Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 01.10.2024

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против 18 службени лица (12 – дванаесет се полициски службеници - припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека останатите шест се вработени како службени лица на наплатна рампа Романовце при Јавното претпријатие за Државни патишта) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик. По преземени мерки било констатирано дека шестте службени лица од патарината Романовце, со претходно изготвен список на регистарски таблички на приватни возила, им овозможиле на 12 полициски службеници премин без да се изврши наплата 959 пати во периодот од 01 јануари 2024 година до 15 август 2024 година, односно ја искористиле својата службена положба на полициски службеници и прибавиле материјална корист со неплаќање билет за премин на наплатна станица Романовце на автопатот Куманово – Миладиновци и обратно со своите приватни возила. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, согласно своите надлежности и овластувања, против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

На 30.09.2024 во 09.00 часот во село Василево, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Б.Б.(51) од село Василево, струмичко. При претрес на неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена марихуана и предмети со остатоци од марихуана. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (01.10.2024) во 02.15 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.П.(20) од Гевгелија, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.09.2024 во 21.00 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К.(32) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.09.2024 во 20.45 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес лишиле од слобода малолетник од Велес, затоа што кај него била пронајдена и одземена зелена растителна материја. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 30.09.2024 во 18.30 часот, полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионален центар за гранични работи Исток ги привеле М.С.(21) и В.Р.(27), двајцата од Непал, со дозвола за престој во Република Бугарија, затоа што илегално ја преминале државната граница и влегле во Република Северна Македонија. Тие биле предадени на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

Денеска (01.10.2024) во 00.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, кај надвозникот кај с.Проевце, кумановско, патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од П.М.(18) од Куманово, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила неговата малолетна сопатничка од село Кучкарево, кумановско, а со телесни повреди се здобил возачот на возилото, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 30.09.2024 во 20.38 часот во СВР Куманово било пријавено дека на бул.„Трета македонска ударна бригада“, патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ш.Р.(18) од село Никуштак, општина Липково, удрило во Е.Р.(21) од Куманово, по што го напуштило местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.Р. констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово и се работи на расчистување на случајот.

На 01.10.2024 во 01.40 часот во ОВР Дебар е пријавено дека на улица.„Јусуф Гравала“ во Дебар се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно моторно возило „мерцедес“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Ј.Х.(18) од Дебар и патничко возило „мерцедес“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Ш.Ч.(38) од Дебар. Притоа, со тешки телесни повреди се здобила Љ.Т.(53) од Дебар, сопатничка во товарното возило, додека возачот на патничкото возило се здобил со телесни повреди, констатирани во Општата болница во Дебар. Увид на местото на несреќата извршија полициски екипи.

На 30.09.2024 во 17.10 часот во Полициската станица Центар, Б.А.(35) од Скопје пријавил дека на ул.„Владимир Полежaновски“ во Скопје бил каснат од куче.

На 30.09.2024 во 17.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, Л.Ф.(83) од Скопје пријавил дека на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 30.09.2024 во 23.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.П.К.(55) од Скопје пријавила дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје била касната од куче скитник.

 СВР Штип поднесе кривична пријава против Н.Ј.(39) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.07.2024 затворски полицаец при влез во Казнено поправниот дом Штип, извршил преглед над пријавениот- осудено лице, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.З.(37) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 24.06.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот и во просториите на правното лице од с.Корешница, при што биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Г.(54) од с.Велмеј, раководител на Подрачно шумско стопанство „Галичица“, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и Б.Т. (46) од с.Свиништа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шума“. Првопријавениот, во април 2024 му дал усна дозвола на второпријавениот да врши сеча на сурово огревно дабово дрво, со што била причинета материјална штета од 1.434.510 денари.

На 30.09.2024 во 07.08 часот во СВР Штип било пријавено дека околу 06.58 часот во казино во Штип, едно лице со закана со пиштол од вработената одзело пари од прометот. Се преземаат мерки за расчистување случајот.

На 30.09.2024 во 20.10 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.В.(59) од Скопје. Тој се сомничи дека, по претходна расправија околу паркинг место, со своето патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки го удрил М.А.(19) од Скопје и му нанел повреда. Извршен бил увид од екипа од СВР Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.09.2024 во 17.15 часот во СВР Скопје, Е.Ц.(42) од Скопје пријавила дека на 28.09.2024 околу 20.00 часот на подрачјето на Центар нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.09.2024 во 16.30 часот во Полициската станица Делчево, полициски службеници извршиле службен разговор со Т.Р.(71) од с.Полето, делчевско, постапувајќи по претходна пријава од С.Ѓ.К.(31) од Делчево дека околу 14.00 часот пред станбена зграда во Делчево физички ја нападнал нејзината малолетна ќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.09.2024 во 12.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во паркот „Бранители“ на подрачјето на Драчево во Скопје, во периодот од 28.09.2024 до 30.09.2024 со остар предмет биле оштетени три икони кои биле поставени на крстот во паркот. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Драчево и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 30.09.2024 во 20.00 часот во СВР Скопје, Д.М.(40) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од три лица, кои употребиле и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 30.09.2024 во 20.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари во Скопје, неколку лица ги оштетиле прозорците и влезната врата од семејниот дом на Б.Џ., по што влегле внатре и физички го нападнале и му нанеле повреда. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициското одделение Шуто Оризари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.09.2024 во 21.15 часот во СВР Скопје, Е.Н.(49) од Скопје пријавил дека околу 13.10 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.09.2024 во 20.25 часот во СВР Скопје, А.Н.(44) од с.Сингелиќ, скопско, пријавил дека на 29.09.2024 околу 09.30 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Д.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 30.09.2024 во ОВР Кичево, И.И.(62) од кичевското село Стрелци пријавил дека на улицата „Гоце Делчев“ во Кичево бил каснат од куче скитник.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Р.(44) и А.А.(46), двајцата од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Пријавениот А.Р., на 22.09.2024 година во 01.00 часот, пред угостителски објект на улицата „Дебарски конгрес“ во Дебар, извадил и репетирал пиштол.

Денеска (01.10.2024) во 02.40 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје било пријавено дека кај нив починала В.П.(67) од село Табановце, кумановско, која претходно била донесена за укажување на лекарска помош. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.

На 30.09.2024 во 11.30 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник К.П.(17) од Скопје, кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.