Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 09.04.2024

На 08.04.2024 во 14.05 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Кичево го приведоа Х.Ф.(45) од кичевското село Горно Строгомиште. За него била распишана централна потерница врз основа на судска наредба со која се барал за издржување затворска казна од една година и шест месеци за сторено кривично дело „измама“. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Битола за издржување на казната.

На 08.04.2024 во 23.30 часот во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид го лишиле од слобода С.К.(54) од Охрид. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, дигитална вага со остатоци од бела материја, шише со течност и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 08.04.2024 во 21.50 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.Е.(53) од Тетово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена поголема количина на пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од „тешка кражба“ извршена на 02.01.2024 во домот на А.С.(31) од Тетово. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 09.04.2024 во 00.50 часот на езеро Младост во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода Н.Ѓ.(27) од Чашка, В.М.(31), Н.А.(25) и 27 – годишната В.К., сите од Велес. При контрола на патничко возило „бмв“ со велешки регистарки ознаки, управувано од Н.Ѓ., а останатите лица биле сопатници, В.М. фрлил пакување со марихуана, кое е пронајдено и одземено. Лицата се приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 07.04.2024 во 22.00 часот на подрачјето на Кисела Вода во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.В.(22) од Битола, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 07.04.2024 во 08.55 часот на подрачјето на Шуто Оризари во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Ш.(33) од Прилеп, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.04.2024 во 07.15 часот во СВР Штип било пријавено дека во двор од куќа на ул.„Белградска“ во Штип, сопственост на В.Е.(39) била пронајдена рачна бомба. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип, а пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Штип ја подигнал бомбата за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (08.04.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 147 возачи. Од нив, 13 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 34 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 103 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (08.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 135 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина шест санкции, 15 мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 23 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците...

На 08.04.2024 во 18.30 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Мешеишта, општина Дебрца, патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од С.Р.(59) од струшкото село Долно Татеши, излетало од патот. Притоа, малолетна сопатничка се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршила екипа на СВР охрид.

На 08.04.2024 во 12.15 часот во Полициската станица Центар, С.Г.(52) од Скопје пријавил дека на ул.„Орце Николов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 08.04.2024 во 12.55 часот во Полициската станица Центар, К.А.(19) од Скопје пријавила дека на ул.„Беласица“ во Скопје била касната од куче скитник.

На 08.04.2024 во 22.10 часот во СВР Велес, Е.Ф.(37) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Денеска (09.04.2024) околу 09.45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје. Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгаснале пожарот. Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад. Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција. Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против П.Б.-полициски службеник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353 – в од Кривичниот законик. На 13.11.2020 од Полициското одделение Ропотово до Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп бил доставен службен материјал во врска со одземено товарно возило, по што пријавениот го примил, но не го задолжил на друг полициски службеник, иако со усна наредба од началникот на НККР Прилеп бил задолжен да ја прима поштата и да ја распоредува на полициските службеници. На тој начин П.Б. овозможил против лицата, за кои постоело сомнение дека сториле кривично дело, да не биде поднесена соодветна кривична пријава и нанел штета на угледот на Министерството за внатрешни работи.

 

На 08.04.2024 во 20.20 часот на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје полициски службеници го привеле Е.Ш.(57) од Скопје, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната.

 

ОВР Кавадарци, до Основно јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против А.М.(44) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик. На 22.07.2023, полициски службеници извршиле преглед на А.М. и патничкото возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, при што пронашле и одзеле кокаин, амфетамин и МДМА.

 

На 08.04.2024 околу 12.10 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионален пат Куманово – Свети Николе, во атар на село Орашец, кумановско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „опел“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Т.С.(40) од Куманово и мотоцикл „бмв“ со штипски регистарски ознаки, управуван од Д.Ч.(47) од Штип. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општа болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на несреќата.

 

На 08.04.2024 околу 16.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионален пат Куманово – Липково, во атар на село Опае, липковско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. (27) од Куманово и патничко моторно возило „смарт“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.А.(62) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.А., констатирани во Општа болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на несреќата.

 

На 08.04.2024 на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници ја лишиле од слобода Е.Б.(36) од Република Турција затоа што околу 19.00 часот го нарушила јавниот ред и мир и физички нападнала полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било спроведено во Полициското одделение Петровец за понатамошна постапка.

 

На 09.04.2024 во 05.00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Т.Ј.(40) од Куманово затоа што претходно, поради нерасчистени меѓусебни односи, со остар предмет му се заканил на О.З. во неговиот дом во населба Јане Сандански во Куманово. Известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 08.04.2024 во 10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Јане Сандански“ настанал пожар во стан сопственост на М.С.(44) од Скопје. Од пожарот со повреди се здобила сопственичката, констатирани во ЈЗУ„Јане Сандански“. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а увид извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 08.04.2024 во 22.35 часот во СВР Скопје, Д.С.(47) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од И.У.(22) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 08.04.2024 во 12.20 часот во Полициската станица Велес, Т.Ќ.(19) од Велес пријавила дека на улица „Васил Иљовски“ во Велес нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

 

На 08.04.2024 во 21.20 часот во Полициска станица Велес, Д.Н.(39) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

 

На 08.04.2024 во 14.45 часот, А.С.(29) од Охрид во полициска станица пријавил дека на булеварот „АСНОМ“ во Охрид бил каснат од куче скитник.

 

На 08.04.2024 во 22.50 часот, Н.Ј..(53) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улицата „Магистрален пат“ во Кичево бил каснат од куче скитник.

 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против двајца малолетници од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојничка кражба во обид“ и три кривични дела „тешка кражба“. На 07.02.2024 пријавените биле затекнати од сопственик на куќа при обид да извршат кражба, по што го нападнале со тврд предмет и му нанеле повреди. Во периодот од 21.01.2024 до 06.02.2024 извршиле тешки кражби во куќи, при што одзеле повеќе предмети, додека на 07.02.2024 извршиле тешка кражба во трафика, при што одзеле повеќе производи и пари.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(33), А.Ф.(31) и Н.Ф.(57), сите од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 10.08.2023 во с. Боговиње, тетовско, пријавените со тврди предмети го нападнале Х.З..

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.А. од тетовско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 18.02.2024 во домот, пријавениот го турнал по скали неговиот татко Х.А., кој се здобил со повреда.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.А.(22) и Д.Б.(31), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.08.2023 во Битола, полициски службеници извршиле преглед над пријавените, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.С.(20) и В.Ш.(22), двајцата од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.04.2023, полициски службеници извршиле преглед на пријавените, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против лицето И.Г.(42) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.12.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Ч.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 16.12.2023 во Тетово, пријавениот со тврд предмет го нападнал И.Л. од Тетово.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(88) од с.Долно Палчиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 16.11.2023, при извршена контрола на станбена куќа во фаза на изградба, било констатирано дека пријавениот не поседува дозвола за градење.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.А.(63) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 10.04.2023 на регионален пат Тетово – Пирок, полициски службеници го затекнале пријавениот како врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца.