На 14.12.2023 во 20.10 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид ги лишиле од слобода Љ.З.(40) и Ж.Р.(33), двајцата од Охрид. Тие биле затекнати во близина на станот кој го користеле и при преглед кај нив, кај Љ.З. биле пронајдени и одземени повеќе пакувања со бела прашкаста материја, додека кај Ж.Р. била пронајдена и одземена поголема сума на пари. Подоцна, при претрес во станот, извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени една ќеса со повеќе пакувања бела прашкаста материја, ќеса со бела грутчеста материја, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.12.2023 во Битола, полициски службеници од СВР Битола, поради сомнение за извршено кривично дело „дрска кражба“, го лишиле од слобода Б.В.(24) од Битола. Имено, Б.В. се сомничи дека извршил дрска кражба на ранец во кој имало повеќе лични документи и пари. Исто така, полициски службеници од СВР Битола, поради сомнение за извршено кривично дело „тешка кражба“, го лишиле од слобода Ѓ.М.(35) од Битола. Тој се сомничи дека од магацински простор на здравствена установа во Битола одзел повеќе средства за хигиена. Со двајцата биле извршени службени разговори, при што ги признале делата, а одземеното било пронајдено и вратено на сопствениците. По документирање на настаните против двајцата ќе следуваат соодветни пријави.
На 14.12.2023 во 18.50 часот, од страна на полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп на ул.„Ѓорѓи Абаџиев" во Прилеп заради сомнение за сторено кривично дело по член 396 од Кривичниот законик лишен од слобода е С.Б.(51) од Прилеп. При преглед кај него, пронајдени и одземени биле 1620 парчиња пиротехнички средства. По целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.12.2023 во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар ги лишиле од слобода А.Ќ.(32) и А.Б.(35), двајцата од Скопје. Тие се сомничат дека околу 19.30 часот во продажен објект во трговски центар на подрачјето на Центар физички ја нападнале вработената и одзеле неколку предмети. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, а лицата биле задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.12.2023 во 22.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода А.А.(32) од село Костурник, кумановско, Ф.А.(32) од село Горно Којнаре, кумановско и С.М.(21) од Куманово затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.
На 14.12.2023 во 20.45 часот на ул.„Караорман” во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода И.Р.(23), Е.Р.(30), двајцата од Прилеп и Г.М.(18) од Битола затоа што при преглед кај нив, кај И.Р. биле пронајдени и одземени мархуана и капсули трамадол. Лицата се приведени во полициска станица Битола и по документирање на настанот против нив ќе следува соодветна пријава.
На 14.12.2023, од страна на полициски службеници од СВР Битола, на патот Битола - Прилеп во близина на бензинска пумпа, при преглед на Д.Т.(25) од Битола, пронајдени се пиротехнички средства. По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.12.2023 во 16.40 часот на Граничниот премин Ќафасан, полициски службеници ја привеле Ј.Н.(20) од Република Албанија затоа што при извршена пасошка контрола и проверка било констатирано дека во државата престојувала подолго од дозволеното. Таа била предадена на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Лабуништа за понатамошна постапка.
Во текот на вчерашниот ден (14.12.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 142 возачи. Од нив едно возило се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 57 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 85 надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (14.12.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 133 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола шест, пет мерки за користење на мобилен телефон, 15 санкции за прекршоците што ги прават пешаците...
На 14.12.2023 во 15.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Липково, атар на с.Липково, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.С.(50) од с.Отља, општина Липково и товарно моторно возило „форд“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.А.(41) од с.Виштица, општина Липково. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.С., констатирани во Општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.
На 14.12.2023 во 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ и ул.„9 Мај“ во Скопје, патничко моторно возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ц.(67) од Скопје, удрило во М.Т.(74) од Дебар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.Т., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 14.12.2023 во 11.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, С.И.(47) од Скопје пријавил дека на ул. „Крсте Асенов“ неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.
На 14.12.2023 во 18.40 часот, И.З.(54) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улица „Прилепска“ во Кичево бил каснат од куче скитник.
Денеска (15.12.2023) во 12.20 часот во с.Горно Соње, скопско, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишија од слобода Ј.В.(46) од Куманово, со живеалиште во Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 131 став 1 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.
Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе две кривични пријави против вработен во Јавно претпријатие „Национални шуми“ подружница „Беласица“ - Струмица. Во првиот случај тој се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и „фалсификување исправа“ по член 378 став 1 од Кривичниот закон. На 21.10.2023, полициски службеници од СВР Струмица извршиле контрола на товарно возило во кое две лица од село Банско, струмичко, превезувале огревно дрво. Притоа, од приложената документација било утврдено дека осомничениот им овозможил да ги исечат и пренесат дрвата, но наведеното во испратницата не се совпаѓало со тоа што е затекнато на лице место. Поради наведеното и двајцата жители на село Банско се сомничат дека го сториле кривичното дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ по член 380 став 1 од Кривичниот закон. Втората кривична пријава е поднесена поради сомнение дека вработениот во ЈП „Национални шуми“ сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1, а двајца жители на село Мокриево, струмичко, сториле кривични дела „соизвршителство’’ по член 22 став 1 во врска со „Злоупотреба на службената положба и овластување’’ и „употреба на исправа со невистинита содржина’’ по член 380 став 1 од Кривичниот законик. На 26.10.2023, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица извршиле контрола во складиште за дрвени сортименти во село Колешино, струмичко, при што била затекната поголема количина на техничко дрво на која имало жиг кој не соодејствува со видот и обликот. За наведената количина, сопственикот приложил испратници, кои биле изготвени од осомничениот референт за сеча. При увид во испратниците било утврдено дека дрвото требало да се пренесе кај лица - жители на селата Пиперево и Мокриево и се однесувале за превоз на огревно дрво. Исто така, при извршен инспектциски надзор од страна на Државен инспектор од областа на шумарството било утврдено дека сортиментите во испратницата се за обезбедување на физички лица за сопствени потреби од државна шума, а во конкретниот случај не се работело за огревно дрво. Лицата од село Мокриево го извршиле транспортот на дрвата и на нив сопственикот на складот им платил 150.000 денари.
На 15.12.2023 во 05.45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Ѓ.(40) од Куманово. Тој се сомничи дека со употреба на сила влегол во куќа во населбата Карпош во Куманово и со закана со оружје кон сопственичката К.С.(41) одзел пари поради наводен долг на нејзиниот сопруг кон него. Кај него биле пронајдени ловечка пушка, пиштол, нож и одземените пари. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 14.12.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 23 прекршоци од кои 13 надвор од населено место и 10 во населено место. Санкционирани биле и 19 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 1 за некористење сигурносен појас, 2 за користење мобилен телефон и 9 за непрописно паркирање.
На 14.12.2023 околу 16.15 часот во Полициската станица Драчево, И.К.(60) од с.Цветово, скопско, пријавил дека околу 16.00 часот во с.Црвена Вода, скопско, М.Џ. од с.Батинци, скопско, со тврд предмет му го оштетил неговото патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.12.2023 околу 17.40 часот, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Блато при Регионалниот центар за гранични работи Запад ги лишиле од слобода О.З(44) и еден малолетник, двајцата од Дебар, поради сомнение за сторено кривично дело по член 278 од Кривичниот законик - „криумчарење“ со жив добиток преку државна граница. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Денеска (15.12.2023) во 02.50 часот во СВР Скопје, П.И.(22) од Охрид пријавил дека во казино на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Ш.(28) од Скопје, вработен како обезбедување во казиното. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 14.12.2023 во 17.40 часот во СВР Скопје, С.С.(56) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар била физички нападната од 23 – годишната А.А. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 14.12.2023 во 17.30 часот во СВР Скопје, Р.Б.(43) од Скопје пријавил дека околу 13.15 часот на автобуската постојка во близина на средно училиште на подрачјето на Аеродром неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.12.2023 во 14.30 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека во установата се вратил М.А.(16) од Струмица за кој на 13.12.2023 беше пријавено дека се оддалечил од установата.
Денеска (15.12.2023) во 02.00 часот во Полициската станица Гази Баба, од СОС - Детско село било пријавено дека од установата се оддалечила А.Д.(15) од Велес, која и претходно се оддалечувала и била враќана. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.