Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 15.05.2024

На 14.05.2024 во 16.30 часот во село Добрејци, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.К.(45) од село Добрејци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, повеќе засадени стебла од растението канабис и дигитална вага со остатоци од марихуана. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по негово документирање против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.05.2024 во 18.00 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода П.П.(42) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.05.2024 во 13.25 часот во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го привеле С.С.(40) од Неготино. Тој бил баран по распишана централна потерница, врз основа на судска наредба за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

На 14.05.2024 во 19.25 часот на подрачјето на Чаир во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Ш.(21) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 14.05.2024 во 10.30 часот во СВР Велес било пријавено дека при извршување земјоделски работи на нива, покрај железничката пруга во атар на с.Виничани, општина Градско, била пронајдена една неиспукана артилериска граната калибар 100 мм. Гранатата била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.. Од пожарот бил зафатен и дел од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 14.05.2024 во 17.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на регионалниот пат Скопје-Тетово, во близина на надвозник Глумово, патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.А.(19) од Скопје, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката И.Ш.(18) од с.Ласкарци, скопско, а со телесни повреди се здобила Е.А., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.

На 14.05.2024 во 08.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, велосипед управуван од Т.З.(21) од Куманово удрил во пешакот С.Ш.(45) од с.Арачиново, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила велосипедистката, а со телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 14.05.2024 во 11.30 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на бул.„Ослободување“ во Кичево, патничко возило удрило во две малолетнички и го напуштило местото на несреќата. Притоа, едната малолетничка се здобила со тешки телесни повреди, а другата со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Кичево. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кичево.

На 14.05.2024 во 18.50 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на мaгистралниот пат Кичево-Охрид, во атарот на с.Подвис, кичевско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ѓ.(21) од Кичево и патничко возило „мерцедес“ со италијански национални ознаки, управувано од Ч.К.(48) од Република Албанија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, а со телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „мерцедес“, Н.К.(45) од Република Албанија, констатирани во Медицинскиот центар Кичево. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кичево.

На 14.05.2024 во 11.45 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на крстосница од ул.„Маршал Тито“ и ул.„Првомајска“ во Демир Капија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со демиркаписки регистарски ознаки, управувано од М.А.(39) од Демир Капија и мотоцикл управуван од малолетник од демиркаписко. Во несреќата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Неготино. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од ОВР Неготино.

На 14.05.2024 во 12.35 часот во Полициската станица Карпош, К.М.(29) од Скопје пријавила дека во кругот на касарна Илинден во Скопје била касната од куче скитник.

На 14.05.2024 во 10.20 часот во Полициската станица Чаир, В.К.(41) од Скопје пријавил дека на ул.„Босна и Херцеговина“ во Скопје неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 14.05.2024 во 12.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.Д.(19) од Скопје пријавил дека на ул.„Николај Островски“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Б.Б., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор Пехчево при Регионалниот центар за гранични работи Исток, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик. Имено, на 13.04.2024, при преземање службени дејствија, пријавениот неовластено и прекумерно употребил физичка сила и извршил физичко насилство врз машко лице од с.Чифлик, пехчевско, при што со гумена палка-пендрек му нанел телесна повреда. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и Б.Б. ќе биде суспендиран од работното место до завршување на постапката и ќе му биде одземено службеното оружје и муниција.

 

На 14.05.2024, врз основа на судска наредба, а поради сомнение за сторени кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г и „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 од Кривичниот законик, полициски службеници од СВР Тетово извршиле претрес во домот и помошните простории на Л.И.(19) од Тетово. При претресот биле пронајдени и одземени два „усб“ режачи, еден лап-топ компјутер и еден десктоп компјутер. Лицето било повикано во СВР Тетово и по расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Ѓ.(35) од Пирава, валандовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување на докажување“ и „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 24.04.2024, тој со намера да спречи докажување на кривично дело за кое бил лишен од слобода, физички нападнал полициски службеник и се обидел да ја исфрли ќесата со марихуана, која при преглед му била пронајдена и одземена.

