал О.Б. биле пронајдени и одземени ловечка пушка и патрони за пушката, а во просторијата кај Н.Б. биле пронајдени и одземени ловечка пушка и 25 патрони за неа. Лицата биле приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена кривична пријава за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, по член 396 од Кривичниот законик. 

 

Во СВР Скопје, А.Л.(47) од Скопје пријавил дека на 03.05.2025 околу 21.30 часот на подрачјето на општина Аеродром, неговата 13-годишна ќерка била физички нападната од четири малолетнички кои ги познавала, кои притоа и одзеле пари и лични работи. За настанот бил известен јавен обвинител за малолетници. Се преземаат  мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.05.2025 во 15.20 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека бил пронајден нивниот штитеник А.Х.(13), за кој на 04.04.2025 беше пријавено дека се оддалечил од установата. 

 

На 04.05.2025 во 18.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Драчево, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Т.(32) и Б.П.(41), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

На 04.05.2025 во 22.15 часот во СВР Скопје, Џ.С.(33) од Скопје пријавила дека околу 16.20 часот на раскрсница на подрачјето на Чаир, нејзиниот малолетен син бил сопрен од едно машко лице кое управувало патничко возило „бмв“, кое го фатило за рака и го влечело по коловозот. Се преземаат мерки за расчистување на  случајот. 

 

На 04.05.2025 во 07.15 часот во СВР Скопје, од Детската клиника при Комплексот клиники „Мајка Tереза“ во Скопје било пријавено дека околу 06.20 часот кај нив било донесено мртво новороденче. Лекар констатирал смрт, а, според пријавеното, 25-годишната мајка од Скопје во раните утрински часови се породила во својот дом во Скопје, по што таа и бебето биле пренесена на клиниката. За настанот бил известен јавен обвинител, а телото на бебето било дадено на обдукција. 

 

На 04.05.2025 во 20.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во неговиот стан на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил пронајден починат Б.П.(50) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.