Извадок на дел од дневни настани 22.05.2023

На 21.05.2023 во 12.30 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Табановце ги лишиле од слобода Н.К.(65) од Република Грција и Х.Ф.М.(46) од Австрија. При преглед во патничко возило „мерцедес“ со австриски национални ознаки, кое го управувал Н.К., а сопатник бил Х.Ф.М., биле пронајдени и одземени марихуана, епрувети со кафеава течност и други предмети. Лицата биле предадени на полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 22.05.2023 во 00.30 часот на подрачје на Карпош, полициски службеници лишиле од слобода малолетничка од Скопје, затоа што кај неа била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 20/21.05.2023 во периодот од 22.00 до 02.00 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“- Регионален центар за гранични работи Запад, во содејство со инспектори по рибарство од Државниот инспекторат за земјоделие, во водите на Охридското Езеро реализираа патролни активности согласно Законот за рибарство и аквакултура. Притоа, на околу 20 мeтри од брегот на езерото, на потегот помеѓу селото Трпејца и Св.Наум, пронајдоа и одзедоа 15 рибарски мрежи со должина од по околу 50 метри, со улов од околу 13 килограми риба.

Денеска (22.05.2023) во 07.30 часот на планината Плачковица, во близина на хидроцентралата во изградба на Зрновска Река, кочанско, полициски службеници од СВР Штип во координација со претставници на Off-Road клуб Штип ги пронашле тројцата мотоциклисти А.С., С.Д. и Б.Т., сите од Штип. На 21.05.2023, заедно со група мотоциклисти, тие се движеле со мотоцикли на планината Плачковица и околу 19.00 часот се издвоиле од групата кон с.Зрновци, по што биле недостапни. Тројцата мотоциклисти се пронајдени кај местото Казандол, неповредени, во добра здравствена состојба и се вратени.

Во текот на вчерашниот ден (21.05.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 464 возачи. Од нив 22 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 278 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 186 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (21.05.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 170 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 84 санкција, седум мерки за возење без возачка дозвола, 28 санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се четири мерки за нерегистрирани возила, три санкции за некористење сигурносен појас, девет мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл...

Вчера (21.05.2023) во периодот од 14.00 до 19.00 часот на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 84 возачи. Од вкупно 84 возачи, 59 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 25 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

Вчера (21.05.2023) во периодот од 14.00 до 19.00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово била спроведена акциска контрола за брзина со која се движат возилата, а во која биле изречени вкупно 80 мерки (ТЕ-49 и ГВ-31). 61 од мерките (ТЕ-30 и ГВ-31) се однесувале на пречекорување на максимално дозволената брзина надвор од населено место. Шест пречекорувања (ТЕ-4 и ГВ-2) биле за над 70 километри на час повеќе од дозволеното, 14 пречекорувања (ТЕ-7 и ГВ-7) од 50 до 70 километри на час над дозволеното, и така натаму. Покрај ова, санкционирани се и 19 (ТЕ) пречекорувања во населено место, како и 3 (ТЕ) други видови сообраќајни прекршоци. На сите прекршители изготвени им се поднесоци и ќе се соочат со законски предвидените парични глоби, а пребрзите и со мерка - времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година.

На 21.05.2023 вo 22.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Борис Трајковски“ со ул.„Есенинова“ и ул.„Иван Козаров“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед, управуван од малолетник од Скопје и патничко возило „рено меган“, управувано од Ј.Т.(33) од Скопје, двете со скопски регистарски ознаки. Во несреќата, малолетен сопатник на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, додека возачот на мопедот се здобил со телесни повреди констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 21.05.2023 во 15.35 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на ул.„Лазо Стоименов“, И.С.(32) од Кочани, управувајќи мотоцикл „кимко“ со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. По несреќата, И.С. бил пренесен во Општа болница Кочани, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од Полициска станица Кочани.

На 21.05.2023 во 21,20 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Тетово-Јажинце, во с.Џепчиште, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген тигуан“, управувано од Б.Б.(68) од с.Џепчиште, мотоцикл, управуван 17- годишник од Тетово и патничко возило „фиат“, управувано од Н.Н.(74) од с.Џепчиште, трите со тетовски регистарски ознаки. По несреќата возачот на моторциклот и неговиот сопатник А.М.(21) од с.Џепчиште биле пренесени во Клиничка болница Тетово, каде им биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Тетово.

На 21.05.2023 во 13.10 часот во Полициската станица Аеродром, М.Ѓ.(50) од Скопје пријавила дека на ул.„Ѓорѓи Капчев“ била касната од куче скитник.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.И.(63) од Битола, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, по објавен текст на социјалната мрежа Фејсбук, објавил коментар со содржина со која ширел говор на омраза.

 

Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните прописи, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се вкупно 142 возачи, од кои 90 управувале возило со брзина поголема од пропишаната, 28 санкции за возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 13 за управување возило без возачка дозвола, 8 за престигнување и 3 за нерегистрирано возило.

 

Отсекот за економски криминал при СВР Велес поднесе кривична пријава против И.Д.(30) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично „давање поткуп“, казниво по член 358 од Кривичниот законик. На 13.05.2023, тој бил лишен од слобода и при движење кон Полициската станица во Велес на полициските службеници им понудил по 30.000 денари да го ослободат.

 

На 21.05.2023 во 20.50 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека во објект на ул.„Кеј 13 Ноември“ на подрачје на Центар, сопственост на Н.И.Б.(38) од Скопје, настанал пожар. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен бил увид.

 

На 21.05.2023 во 12.10 часот во Полициската станица Карпош, М.П.(26) од Скопје пријавил дека на 20.05.2023 околу 23.00 часот пред угостителски објект во трговски центар на подрачје на Карпош, каде што работел, бил физички нападнат од И.Р.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.05.2023 во 16.30 часот во Полициската станица Пробиштип било пријавено дека малолетничка од Пробиштип била касната од куче, сопственост на нејзини соседи.

 

На 22.05.2023 во 01.22 часот во Полициската станица Аеродром, Т.Ј.(28) од Скопје пријавил дека во стан на ул.„Анастас Митрев“, во кој престојувал, настанал пожар. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид бил извршен.

 

На 21.05.2023 во 15.55 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, П.М.(39) од Скопје пријавил дека на подрачје на Ѓорче Петров бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.05.2023 околу 17.00 часот во Полициската станица Чаир, Р.Џ.(26) и 72-годишната М.П. од Скопје пријавиле дека околу 15.00 часот на подрачјето на Бутел, по претходно недоразбирање помеѓу Р.Џ. и Д.Н.(42) од Скопје, биле физички нападнати од Д.Н.. Исто така, во врска со случајот, околу 14.30 часот било пријавено дека на подрачје на Бутел бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Н.(50) од Скопје и Д.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.05.2023 во 01.00 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници привеле малолетничка од Република Србија затоа што, по извршена проверка било констатирано дека незаконски престојувала во државата. Лицето било сместено во соодветна институција за понатамошна постапка.

 

ОВР Берово до Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против Ш.Д.(28) од Берово и Ш.Д.(43) од Штип, со живеалиште во Берово, поради постоење основи на сомнение дека извршиле обљуба врз 21-годишна девојка од Берово, која имала здравствени проблеми.

 

На 21.05.2023 во 11.14 часот во СВР Скопје било пријавено дека во казино на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, едно лице со закана кон вработената се обидело да одземе пари од дневниот промет, но не успеало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 22.05.2023 во 10.35 часот во Полициска станица Драчево, М.А.(70) пријавил дека на ул.„Иван Хаџиниколов“ бил каснат од куче скитник.