Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 28.07.2023

Денеска (28.07.2023) во 06.30 часот, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Б.(41) од Скопје. При претрес во неговиот дом на подрачјето на Ѓорче Петров, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и две дигитални ваги. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.07.2023 во 18.30 часот на Граничен премин „Деве Баир“, полициски службеници од Отсекот за прекуграничен криминал, странци, миграции и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Исток го лишиле од слобода З.В.(51) од Република Албанија, со бугарска патна исправа. При контрола, извршена од полициските службеници со екипа од мобилната царина, во автобусот кој го управувал З.В. биле пронајдени и одземени 67 пакувања различни видови стероиди во ампули за кои не поседувал никаква документација. Тој бил задржан во полициска станица и во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава за криумчарење по член 278 од Кривичниот законик.

На 27.07.2023 во 12.40 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишиле од слобода Р.М.(39) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 27.07.2023 во 20.15 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Полициската станица Карпош го лишиле од слобода Д.Е.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 28.07.2023 во 00.50 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Л.И.(23) од тетовско Требош затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (27.07.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 124 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 16 санкции, седум мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се осум мерки за користење мобилен телефон при возење, шест санкции за минување на затворен сигнал - црвено светлo, седум мерки за возач почетник...
На 27.07.2023 во периодот од 08.00 до 20.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спровеле акциска контрола за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани и санкционирани 13 (ТЕ-6 и ГВ-7) пречекорувања на максималната дозволена брзина надвор од населено место, од кои 3 (ТЕ) се движеле со брзина од 50 до 70 километри на час над дозволеното, додека 4 (ТЕ-3 и ГВ-1) со брзина од 30 -50 километри на час повеќе од дозволеното. За време на контролата биле констатирани и 21 останати прекршоци (ТЕ-14 и ГВ-7). На сите возачи - прекршители им биле изготвени и законски предвидените поднесоци.

На 27.07.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 16 прекршоци, од кои 8 надвор од населено место и 8 во населено место. Санкционирани биле и 17 други видови на прекршоци, од кои 3 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 1 за нерегистрирано возило, 1 за возач почетник, 3 за управување возило под дејство на алкохол, 3 за некористење сигурносен појас и 5 за непрописно паркирање.

На 27.07.2023 во 23.50 часот во СВР Струмица било пријавено дека на булевар „Гоце Делчев“ во Струмица се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „јамаха“ со струмички регистарски ознаки, управуван од 17 годишник од село Градашорци, струмичко и патничко возило „бмв“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Д.(25) од село Босилово, струмичко. Од здобиените повреди, на местото на несреќата починал 17- годишен сопатник на мотоциклот, а лекар од Итна медицинска помош Струмица констатирал смрт. Додека, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и увидна екипа од Полициската станица Струмица.

На 27.07.2023 во 17.15 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека на регионален пат Гостивар-Србиново-Падалиште, С.Џ.(52) од гостиварски Равен, управувајќи четирицикл без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил С.Џ. констатирани во Медицински центар Гостивар. По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршила екипа од ОВР Гостивар.

На 27.07.2023 во 18.50 часот во СВР Тетово било пријавено дека на бул.„Маршал Тито“ во Тетово, патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од В.И.(26) од Тетово, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Л.Ш.(18) од с.Ларце, тетовско, додека возачот се здобил со телесни повреди констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.

На 27.07.2023 во 11.15 часот во Полициската станица Гази Баба, П.З.(64) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ бил каснат од куче скитник.

На 27.07.2023 во 15.15 часот во Полициската станица Гази Баба, Ш.Д.(59) од Скопје пријавил дека во населба Автокоманда бил каснат од куче скитник.

На 27.07.2023 во 18.10 часот во Полициската станица Драчево, Д.П.(51) од Скопје пријавил дека на ул.„Бранко Заревски“ бил каснат од куче скитник.