 

На 14.05.2024 во 12.30 во СВР Скопје било пријавено дека во с.Стајковци, скопско, на тераса и на скали во домот со повреди на главата биле пронајдени В.К.(64) и неговата снаа С.К.(57). Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај С.К., додека В.К. со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што во 14.00 часот починал. Полициски службеници од Полициската станица Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје со убодни рани го пронашле и Љ.К.(67), брат на В.К., кој имал здравствени проблеми и за кој постои сомнение дека е сторител на убиството. Тој, исто така, е пренесен во медицинска установа за укажување помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 14.05.2024, во периодот од 10.00 до 15.00 часот, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои вршат неправилно и непрописно престигнување, при што биле откриени и санкционирани 8 возачи (ТЕ-2 и ГВ-6), од кои 6 (ГВ) престигнувале на места каде што е забрането такво дејствие. Санкционирани се и 3 (ТЕ) други видови сообраќајни прекршоци. На возачите прекршители изготвени им се предвидените законски поднесоци.

 

На 14.05.2024 во 22.00 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле П.П.(22) од Република Србија, затоа што кај него бил пронајден нож. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.05.2024 во 17.15 часот во СВР Скопје, С.Б.(60) од Скопје пријавила дека околу 10.20 часот на автобуска постојка на Транспортен центар-Скопје била физички нападната од едно лице - возач на автобус на ЈСП. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (15.05.2024) во 01.00 часот во СВР Скопје, 42 - годишна жена пријавила дека во домот на подрачјето на Бутел била физички нападната од нејзиниот сопруг Ф.Ч. и од нејзиниот свекор Ј.Ч., при што сопругот употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.05.2024 во 20.00 часот во СВР Скопје, И.И.(18) од Скопје пријавил дека околу 17.40 часот во с.Петровец, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.05.2024 во 19.30 часот во СВР Скопје, Т.С.(62) од с.Огњанци, скопско, пријавил дека во селото, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот соселанец М.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.А.(24) и Д.Х.(22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ и против А.И.(18) и А.Г.(23), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „разбојништво“. На 09.01.2024, прво и второпријавените со закана со нож извршиле разбојништво врз А.Ш., одземајќи му го дневниот промет и возилото кое го управувал и од него истовариле производи и ги ставиле во возило од четвртопријавениот.

 

На 14.05.2024 во 22.20 часот во СВР Скопје, П.Т. од Скопје пријавил дека на подрачјето на општина Аеродром, едно лице предизвикало пожар на влезната врата од неговиот стан. Пожарот бил изгаснат од соседите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.05.2024 во СВР Скопје, од страна на Д.К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против M.У.(45) од Берово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 30.04.2024 во угостителски објект, пријавениот упатил закани на Е.Ч.(63) од Берово, вработена во Центарот за социјални работи Берово.

 

На 14.05.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на подрачјето на Бутел во Скопје едно лице со закана кон вработената одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (15.05.2024) во 00.10 часот на автопат во близина на клучка Смилковци, скопско, полициски службеници го пронашле Ј.С.(59), кој на 13.05.2024 беше пријавен од Центарот за помош на лица во с.Волково дека се оддалечил од установата.

 

На 14.05.2024 во 13.40 часот, Б.К.(44) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улица „Партизански одреди“ во Кичево бил каснат од куче скитник. Истиот ден, А.Л.(65) од Кичево пријавила дека на улица „Стојан Сандески“ во Кичево била касната од куче скитник.

 

На 14.05.2024 во 21.17 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на подрачјето на Чаир во Скопје две лица со закана кон вработениот одзеле пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.05.2024 во 13.00 часот во ОВР Крива Паланка, Љ.Г.(75) од Крива Паланка пријавил дека на улица „Св. Јоаким Осоговски“ бил каснат од куче скитник.

 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против М.С.(36) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 02.01.2024 пријавениот, заедно со уште четири лица физички го нападнале А.М. и му нанеле тешки телесни повреди.

 

Денеска (15.05.2024) во 01.12 часот во СВР Скопје, И.С.(38) од Скопје пријавил дека во кругот на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје бил нападнат од кучиња скитници и при обид да побегне паднал и се здобил со повреди констатирани во Ургентниот центар во комплексот.