На 29.03.2023 полициски службеници од Полициската станица Кавадарци го лишиле од слобода Д.А.(35) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, се пронајдени и одземени едно пакување со марихуана и дигитална вага. Лицето е приведено во полициската станица во Кавадарци и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Полициски службеници на СВР Тетово на 29.03.2023 околу 14.20 часот, на улица „Илинденска“ во Тетово, го лишиле од слобода 26-годишниот тетовец Б.Б., затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
Денеска (30.03.2023) полициски службеници од Полициската станица Велес го лишиле од слобода М.Ѓ.(23) од Велес. При преглед кај него било пронајдено и одземено пакување марихуана. Лицето е приведено во полициската станица во Велес и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 29.03.2023 околу 16.30 часот, на улица „107“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода 32-годишниот тетовец Л.М., како и Г.А.(24) и Д.Б.(19) од Република Албанија. При нивен преглед им била пронајдена марихуана, по што тројцата се задржани во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот.
На 29.03.2023 во 21.00 часот во Скопје на ул.„Беласица“ полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.И.(38) од Скопје. При контрола во патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, кое тој го управувал, биле пронајдени три лица мигранти, од кои две од Сирија и едно од Пакистан. Истите биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка, а по документирање на случајот против Ф.И. ќе следува соодветен поднесок.
На 29.03.2023 во 17.55 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Д.Д.(29) и Б.А.(40) двајцата од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 29.03.2023 година во 18.30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода И.С.(46) од Скопје. За него била распишана централна потерница врз основа на наредба од Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“, со која се барал за доиздржување на казна затвор. Тој е спроведен во казнено-поправната установа на доиздржување на затворската казна.
На 29.03.2023 година околу 12.00 часот, од водите на Охридското езеро, во близина на Градското пристаниште, безбедно е извадена неексплодирана бомба М-24, која датира од Втората светска војна. Вадењето и транспортирањето на бомбата е извршено од страна на пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во текот на вчерашниот ден (29.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 210 возачи. Од нив девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 112 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 98 надвор од населено место.
Во текот на вчерашниот ден (29.03.2023), во периодот од 08.00 до 13.00 часот, Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на возила кои не даваат првенство на минување на крстосница на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 25 возачи. Од нив, пет на територијата на СВР Битола...За време на контролата биле санкционирани и 170 други видови на сообраќајни прекршоци. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
На 29.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, од кои 12 во населено место и 8 надвор од населено место. Санкционирани биле и 26 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило, 1 за технички неисправно возило, 1 за возач почетник, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 3 за непрописно престигнување, 3 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 9 за непрописно паркирање.
Полициски службеници од СВР Тетово на 29.03.2023 од 08.00 до 13.00 часот спроведоа акциска контрола на возилата, односно дали и колку возачите почитуваат првенство на минување. При контролата откриени и санкционирани се 2 возачи (ГВ) кои не почитувале првенство на минување, а со соодветни поднесоци биле заокружени и 18 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-12 и ГВ-6).
На 29.03.2023 во 14.30 часот во Полициската станица Карпош, О.Т.(21) од Скопје пријавил дека во населбата Влае бил каснат од куче скитник.
Денеска (30.03.2023) околу 10.30 часот, по претходно добиена судска наредба, од страна на полициски службеници од СВР Битола извршен е претрес во дом кај В.И. во Прилеп, при што се пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага, бела грутчеста материја, четири шишиња со течност со темно зелена боја. В.И. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
Денеска (30.03.2023) околу 02.10 часот на Регионалниот пат 1102, кај клучка Градско, полициски службеници од Полициска канцеларија Градско дале знак за запирање на две возила „бмв“ со кавадаречки регистерски ознаки, но тие не ја испочитувале наредбата и продолжиле со движење на возилата. Набргу, по преземени мерки од страна на полициските службеници, биле лишени од слобода С.Ѓ.(23) од Кавадарци и Р.С.(22) од село Бојанчиште, кавадаречко, кои ги управувале возилата, а нешто подоцна, околу 03.10 часот при проверка на теренот биле пронајдени 5 лица мигранти од Конго. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 29.03.2023 во 07.30 часот во Полициска станица Чаир, било пријавено дека во објект на фирма на подрачје на Чаир, сопственост на Ј.С. неколку лица со употреба на алат влегле внатре и одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29.03.2023 во 21.50 часот на Плоштад Македонија од полициски службеници од Полициската станица Центар бил приведен Б.Г. од Скопје поради тоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија, а исто така при извршен преглед кај него бил пронајден и одземен нож. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 29.03.2023 во 17.50 часот било пријавено дека околу 17.00 часот на подрачјето на Центар двајца малолетници од Скопје биле физички нападнати од Љ.А.(63) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 29.03.2023 во 16.35 часот во Полициската станица Гази Баба од СОС Детско село било пријавено дека од домот се оддалечила Р.И.(17) која и претходно се оддалечувала и била враќана назад. Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Одделението за прекуграничне криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против К.Н. (25) од Скопје поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти”. На 12.10.2022 во близина на с. Казандол пријавениот со патничко возило „алфа ромео“, прифатил шест мигранти од Сирија, без документи, а откако ги забележал полициските службеници од Полициска станица „Стар Дојран“, се дал во бегство, по што кај место викано „Чапарица“ во с. Казандол возилото било пронајдено, а во близина биле пронајдени и шестмината мигранти. На 28.03.2023 пријавениот бил лишен од слобода од полициски службеници од СВР Скопје, а од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје му е изречена мерка куќен притвор.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Б.Л. (30) од Кичево поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.12.2022 во Кичево, на ул. „Борис Кидрич“, во домот на пријавениот по извршен претрес била пронајдена и одземена марихуана.
