На 28.11.2023 на ул.„Македонска фаланга“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Ф.Ѓ.(19) од с.Канино, битолско, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и пиротехнички средства. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.11.2023 околу 01.40 часот на улица „107“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода малолетник од Тетово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против него ќе следува соодветен поднесок.
На 27.11.2023 во 21.30 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.С.(23) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.11.2023 во 19.30 часот на ул.„Стрчин“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода А.Ј.(24) и Д.Ј.(32), двајцата од Битола, затоа што кај била пронајдена и одземена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Р. (28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, казниво по член 378 од Кривичниот законик. Имено, С.Р. набавил фалсификувана македонска возачка дозвола за управување на моторни возила од В, С1, С, F, G и М категорија, со негови лични податоци, и таквата возачка дозвола на 16.08.2022 ја приложил при извршена сообраќајна контрола од страна на полициски службеници на патниот правец Скопје – Велес, при што било констатирано кривичното дело.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (27.11.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 116 мерки, меѓу кои 10 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкции за користење мобилен телефон при возење, девет санкции за минување на затворен сигнал - црвено свлетло...
Во текот на вчерашниот ден (27.11.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 109 возачи. Од нив едно возило се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 48 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 61 надвор од населено место.
На 27.11.2023 во 13.25 часот во Полициската станица Чаир, Р.Б.(69) од Скопје пријавил дека на ул.„Галичник“ бил каснат од куче скитник.
На 27.11.2023 во 15.45 часот во Полициската станица Гази Баба, М.Ѓ.В.(34) од Скопје пријавила дека во Парк шума Гази Баба била касната од куче скитник.
На 27.11.2023 во 12.40 часот во Полициската станица Карпош, В.Ј.(64) од Прилеп пријавила дека на ул.„Иван Цанкар“ била касната од куче скитник.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ќ.Г.(58) од кичевското село Осој, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници пронашле и одзеле една ловечка пушка, 27 куршуми различен калибар, метална направа за изработка на патрони, 62 парчиња иницијални каписли, две ќеси со барут, метални кугли со различна големина и ќеса со метални сачми, што нелегално ги поседувал.
На 27.11.2023 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 19 прекршоци, од кои 6 надвор од населено место и 13 во населено место. Санкционирани биле и 26 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 1 за возач почетник, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 1 непочитување првенство на минување, 1 недавање првенство на минување на пешаци, 3 за некористење на сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон, 1 за непрописно престројување и 9 за непрописно паркирање.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ѓ.Н.(57) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Тој, неовластено изработил уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, кое се обидел да го прикаже и употреби како вистинскo.
Вчера (27.11.2023) од 10.00 до 14.00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола за првенство на минување, во која вкупно биле откриени и санкционирани 8 прекршоци (ТЕ-4 и ГВ-4). Најголемиот број од прекршоците се однесувале на непропуштање на возила кои со адекватен знак имале предност на минување. При контролата, исто така, со соодветни поднесоци биле заокружени и 18 други видови прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-8), пред сѐ непрописно или погрешно паркирање, управување возила без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа.
Денеска (28.11.2023) во 03.00 часот во СВР Скопје, Р.И.(18) од Скопје пријавила дека на 27.11.2023 околу 22.00 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, била физички нападната од Н.Т.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против А.Ј.(28), поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење на мигранти“. А.Ј., кој во моментот издржува затворска казна во казнено-поправна установа во Сојузна Република Германија, во периодот од август 2021 година до мај 2023 година, во координација со криминални групи кои делувале на територија на Република Турција, Република Бугарија, Република Србија и Република Унгарија планирал и ја договарал бројката на мигранти од Блискиот Исток кои ќе бидат пренесени од Република Турција или Република Грција кон земјите на ЕУ. Исто така, во периодот од април до октомври 2022 година, преку други лица, преку услуга за брз трансфер на пари извршил повеќе трансфери на парични средства во вкупен износ од 6.670 евра кон две лица, кои се претходно пријавени како членови на сузбиена криминална група во 2023 година.
На 27.11.2023 во 23.00 часот во СВР Скопје, С.Т.(72) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзината сосетка С.Т.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.11.2023 во 19.30 часот во СВР Скопје, М.Д.(34) од Кратово пријавила дека на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, била физички нападната од А.М.(34) од Тетово. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против К.К.(35) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и против Љ.Б.(30) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ . На 17.11.2023, полициски службеници извршил претрес во домот каде престојувал второпријавениот, каде што повремено доаѓал првопријавениот, при што биле пронајдени и одземени 4,8 килограми марихуана, кокаин и МДМА.