Денеска (28.07.2023) во 11.40 часот во с.Арачиново, скопско, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.(27) од с.Арачиново. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од четири години и шест месеци за сторено кривично дело по член 418 – б од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 27.07.2023 во 19.40 часот на ул.„Перо Наков“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба го лишиле од слобода Б.И.(31) од с.Сингелиќ, скопско. Тој се сомничи дека во периодот од 07.07. до пријавувањето на 27.07.2023, во повеќе наврати упатувал закани кон Г.Д.(28) од Скопје. Според пријавеното, Б.И. на 07.07.2023 го однел своето возило на поправка во авто сервисот на Г.Д.(28) од Скопје, а откако Г.Д. му кажал дека парите што му ги дал за купување резервни делови биле фалсификувани, тој во неколку наврати преку смс пораки му упатил закани дека ако не му го поправи возилото ќе треба да му даде 5.000 евра. Исто така, според пријавеното, на 26.07.2023 Б.И. со тврд предмет се заканил на друг вработен во сервисот и оштетил неколку возила оставени за сервисирање. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот Единицата за насилен криминал при СВР Скопје против него ќе поднесе соодветна пријава.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Д.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа" по член 378 од Кривичниот законик. Пријавениот набавил фалсификувано решение во кое било наведено дека му се одобрува промена на презимето и таквото фалсификувано решение го приложил на шалтерот во Одделението за управни работи Скопје со цел промена на неговото презиме.

На 28.07.2023 во 00.40 часот на Градскиот кеј во Кичево, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Кичево ги лишиле од слобода Д.Ќ.(22) од кичевското село Грешница и Ф.А.(22) од селото Трапчин Дол затоа што при преглед кај нив, кај Ф.А. била пронајдена и одземена дробилка со остатоци од марихуана. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.07.2023, полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал , миграции, странци и реадмисија Скопје при Регионалниот центар за гранични работи Север во содејство со претставници од Трудов инспекторат извршиле контрола на градежен објект на подрачјето на Аеродром, Скопје. При контролата биле затекнати седум турски државјани како извршуваат градежни работни активности без регулиран привремен престој за странец по основ на вработување и без соодветна дозвола издадена од Агенцијата за вработување. По доставено барање за поведување прекршочна постапка против сите седум лица по член 217 став 1 и став 2 од Законот за странци, Основниот суд Скопје им изрече глоби од 250 евра и им издаде решенија за враќање на странец.

На 27.07.2023 во СВР Куманово бил извршен службен разговор со М.Х.(49) од Куманово. Тој се сомничи дека околу 12.30 часот на ул.„Тоде Мендол“ со возило „шкода фабиа“ со кумановски регистарски ознаки удрил во Д.Д., вработен во општина Куманово, кој извршувал работни задачи на улицата со негов колега. Во службениот разговор М.Х. го признал делото и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Д.У.(48) од Струга поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претрес, извршен со судска наредба во неговиот дом, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга пронашле и одзеле кокаин.

На 27.07.2023 во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека околу 11.45 часот, при гаснење на пожар во штала во с.Ерџелија, светиниколско, со повреди се здобил 49 - годишен пожарникар од Територијалната противпожарна единица Свети Николе. За случајот бил запознаен Јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Свети Николе.

