Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 25.03.2024

На 24.03.2024 во 22.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Ќ.(23) од Скопје поради тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 24.03.2024 во 17.00 часот на подрачјето на Карпош во Скопје полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.Т.(27) од Скопје поради тоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 24.03.2024 во 19.25 часот на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода С.Ш.(27) од с.Крушопек-скопско поради тоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 24.03.2024 во 21.30 часот на Граничниот премин Долно Блаце на влез во државата, полициски службеници ги привеле Ш.Б.(32) и К.Д.(26) двајцата од Косово затоа што при извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека Ш.Б. евидирал по барање на СВР Куманово, а во врска со кривично дело „разбојништво“. Тие биле предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

Вчера (24 март) во 13 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавено е дека на крстосницата на улиците „Илинденска“ и „Седек Костовски“ во Гостивар мотоцикл со гостиварски регистарски ознаки, управуван од 49-годишниот Л.Л. од гостиварско Чајле излетал од коловозот. Во несреќата, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. На местото на несреќата увид извршила екипа од гостиварското Одделение за внатрешни работи.

На 24.03.2024 во 17.40 часот било пријавено дека во Скопје на паркинг простор на ул.„Петре Георгиев“ патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.М.(34) од Р.Турција, удрило во М.Ќ.(77) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.Ќ., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 24.03.2024 во 17.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат за с.Љуботен, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.Е.(61) од с.Љуботен, скопско, патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано Е.М.(54) од с.Ласкарци, скопско и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.И.(19) од с.Љуботен, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од возилото „фолксваген голф“ Џ.М.(55) од с.Љуботен,скопско, а со телесни повреди се здобиле тројцата возачи и осум сопатници од возилата „форд“ и „фолксваген голф“, од кои тројца се малолетни, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 24.03.2024 во 15.40 часот во Полициската станица Аеродром А.С.(36) од Скопје пријавила дека на ул.„Владимир Комаров“ била касната од куче скитник.

Во текот на вчерашниот ден (24.03.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 646 возачи. Од нив 49 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 14 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 300 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 346 надвор од населено место.

На 24.03.2024 во времето до 14.00 до 20.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена засилена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената. Притоа биле констатирани 78 пречекорувања на брзината, од кои по 24 на подрачјата на Струмица и Радовиш, 16 на подрачје на Гевгелија и 14 на подрачје на Валандово. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

Во рамките на континуираните активности што ги презема Секторот за внатрешни работи Тетово за поголем сообраќаен ред и безбедност на подрачјето вчера (24 март) од 16 до 20 часот спроведена е акциска контрола за брзина. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 41 пречекорување на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-10 и ГВ-31), од кои 6 возачи (ТЕ-3 и ГВ-3) пречекориле за над 70 километри на час, 17 возачи (ТЕ-7 и ГВ-10) за 50 до 70 километри повеќе и така натаму. При контролата, исто така, санкционирани се и 42 пречекорувања на пропишаната брзина во населено место (ТЕ-31 и ГВ-11), а санкционирани се и 12 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-1 и ГВ-11).

На 24.03.2024 во 14.45 часот во СВР Велес од Итна медицинска помош Велес било пријавено дека во нива во атар на село Сујаклари, велешко, констатирале смрт кај А.К.(73) од село Сујаклари, велешко. Според пријавеното, во нивата имало превртен трактор, а телото на А.К. било под него. Увид извршила екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против четворица малолетници, сите од с.Боговиње, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 21.11.2023 Б.„Н“. бил пресретнат од пријавените пред својот дом, по што тие физички го нападнале.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Р.П.(35) државјанин на Р. Швајцарија, Л.Ф.(37) и Г.Е.(51) двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 04.09.2023 полициски службеници при извршен преглед над пријавените пронашле марихуана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.Г.(33) од с.Чегране, гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 02.06.2023 пријавениот кој бил баран за издржување казна затвор, бил затекнат во објект во Тетово, а полициски службеници при извршен преглед во неговото возило пронашле и одзеле марихуана.

 

На 24.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 61 прекршоци од кои, 29 надвор од населено место и 32 во населено место. Санкционирани биле и 24 други видови на прекршоци.

 

Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од СВР Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните прописи, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се вкупно 125 возачи. Од нив, 82 управувале возило со брзина поголема од пропишаната, 23 санкции се изречени за возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 13 за управување возило без возачка дозвола и 7 за нерегистрирани возила.

 

На 24.03.2024 од 14 до 20 часот, на подрачјето на СВР Охрид, реализирани се засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници санкционирале 38 возачи кои управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (Охрид-24, Кичево-11, Дебар-03).