На 27.11.2023 во СВР Скопје, Г.П.(39) од Скопје пријавил дека на 25.11.2023 околу 19.30 часот во казино на подрачјето на Аеродром бил физички нападнат од Д.Ј., вработен како обезбедување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Битола - ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против А.И.(28), А.И.(27), Р.И.(23), Х.Б.(26), С.А.(74), Е.И.(30), А.Т.(42), А.Р.(19), С.Р.(44), А.Р., сите од Прилеп и А.А.(46) од Крушево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 19.08.2023 на семејна веселба во двор од семејна куќа во село Дебреште, сопственост на Е.И., пријавените пукале од огнено оружје.
На 27.11.2023 во 17.30 часот во СВР Скопје, Е.Ј.(25) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Аеродром, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.М.(25) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“. На 03.10.2023 во Тетово, пријавениот агресивно се однесувал и се обидел физички да нападне полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
На 27.11.2023 во 20.00 часот во СВР Скопје, П.И.(22) од охридско пријавил дека околу 02.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Аеродром, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против тројца малолетници од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 27.08.2023 на подрачјето на Гази Баба, пријавените со закана нож одзеле пари од малолетник од Скопје.
На 27.11.2023 во 18.50 часот во СВР Скопје, О.Б.(23) од с.Јурумлери, скопско, пријавил дека во с.Трубарево, скопско, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.А.(33) од Република Србија, со престој во Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.11.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле 952,04 грама амфетамин, кокаин, 492,7 грама марихуана и хашиш.
На 27.11.2023 во 14.00 часот во СВР Скопје, лекар од Итна медицинска помош пријавил дека во импровизирана куќичка на подрачје на Гази Баба констатирале смрт без траги на насилство кај неколкумесечно бебе. Увид бил извршен.
СВР Штип поднесе кривична пријава против С.А.(29) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 19.09.2022 на експресниот пат Велес-Штип, кај место викано „Три Чешми“, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „тојота“, во кое како сопатник бил пријавениот, при што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и метадон.
На 27.11.2023 во 17.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Ф.Ц.(72) од Скопје пријавила дека на ул.„Бапчор“ била касната од куче скитник.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 18.11.2023 на подрачје на Центар, пријавениот заедно со уште едно лице физички нападнале малолетник од Скопје и му одзеле пари.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против М.Ј.(31) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.08.2023 на магистралниот пат Свети Николе-Куманово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле метадон.
На 27.11.2023 било пријавено дека во 15.40 часот во с.Бразда, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Мирковци пронашле целосно опожарено патничко возило. До возилото била пронајдена регистарска табличка со велешка ознака, за која, по извршени проверки, било констатирано дека припаѓа на патничко возило „цитроен“, сопственост на П.Ж. од Велес, за кој на 24.11.2023 во СВР Велес беше пријавено дека се оддалечил од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(22) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 15.02.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.
На 27.11.2023 во 07.35 часот во СВР Скопје, Р.А.(27) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат со тврд предмет од И.А., кој потоа му се заканил со огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.Ќ.(25) од село Добридол поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 06.12.2022 во Тетово, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „опел зафира“, во кое бил пријавениот со уште две лица, при што била пронајдена и одземена дробилка со остатоци од марихуана, а од извршен разговор со лицата било констатирано дека пријавениот им овозможил да користат марихуана.
На 28.11.2023 околу 02.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Козара“ настанал пожар во патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Т.А.(42) од Скопје. Од пожарот било зафатено и возило комбе „форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема.
СВР Битола поднесе кривична пријава против З.П.(39), И.С.(56), В.Ч.(57), Н.С.(53), Н.С.(31), сите од Битола и против ЈУ Национален парк „Пелистер“ – Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“ и против М.Ш.(50), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Првопријавеното лице, во својство на одговорен шумарски инженер и претседател на управниот одбор на јавната установа, заедно со второ, трето, четврто и петтопријавениот извршиле сеча на зимзелена шума во заштитено подрачје - национален парк, и тоа вкупно 109 стебла молика и ела, со вкупна количина од 168,63 метри кубни, како и необележани 56 стебла молика во количина од 75,79 метри кубни и шест стебла ела во количина од 13,19 м3. Додека, М.Ш., во својство на одговорно лице - директор во јавната установа, постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности со тоа што не извршил должен надзор врз горепријавените.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против двајца малолетници од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 25.10.2023 на подрачје на Чаир, пријавените со закана со нож одзеле пари од двајца други малолетници од Скопје.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.А.(27) од село Цер, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Во период од 01 до 05.11.2023 на социјалната мрежа Фејсбук пријавениот објавувал текстови со кои промовирал и поттикнувал омраза и насилство.