На 27.07.2023 во 13.30 часот во ОВР Гостивар, 32-годишна жителка на гостиварско село пријавила дека во текот на 2022 година била измамена од А.А.(31) од Тетово. Според пријавеното, таа се запознала со А.А. преку посредници, а А.А. ѝ се претставила како вработена во странска амбасада. Како што е пријавено, тие се договориле за сума од 1700 евра да ѝ обезбеди виза за една европска држава. Исто така, според пријавеното, во септември 2022 година на А.А. ѝ дала 500 евра, додека останатиот дел, според договорот, требало да ги исплати нејзиниот сопруг. Откако до 25.07.2023 работата не била завршена, таа сфатила дека била измамена и случајот го пријавила. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.07.2023 во 23.55 часот во СВР Скопје, Р.О.(34) од с.Буковиќ, скопско, пријавил дека околу 23.00 часот на подрачјето на Центар, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од С.Р.(27), Ј.О.(26), двајцата од Скопје и уште неколку лица кои употребиле и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Денеска (28.07.2023) во 01.00 часот во СВР Скопје, З.Р.(56) од Скопје пријавил дека на 27.07.2023 околу 21.00 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.07.2023 во 14.26 часот во СВР Скопје, 40 - годишна жена пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот вонбрачен сопруг Е.Б.(37) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 27.07.2023 во 22.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Ново Село, скопско, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Б.(27) од с.Волково, скопско и Д.С.(22) од с.Орман, скопско, од една страна и Т.П.(35) од с.Волково и П.С.(33) од Скопје од друга страна, при што биле употребени остар и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.07.2023 во 23.40 часот во СВР Скопје, И.А.(20) од Скопје пријавил дека околу 20.00 часот во Градскиот парк во Скопје бил физички нападнат од неколку лица, при што едно од нив му го одзел ранецот во кој имал пари, документи и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.М.(36) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 13.07.2023 во Штип, пријавениот физички нападнал малолетник, по што му одзел пари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Е.Т.(32) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба на дрзок начин“ и две кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 15.07.2023 година во 18,20 часот во Свети Николе, пријавениот извршил тешка кражба на дрзок начин во куќата сопственост на М.П., при што одзел паричник кој бил во дневната соба и во кој имало 14.000 денари и лични документи, а потоа со такси возило отишол во Штип каде во два наврати на банкомат се обидел да направи трансакција, во што не успеал и ги фрлил дебитните картички кои биле во сопственост на оштетените лица.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.А.(31) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 11.08.2022 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед на возилото на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(51) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување исправа“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“, против А.Н.М.(41) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“, „поднесување лажни докази“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“ и против А.Љ.(29) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „посебни случаи на фалсификување исправи“ и „помагање“ во врска со кривично дело „осигурителна измама“. Првопријавениот, во својство на лекар и раководител на Одделението за Трауматологија – Хирургија во Клинички центар Тетово, без согласност и знаење ги искористил личните податоци на шест пациенти и креирал медицински извештаи на име на лекари вработени во клиничкиот центар без одобрување и злоупотребувајќи ги нивните факсимили и системот мој термин, како и преку координирање и издавање на медицински извештаи со невистинита содржина. Ваквите извештаи, во посредство на третопријавениот А.Љ. биле доставени до второпријавената А.Н.М., која во својство на адвокат противправно изготвила полномошна на пациентите на кои тие не се потпишале и заедно со друга документација ги доставила до осигурителна компанија, врз основа на што на име обештетување на нематеријална оштета биле исплатени парични средства на жиро сметките на лицата во износ од 297.000 денари. Средствата биле подигнати од третопријавениот, кој претходно успеал од нив да земе полномошно за подигање на паричните средства во филијала на банка во Тетово, без да им ја каже вистинската намера за изготвување на тие полномоштва.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против М.Д.(67) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено продавање или купување готовински странски и платежни средства и чекови“. На 06.06.2023 во Струмица, при координирана контрола од Државниот девизен и пазарен инспекторат, пријавениот бил затекнат како врши размена на странски и домашни валути со друго лице, при што кај него биле пронајдени и одземени евра, американски долари, швајцарски франци, левови и денари, по што тој го признал делото.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.Т.(66) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено продавање или купување готовински странски и платежни средства и чекови“. На 06.07.2023 во Струмица, при координирана контрола од Државниот девизен и пазарен инспекторат, пријавениот бил затекнат како врши размена на странски и домашни валути со друго лице, при што кај него биле пронајдени и одземени евра и денари, по што тој го признал делото.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Д.С.(35) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. Во текот на 2022 година, без да поседува соодветна лиценца и без положен возачки испит, пријавениот со товарно возило, сопственост на неговата мајка, во повеќе наврати извршил јавен превоз на 292,6 кубни метри огревно дрво, за што имал испратници кои му биле издадени од ЈП „Национални шуми“-Скопје, Подрачно шумско стопанство Крива Паланка.