На 03.05.2025 година во 15.00 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Кочани – Штип, на влез во село Крупиште, општина Карбинци, В.М.Р. (60) од село Крупиште управувајќи патничко возило „Форд“ со радовишки регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал надвор од патот. Возачот од здобиените повреди во несреќата починал на местото на настанот, а смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош - Штип. Известен е надлежен ЈО, а увид извршила увидна екипа од СВР Штип.
На 03.05.2025 година во Полициската станица Струга било пријавено дека околу 11.25 часот на улицата „Партизанска“ во Струга, автобус марка „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, управуван од С.Л.(52) од Охрид удрил во лице со инвалидска количка - С.Ч.(66) од Струга. Во несреќата С.Ч. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид каде што е задржан за натамошно лекување. Известен е надлежен ЈО, и бил извршен увид од увидна екипа од ОВР Струга.
На 03.05.2025 година во 18.20 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на улицата „Маршал Тито“ во село Стојаково, општина Богданци , се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „Ауди А4“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.Р.(47) од Гевгелија и мотоцикл марка „Педа“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од 17 годишен малолетник, исто така од Гевгелија. Во несреќата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Општата болница во Гевгелија. Запознаен е надлежен ЈО, а увид бил извршен од увидна екипа од ОВР Гевгелија.
На 03.05.2025 година во 23.40 часот на во СВР Тетово било пријавено дека во село Дебреше се случила сообраќајна незгода помеѓу моторцикл „Арора“ со гостиварски регистерски таблици управувано од 14 годишен малолетник од село Дебреше и патничко возило „Форд фиеста“ со гостиварски таблици, управивано од А.Ф.(51) од истото село. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот кој што го управувал моторциклот како и неговиот 15 малолетен сопатник од село Добри Дол, гостиварско , а констатирани во Ургентниот центар Гостивар. Увид на лице место по овластување на Јавен обвинител извршила екипа од ОВР Гостивар.
На 03.05.2025 година во 22.15 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.П.(34) од Крива Паланка. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници го сопреле патничкото возило „Ауди“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од С.П. и по преземени мерки било констатирано дека тој е под дејство на алкохол, односно дека имал 1,61 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица. По целосно документирање на настанот, против истиот ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик на РСМ - „безобѕирно управување со моторно возило“.
Денеска (04.05.) во 00.15 часот на улицата „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишиле од слобода З.К.(36) од Крива Паланка. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници го сопреле патничкото возило „Мицубиши “ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од З.К., и по преземени мерки било констатирано дека тој е под дејство на алкохол, односно дека имал 1,58 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај, возачката дозвола привремено му била одземена, и истиот бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик на РСМ - „безобѕирно управување со моторно возило“.
На 03/04.05.2025 година во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д.З.(20) од Тетово, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 03.05.2025 година во 22.05 часот, на улицата „Генерал Васко Карангелевски“ во Битола полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода А.К.(46) и А.А.(46) двајцата од Битола, затоа што при преглед кај А.К. била пронајдена паковка со прашкаста материја. По документирање на настанот против истите ќе следува соодветна пријава.
На 04.05.2025 година во 01.10 часот, во СВР Охрид приведени се С.И.(20) и К.С.(22), двајцата од Охрид бидејќи, при извршен преглед кај С.И, пронајдена и одземена е опојна дрога Марихуана. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 03.05.2025 година во 08.00 часот во СВР Скопје, М.Г.(46) од село Трубарево, скопско, пријавила дека истиот ден околу 06.40 часот во задниот дел од куќата, каде што се наоѓала кутијата со електрични осигурачи настанал пожар кој ја зафатил и фасадата од куќата. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Во Градската општа болница „8-ми Септемри“ во Скопје на нејзиниот сопруг М.Г. , нејзиниот син П.Г и нејзиниот девер В.Г. им била пружена лекарска помош поради вдишување на чад. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид бил извршен од стручно лице вештак и увидна екипа од СВР Скопје.