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Г.К.(60) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола извршена на 29.01.2024 година, на улицата „11 септември“, тој е затекнат како со возило „пасат“, врши јавен превоз на патници, без лиценца за вршење на таква дејност, издадена од надлежен државен орган.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Ѓ.И.(57) од струшкото село Подгорци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес извршен по судска наредба на 28.12.2023 во нејзиниот дом, полициските службеници пронајдоа и одзедоа 4.100 пиротехнички средства.

 

На 24.03.2024 во 17.30 часот на ул.„Борис Кидрич “ во Ресен полициски службеници од ОВР Ресен поради нарушен јавен ред и мир со учество во тепачка ги лишиле од слобода Р.Ј.(32), А.Ј.(23), Б.Ј.(29), Б.У.(30), Е.У.(28), А.А.(24), Е.А.(22), И.А.(53) сите од Ресен и Ш.М.(23), Б.С.(19) од Битола. По документирање на настанот, ќе следуваат соодветни пријави.

 

На 24.03.2024 во 20.30 часот во СВР Скопје Д.И.(51) од Скопје, пријавил дека околу 17.45 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.03.2024 во 15.20 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишиле од слобода двајца малолетници од Скопје, поради тоа што околу 13.40 часот во фабрика на подрачјето на Ѓорче Петров, се обиделе да одземат една метална демонтирана ограда, а при тоа еден од малолетниците со тврд предмет нападнал еден вработен во фабриката. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.03.2024 во 16.30 часот во СВР Скопје Ј.К.(46) од Скопје, пријавил дека на 23.03.2024 околу 23.00 часот неговиот малолетен син на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападнат од неколку малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.03.2024 во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром по претходна вербална расправија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.С.(36) и Т.С.(34), двајцата од Скопје, а бил употребен и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

Седумдесет и деветгодишниот гостиварец Т.С. вчера (24 март) во СВР Тетово пријавил дека на улица „101“ во Гостивар бил каснат од куче скитник.

 

Денеска (25.03.2024) во 10.00 часот во СВР Скопје, Ф.С.(31) од Скопје пријавил дека на 24.03.2024 околу 18.20 часот во домот на Е.Ѓ., на подрачјето на Драчево, бил физички нападнат од неа и Б.Д., а Е.Ѓ. употребила и стаклен предмет, а потоа не му дозволувале да го напушти местото и му се заканувале. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (25.03.2024) во 02.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Визбегово-скопско било опожарено патничко возило „ренџ ровер“ со косовски национални ознаки, сопственост на правно лице. Повредени лица нема. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.03.2024 во 09.00 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода С.П.(42) од Скопје поради тоа што на 23.03.2024 на подрачјето на Карпош и упатувал закани на неговата 38-годишна сопруга и насилно влегол во продажно место каде работела, каде скршил дел од инвентарот, а потоа го одзел дневниот промет од касата. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 24.03.2024 во 15.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на фудбалски стадион на подрачјето на Кисела Вода за време на фудбалски натпревар, Б.Ц.(18) од с.Сопиште, скопско, Б.П.(33), С.С.(33) и М.Ј.(33) сите од Скопје, кои биле играчи на фудбалски клуб од Скопје физички го нападнале Х.Б.(21) од с.Луково, струшко, кој бил играч на другиот фудбалски клуб од Скопје. Тие се повикани во полициска станица и се работи на расчистување на случајот.

 

На 24.03.2024 во 22.10 часот во ОВР Крива Паланка од страна на дежурен лекар од Општа болница Крива Паланка било пријавено дека кај нив со повреди била донесена 43-годишна жена од Крива Паланка. Според пријавеното, жената се здобила со повредите бидејќи била физички нападната од нејзиниот сопруг С.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.03.2024 околу 04 часот во ОВР Прилеп Б.Н.(30) од Прилеп пријавил дека било опожарено неговото патничко моторно возило „ренџ ровер" со прилепски регистарски ознаки, паркирано пред неговата куќа во Прилеп. Пожарот е изгаснат од страна на Територијалната против пожарна единица Прилеп. Повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Ј.(27) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“, против Д.К.(23), А.С.(23) двајцата од Кратово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице при вршење службено дејствије“ и против Д.М.(30) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. На 08.01.2024 првопријавениот на плоштадот во Кратово, со остар предмет физички ги нападнал С.П.(22) и М.Д.(20). При приведувањето на првопријавениот, второпријавениот и третопријавениот физички ги нападнале полициските службеници, по што на местото на настанот пристигнал четвртопријавениот со патничко возило, во кое се качиле останатите пријавени.