Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 08.04.2024

На 07.04.2024 во 15.00 часот во тетовското село Бродец, полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка го привеле К.А.(53) од Бродец, кој бил баран со централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор од 11 месеци за извршено кривично дело ,,измама“ по член 247 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 06.04.2024 во 22.30 часот во Радовиш, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш ги лишиле од слобода Н.С.(29) од село Воиславци, радовишко и Ј.А.(22) и Ѓ.О.(21) од Радовиш. При претрес во домот во Радовиш во кој престојувале лицата, извршен со судска наредба, била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 07.04.2024 во 23.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.А.(22) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 07.04.2024 во 15.25 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода З.И.(32) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 07.04.2024 околу 20.30 часот во близина на с.Табановце, кумановско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот ги лишиле од слобода Ј.А.(22) и З.А.(21), двајцата од Пакистан. Претходно, тие со патничко возило „фиат браво“ со струмички регистарски ознаки не застанале на знак за запирање даден од полициски службеници, но набргу возилото било престигнато и запрено и во него биле пронајдени шест лица мигранти од Непал. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на вчерашниот ден (07.04.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 332 возачи. Од нив 25 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 172 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 160 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (07.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 137 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 67 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, девет мерки за управување под дејство на алкохол...

На 07.04.2024 во 03.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„1732“ во Скопје, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Т.(40) од Скопје удрило во бетонски столб. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во приватна болница во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 07.04.2024 во 15.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„11 Ноември“ во Куманово, се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „априлија“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од М.Р.(19) од Куманово и патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.З.(22) од с.Слупчане, општина Липково. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот сопатник Х.Љ.(19) од Куманово, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 07.04.2024 во 22.45 часот во СВР Тетово било пријавено дека на крстосницата од бул.„Илинденска“ со ул.„Ван Вардарска“ во Тетово се случила сообраќајна несреќа помеѓу трактор - четирицикл „стил“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Тетово и патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Н.(37) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.

На 07.04.2024 околу 17.20 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионален пат Тетово - Попова Шапка, патничко моторно возило „рено меган" со австриски национални ознаки, управувано од Е.В.(80) од Австрија, излетало од патот. Во несреќата, од здобиените повреди починал возачот. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.

На 07.04.2024 во 23.20 часот во Полициската станица Центар, Ј.Ф.(43) од Скопје пријавил дека на ул.„Орце Николов“ бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2024 во 16.15 часот во Полициската станица Аеродром, А.Н.(47) од Скопје пријавил дека на ул.„Лисец“ бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2024 во 21.30 часот во Полициска станица Аеродром, З.П.(60) од с.Јурумлери, скопско, пријавил дека на бул.„АСНОМ“ бил од куче скитник.
 

На 07.04.2024 во 12.00 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Р.Џ.(26) од Штип, кој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна од две години и девет месеци за сторени кривични дела од областа на имотни деликти. Р.Џ. бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Куманово за издржување на казната.

На 07.04.2024 во 10.50 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Џ.П.(41) од Прилеп. Тој се сомничи дека околу 05.30 часот извршил „тешка кражба“ во продажен објект во Прилеп, при што одзел повеќе производи. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 07.04.2024 во 00.20 часот и во 13.00 часот во гостиварски Добридол, полициски службеници од Полициско одделение Галате ги лишиле од слобода Ј.М.(19) и И.Ф.(32) од истото село. Тие се сомничат дека на 02.04.2024 во с.Добридол извршиле кривично дело „тешка кражба“ во куќа. Во полициска станица со нив бил извршен службен разговор, при што го признале делото. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

ОВР Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против С.М.(21), О.И.(26) и А.А.(34), сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дела „насилство“ по член 386 и „тешка телесна повреда“ по член 131 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека на 05.04.2024 околу 19 часот во близина на Градскиот часовник во Прилеп физички го нападнале С.Ч.(54) од Прилеп и му нанеле тешки телесни повреди. По преземени мерки, набргу биле лишени од слобода и против нив е поднесена пријавата, а судија на претходна постапка им определи мерка притвор.

Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „уцена“ и „тешка кражба“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против К.Т.(31) од Дебар, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена. На 03.04.2024, по упатени закани и уцени кон 33-годишна жена од Дебар, пријавениот го добил безбедносниот код од нејзиниот дом и откако влегол, одзел повеќе златни и други вредни предмети и пари во различни валути и апоени со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 40.000 евра.