На 03.05.2025 година во 17.00 часот во Полициското одделение Сарај, С.Е.(45) од Тетово, пријавил дека истиот ден околу 12.45 часот додека заедно со двајца свои пријатели возеле велосипеди по стариот пат Тетово – Скопје, во близина на село Ласкарци без повод и причина бил физички нападнат од едно машко лице кое управувало патничко возило „Пежо“ со скопски регистарски таблички. Притоа лицето прво го удрил пријавителот со тупаница во пределот на главата, а потоа го нападнал и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 03.05.2025 година во 17.00 часот во СВР Скопје, Х.Г.(79) од Скопје пријавила дека околу 14,00 часот на подрачјето на Центар во Скопје, едно машко лице со употреба на физичка сила и одзело личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 03.05.2025 година во 19.00 часот лицето Н.А.(26) од село Калиште, гостиварско, пријавил дека околу 17.50 часот, пред маркет на улица „Илинденска“ во Тетово, бил затекнат од лицето Х.А. од Тетово, за кого пред пет дена во медиумот каде што работи Н.А. објавил статија за несовесно работење, и по вербална расправија околу објавеното, пријавениот почнал агресивно да се однесува кон Н.А. и се обидел физички да го нападне. За настанот бил известен Јавен обвинител и се работи на целосно расчистување и документирање на случајот.
Денеска (04.05.) во 00.05 часот во Струмица полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода А.Б.(37) од Струмица. Тој се сомничи дека вчера во 23.55 часот во Струмица агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени задачи, и во момент кога сакал да побегне од местото, со задната гума од возилото прегазил полициски службеник во делот на ногата. Лицето било престигнато но продолжило агресивно да се однесува, и повторно ги нападнал полициските службеници. А.Б. бил задржано во Полициската станица Струмица и по документирање на случајот против истиот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 03.05.2025 година во 19.00 часот полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.Н.(45) од Штип, а по претходна пријава во 17.35 часот дека околу 16.40 извршил оштетување на инвентар и други предмети во објект – спортска обложувалница. По целосно документирање на случајот против истиот ќе следува соодветен поднесок.
На 03.05.2025 година во 07.21 часотво Полициската станица Кочани, А.С.(41) од село Облешево, пријавил дека во временски период од 16.30 часот на 02.05.2025, па до моментот на пријавување, со употреба на погоден алат од црквата „Св.Недела“ во село Облешево непознат сторител одзел пари, а причинета е и материјална штета. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 03.05.2025 година во 12.40 часот во СВР Битола било пријавено дека од улицата „Благојче Силјановски“ во Битола од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно била подигната една артилериска граната, калибар 155 мм, која датира од Прва светска војна.
ОВР Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.Т.(30) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 04.12.2024 полициски службеници извршиле контрола на патничко возило во кое сопатник бил пријавениот, при што кај него биле пронајдени и одземени кокаин и хероин.
СВР Скопје поднесе кривични пријави против тројца вработени во Управат за водење на матични книги Ј.Б.(41), Г.А.(37) и К.Н. (34) сите од Скопје. Притоа Ј.Б. и Г.А. се сомничат за сторени кривични дела - „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“, додека К.Н. за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Имено, Првопријавениот во текот на 2024 година постапувајќи несовесно во извршување на своите надлежности и овластувања не извршил надзор за кој бил должен над третопријавениот со оглед дека К.Н. воопшто не се појавувал на своето работно место во периодот од јули и август 2024 година и не ги извршувал своите работни задачи. А за тој период истиот бил евидентиран како присутен на работно место, со што првопријавениот му овозможил да се стекне со материјална корист во износ од 47.119 денари. Второпријавениот несовесно и спротивно на законските прописи, бил должен да знае дека третопријавениот во одреден временскиот период бил надвор од државата, истиот го евидентирал како присутен на работното место во листата на редовност и врз основа на внесените работни часови му овозможил да му биде исплатена плата и да се стекне со материјална корист во износ од 103.772 денари. По ова иако спротивно на законските прописи третопријавениот си продолжил да доаѓа на работното место, а му била направена исплата, при што го оштетил Буџетот на РСМ во износ од 150.891 денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.М.(53), А.А.(54) и Г.С.(50) сите од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 24.07.2024 на Граничниот премин Деве Баир, пријавените при вршење царински преглед над автобус „Ман“ со косовски регистарски ознаки за влез во државата, за дел од пронајдените стоки во багажниот простор изготвиле усни царински декларации за привремен увоз, а за останатите медикаменти кои се наоѓале во горниот дел од автобусот, иако ги забележале од видео надзорот и знаеле дека се забранети за увоз, ги пропуштиле без да ги евидентираат и да им наплатат увозни давачки, со што нанеле штета на Буџетот на РСМ, од 271.261 денари.