Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 10.07.2024

 На 09.07.2024 во 21.45 часот на Граничниот премин Ќафасан, полициски службеници го лишиле од слобода М.П.(62) од Република Србија, затоа што при извршена проверка во службената евиденција било констатирано дека се бара од страна на Интерпол Германија. Тој бил предаден на полициски службеници од ОВР Струга за понатамошна постапка.

На 09.07.2024 во 01.45 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го привеле М.Ж.(41) од Штип, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 09.07.2024 во 20.40 часот во Скопје полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода го лишиле од слобода С.Г.(40) од Република Србија, со престој во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Тој бил задржан во полициската станица за понатамошна постапка.

На 09.07.2024 во 12.30 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип, ги лишиле од слобода М.Ѓ.(24) и И.С.(36), двајцата од Велес, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (09.07.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 126 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 10 санкции, четири мерки за користење на мобилен телефон при управување, четири санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, седум мерки за некористење на сигурносен појас, 15 санкции за прекршоци што ги чинат возачи на мотоцикл...

На 09.07.2024 во 10.40 часот во Полициската станица Аеродром В.К.(50) од Скопје, пријавила дека на кеј на река Вардар во Скопје била касната од куче скитник.

На 09.07.2024 во 10.50 часот во Полициската станица Гази Баба М.Д.(35) од Скопје, пријавил дека на ул.„Сава Михајлов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Денеска (10.07.2024) во 05.20 часот на подрачјето на Чаир полициски службеници од Полициската станица Чаир го лишиле од слобода В.В.(35) од Скопје, поради тоа што околу 03.00 часот на бензинска пумпа, со закана со остар предмет кон вработениот, одзел пари и мобилен телефон. Со него бил извршен службен разговор и кај него биле пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривичното дело, кои ќе бидат вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот СВР Скопје - ЕВР Чаир ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 09.07.2024 во 16.20 часот полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Д.(51) од Скопје. При претрес во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени една пушка, една рамка за пиштол, 41 куршум и ловен патрон. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

Во рамки на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност на сообраќајот, вчера (09.07.2024), во периодот од 17.00 до 21.00 часот, спроведена е акциска контрола за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. При контролата биле откриени и санкционирани 45 прекршоци (ТЕ-27 и ГВ-18), од кои најголемиот дел - 23 (ТЕ-12 и ГВ-11), биле за некористење на заштитен шлем-кацига, потоа 7 (ТЕ-3 и ГВ-4) за управување без возачка дозвола, 7 (ТЕ-4 и ГВ-3) за изминат рок на осигурителна полиса и 2 (ТЕ) со поминат рок на регистрација. Против возачите биле поднесени соодветни поднесоци, а при контролата биле констатирани и санкционирани 8 (ТЕ) друг вид сообраќајни прекршоци.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Ј.(28) од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Тој, користејќи апликации за комуникација, на повеќе социјални мрежи се зачленувал во групи, во кои ширел содржина со детска порнографија. Потоа, истите ги споделувал во други групни и лични профили со кои разменувале линкови од групи со таква и слична содржина.

Денеска (10.07.2024) во 00.40 часот во СВР Скопје Х.И.(39) од с.Ваксинце пријавил дека на 09.07.2024 околу 20.00 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Б.М.(32) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.С.(21) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“. Пријавениот во мај и април оваа година им овозможил на А.А.К. и И.Ц. да консумираат марихуана, која претходно ја набавил од едно лице од Скопје.

На 09.07.2024 во 23.54 часот во СВР Скопје 20-годишна жена пријавила дека околу 16.00 часот на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер А.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.Б.(28) од кичевското село Долно Страгомиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Тој, на 23.04.2024 година во 15.40 часот, во продажен објект во Струга пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 200 евра, со која ги платил купените производи.

На 09.07.2024 во 12.10 часот во СВР Тетово, 53-годишен тетовец пријавил дека бил измамен со 9.900 денари од правен субјект со седиште во Штип. Тој со одговорните контактирал преку социјална мрежа и преку мобилен телефон и од нив нарачал производ, кој откако му бил доставен забележал дека не соодветствува со нарачаниот. Според пријавеното, тој го вратил производот со цел да му го заменат, но ниту го добил тоа што го барал, ниту успеал да воспостави повторна комуникација со одговорните. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 09.07.2024 во 11.54 часот во Полициското одделение Шуто Оризари од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, додека нивна вработена го носела штитеникот С.И.(16) кај негови роднини, тој ја турнал и избегал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 09.07.2024 во 23.37 часот во СВР Скопје, Т.К. пријавила дека во Дом за стари лица на подрачјето на Кисела Вода починал нејзиниот татко П.К.(76) од Скопје. Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.

На 09.07.2024 во 16.00 часот во Скопје, пред установа на подрачје на Чаир В.К.(37) од Скопје физички нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија. В.К. е приведен и по целосно документирање на случајот, против В.К. ќе следува соодветен поднесок.

На 09.07.2024 во 21.20 часот во Полициската станица Кочани, Т.С.(44) од Кочани пријавил дека околу 21.00 часот во Кочани, две лица физички го нападнале во неговиот дом, а едниот од нив му се заканил со пиштол. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 09.07.2024 во 22.00 часот во СВР Штип, Б.К.(44) од Штип пријавила дека околу 19.50 часот во Штип нејзината малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Ј.Д. (41) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 08.07.2024, пријавениот на ул.„Ленинова“, по претходна сообраќајна незгода, ги нападнал Т.П. и еден полициски службеник.

На 09.07.2024 во 17.05 часот во Свети Николе, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе го лишиле од слобода К.Г.(67) од Свети Николе, поради тоа што околу 15.30 часот агресивно се однесувал кон С.Ѓ.(23) од с.Немајници, светиниколско и К.Т.(32) од Свети Николе, а потоа им се заканил со остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 09.07.2024 во 19.25 часот во СВР Скопје од ЦУК било пријавено дека на езеро „Треска“ малолетници од с.Сарај, скопско, поради испуштање на вода од браната не биле во можност да ја преминат реката. Известени се полициски службеници од Полициското одделение Сарај и од Одделот за специјални полициски операции кои излегле на терен, а малолетниците биле извлечени по намалување на водостојот од страна на Ш.С.(29) од с.Грчец, кој успеал да пристапи од страна на селото. Сите биле во добра здравствена состојба.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против П.П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 12.03.2024, на ул.„Христијан Тодоровски - Карпош“ пријавениот, по претходно недоразбирање во сообраќајот, учествувал во физичка пресметка со Н.Б., во која со пиштол во воздух испукал 10 проектили.

На 09.07.2024 во ОВР Прилеп Е.А.(37) од Прилеп пријавил дека со Е.Б., со кого од претходно се познавале, со патничко возило „даеву“, кое тој го управувал, заедно дошле до „Маркови кули“. Според пријавеното, Е.Б. физички го нападнал со употреба на метален предмет, а потоа го однел кај местото познато како „Германска чешма“, кај с.Дабница каде што повторно физички го нападнал, а потоа го врзал, му одзел пари и заминал. Според пријавеното, на нападите им претходела расправија во врска со сопругата на Е.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 09.07.2024 во 09.30 часот во ОВР Кавадарци, Б.С.(42) од Кавадарци пријавила дека пред објект кај место викано Моклиште, кавадаречко, била касната од куче скитник.

На 09.07.2024 во 16.05 часот во СВР Тетово, Ј.В.(63) од тетовска Брвеница пријавил дека во селото бил каснат од куче скитник.

На 09.07.2024 во СВР Битола, В.Ј.(36) од с.Крстоар, битолско, пријавил дека на ул.„Карпош“ во Битола бил каснат од куче скитник.