На 07.04.2024 во 17.20 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле Ѓ.И.(28) од Република Србија. По завршување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ГФК „Тиквеш 1930“ од Кавадарци и ФК „Брера“ од Струмица, одигран на Градскиот стадион во Кавадарци, Ѓ.И. - играч на ФК „Брера“, физички го нападнал Д.К.(32) од Прилеп - играч на ГФК „Тиквеш“. По документирање на настанот против Ѓ.И. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од СВР Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните прописи, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се вкупно 91 возачи. Од нив, 54 управувале возило со брзина поголема од пропишаната, 18 санкции се изречени за возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 14 за управување возило без возачка дозвола и 5 за нерегистрирани возила.

На 07.04.2024 при сообраќајни контроли извршени од 12.00 до 17.00 часот на подрачјето на Охрид, полициските службеници затекнале и санкционирале 15 возачи кои извршиле непрописно престигнување на други моторни возила на места каде со сообраќаен знак е забрането.

Денеска (08.04.2024) во СВР Скопје е пријавено дека околу 07.45 часот во Драчево, Скопје, двајца 17-годишни малолетници од с.Долно Количани биле нападнати со остар предмет од Н.С., Б.А. и С.Н. од с. Горно Количани. Според пријавеното, двајцата малолетници се здобиле со повреди и се пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 07.04.2024 во 19.45 часот, полициски службеници од Полициската канцеларија Богданци го привеле К.Љ.(37) од Богданци затоа што за време на одржување на ракометен натпревар во спортската сала „Млаз“ во Богданци, помеѓу младинските екипи на РК „Младост“ од Богданци и РК „Бисинов“ од Велес, агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени задачи. По целосно расчистување на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 07.04.2024 во 14.30 часот во ОВР Прилеп било пријавено во Казнено – поправната установа Затвор Прилеп, по претходна расправија, осудениците Д.К. и С.Р. со остар предмет го нападнале осуденикот Е.Ш.(35) од с.Шишево, скопско, при што му нанеле повреди. Увид бил извршен и за настанот бил известен јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 07.04.2024 во 18.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Чаир, А.П.(22) и А.П.(23), двајцата од Скопје, со огнено оружје и остар предмет биле нападнати од неколку лица, при што А.П.(23) бил повреден со остар предмет, додека А.П.(22) се здобил со повреди од огнено оружје. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.

На 08.04.2024 во 00.30 часот на ул.„Матеја Матевски“ на подрачје на општина Аеродром, на задниот дел од касарната „Гоце Делчев“, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобда Р.Р.(53) од с.Арачиново, со живеалиште во Ирска, поради сомнение дека сторил кривично дело „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства“ по член 350 од Кривичниот законик. Тој бил затекнат од воени лица како лета дрон во близина на касарната.

На 07.04.2024 во 22.39 часот во СВР Скопје, Д.А. од Скопје пријавил дека на подрачјето на Гази Баба во Скопје, неговата малолетна ќерка била физички нападната од тројца малолетници, кои ги познавала, при што еден од нив употребил остар предмет и ѝ нанел повреда. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (08.04.2024) во 02.29 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Алексо Демниевски“ во Скопје било опожарено патничко возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.А.(20) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

На 07.04.2024 во 17.15 часот во СВР Скопје, Т.П.(63) од Скопје пријавил дека околу 16.40 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од В.Т.(57) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 07.04.2024 во 14.00 часот во СВР Штип било пријавено дека во с.Лакавица настанал пожар во куќа и плевна, сопственост на Д.Х.(71) од Штип. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 07.04.2024 во 21.30 часот во СВР Битола, Ф.К.(21) од Битола пријавил дека на ул.„Климент Охридски” во Битола бил каснат од куче скитник.

На 08.04.2024 во 00.30 часот во СВР Битола, Ј.П.(49) од Битола пријавил дека на ул.„Сава Ковачевиќ” во Битола бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2024 во 11.20 часот во Полициска станица Велес, Т.Ч.(46) од Велес пријавила дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2024 во 13.15 часот во СВР Тетово, Р.Т.(68) од Тетово пријавил дека кај спортското игралиште АМС во Тетово бил каснат од куче скитник.

На 07.04.2024 во 18.00 часот, Е.А.(36) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улицата „Исеин Акиоски“ во Кичево била касната од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.К.(55) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.04.2024, полициски службеници извршиле претрес во нејзиниот дом, при што биле пронајдени и одземени хероин и дигитална вага.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.М.(43) од с.Требош, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 20.02.2024, пријавениот до два наврати преку телефонски повик упатил закани на Д.С..