На 29.03.2023 во 10,11 часот во СВР Скопје е пријавено дека од спортска обложувалница на подрачје на Бит Пазар две лица со закана од вработен одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.В. (20) од Струмица поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“. На 14.03.2023 на пат граничен премин „Табановце“- Куманово, пријавениот бил затекнат како врши јавен превоз со патничко возило комби „мерцедес“, без регистрирана дејност во својство на физичко лице, со намера да се стекне со противправна имотна корист.
На 30.03.2023 околу 02,30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во дом на подрачје на Чаир две лица, од кои едното употребило остар предмет, го нападнале А.К.(34) , при што му одзеле и пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против В.С. (37) од Кочани, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Во временски период од 03.10.2022 до 21.11.2022 пријавениот, без знаење и дозвола на П.Д. од Штип, ги обезбедил и искористил неговите лични податоци и телефонски број и извршил онлајн нарачки на разни производи од 20 правни лица на 34 производи, кои од негова страна не се подигнати. Покрај ова пријавениот, повеќе пати се обидел во име на оштетениот да се регистрира на веб страната на телефонски оператор, каде во негово име регистрирал и четири телефонски броеви. Исто така пријавениот, креирал и профил на социјалната мрежа „Facebook“.
Денеска (30.03.2023) Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Секторите за внатрешни работи Велес, Скопје и Тетово, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава против 10 лица, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривични дела „трговија со дете“ (член 418-г став 1 и 3), „производство и дистрибуција на детска порнографија“ (член 193 став 3) и „полова злоупотреба на немоќно лице“ (член 187 став 2 вв став 1) од Кривичен законик. Претходно, на 26.01.2023 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.Д.(25) од Велес за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 1 и ст. 3), Д.С. (32) од Тетово за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 3 в.в. ст. 1) и Д.Н. (25), Т.И. (22) и К.Т. (24) од Велес, за сторено кривично дело „трговија со дете“ (чл. 418-г ст. 3) од Кривичниот законик, за што од страна на Судија на претходна постапка, на С.Д., Д.С., Д.Н. и Т.И. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на К.Т. му е одредена мерка куќен притвор.По преземени понатамошни мерки и активности од страна на НЕСКМТЛ во содејство со надлежното ОЈО за ГОКК, утврдени се и други лица, на кои се однесува денешната кривична пријава, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривичните дела. Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, на подрачјето на Велес, Тетово и Скопје извршени се претреси во дом и други простории кај пријавените лица, при што девет лица се лишени од слобода, а по едно лице, кое се наоѓа надвор од државата, се трага. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се мобилни телефонски апарати, марихуана, гасен пиштол и други предмети кои се предмет на кривично дело. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата Д.П.Т.(23), А.З.(25), Р.А.(27), Т.Л.(26), С.Н.(25), сите од Велес и Р.В.(21) од Скопје за сторено кривично дело „трговија со дете“ од член 418-г став 3 од КЗ, А.Ф.(22). и Б.Ф.(27) двајцата од Велес за сторено кривично дело „полова злоупотреба на немоќно лице“ од член 187 став 2 вв став 1 од КЗ, К.Б.(31) од Велес и Б.П.(31) од Тетово за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ од член 193 став 3 од Кривичниот законик.