Извадок на дел од дневни настани 29.03.2023

Денеска (29.03.2023) полициски службеници од полициската станица од општа надлежност Битола на ул. „Панде Илковски“ во Битола го лишиле од слобода Н.Т.(22) од Битола. При преглед кај него биле пронајдени и одземени две ќеси со марихуана. По документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 29.03.2023 во 00.20 часот во с.Волково, скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода З.С.(23) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

Ноќеска (29.03.2023) околу 02.10 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 27-годишниот тетовец И.М.. Тој се сомничи дека претходно извршил кражба од товарно моторно возило „ман“ со тетовски регистарски ознаки, кое било паркирано во тетовско Пршовце. И.М. е задржан во Полициската станица Тетово и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 28.03.2023 во СВР Битола, С.Н.(42) од с.Кукуречани, битолско, пријави дека во нива во атарот на с.Могила пронашол артилериска граната кал.75 мм од Првата светска војна. Гранатата е безбедно подигната од страна на пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување.

 

Во текот на вчерашниот ден (28.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 170 возачи. Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 102 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 68 надвор од населено место.

 

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (28.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 152 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 28 санкции, 17 мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за непрописно престројување на возила. Изречени се шест мерки за користење мобилен телефон при возење, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), три мерки за вградени неатестирани фолии (затемнети стакла), пет санкции за некористење сигурносен појас...

На 28.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 29 прекршоци, од кои 19 надвор од населено место и 10 во населено место. Санкционирани биле и 58 други видови на прекршоци, од кои 7 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило, 2 за технички неисправно возило, 19 за некористење сигурносен појас, 12 за прекршоци сторени од пешаци, 16 за непрописно паркирање и 1 за непрописно вградени фолии.

 

СВР Тетово на 28.03.2023 од 10.00 до 16.00 часот спроведе сообраќајнo контролнa активност, во чие средиште беше користењето на сигурносни појасни и на мобилни телефони. При контролата биле откриени и адекватно санкционирани вкупно 14 возачи (ТЕ-7 и ГВ-7) кои ги управувале возилата без да бидат врзани со сигурносни појаси. Покрај ова, санкционирани се и 12 возачи (ТЕ) кои зборувале на мобилен телефон додека возеле и 2 возачи (ТЕ) кои не поседувале возачки дозволи. На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби кои за некористење на појас изнесуваат 40 евра за возач и 50 евра во денарска противвредност за сопатник, а 40 евра, исто така, е и глобата за зборување на мобилен телефон при возење.

На 29.03.2023 во 00.44 часот во СВР Скопје од Бригадата за противпожарна заштита било пријавено дека на ул.„Жданец“ настанал пожар во барака, при што опожарен бил предниот дел од бараката, дел од фасадата и градежен шут во нејзина близина. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита.

 

На 28.03.2023 во 17.25 часот во Полициската станица Аеродром, Л.Н.Т.(37) од Скопје пријавила дека на бул.„Јане Сандански“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

 

На 28.03.2023 во 20.20 часот во Полициската станица Карпош, А.Д.(50) од Скопје пријавил дека во Градскиот парк во Скопје бил каснат од куче скитник.

 

На 28.03.2023 во 11.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Л.Ј.(70) од Скопје пријавила дека на ул.„Лука Геров“ била касната од куче скитник. 

Денеска (29.03.2023) ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против Б.С.(34) и Ј.С.(60), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека извршиле кривично дело „давање поткуп‘‘, предвиден и казнив по член 358 став 1 од Кривичниот законик. Двете лица кривичното дело го сториле на 29.12.2022 околу 09.30 часот во Општина Кавадарци, при што на вработена во Одделението за урбанизам, дале поткуп во износ од 500 евра во апоени од по 100 евра, со цел да не изврши службено дејствие кое морала да го изврши – надзор врз градежни работи.

На 28.03.2023 во 16.30 часот во Полициска станица Центар, З.Г.(43) од Скопје пријавила дека околу 13.00 часот, пред угостителски објект на подрачјето на Центар, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од еден малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.03.2023 околу 17.30 часот во СВР Скопје, А.Н. пријавил дека на 26.03.2023 околу 14.00 часот, во неговиот двор во с.Стајковци, скопско, по претходно недоразбирање, неговиот сосед И.С. се однесувал агресивно и со остар предмет замавнал кон него, по што А.Н., бранејќи се, го турнал И.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 29.03.2023 во 04.59 часот во СВР Скопје било пријавено дека во куќа на ул.„Црниче“, сопственост на С.С.(47), настанал пожар. Пожарот е изгаснат од противпожарната единица Скопје. Увид ќе биде извршен од екипа од СВР Скопје.

На 29.03.2023 во 01.00 часот Д.И.(22) од с.Долно Количани, скопско, пријавила дека околу 00.50 часот на паркинг на подрачјето на Чаир таа и нејзината пријателка биле физички нападнати од А.Ќ.(24) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 28.03.2023 во 11.35 часот, Г.З.(43) од гостиварско Дебреше во СВР Тетово пријавила дека во близина на селското училиште била касната од куче скитник.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Б.Л.(30) од Кичево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претрес извршен во неговиот дом, со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана.

Денеска (29.03.2023) во периодот од 06.00 до 10.00 часот на територијата на Република Северна Македонија спроведена е акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици. При контролата констатирани се 15 сообраќајни прекршоци, а на вонреден технички преглед биле упатени 10 возила. Сообраќајните контроли за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома продолжуваат и во наредните денови.

На 29.03.2023 во 05.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во куќа на ул.„Богомилски поход“, сопственост на Б.П.(50), каде престојувал С.Т.(73) од Штип, настанал пожар, при што бил опожарен инвентарот. Поради вдишување на чад, С.Т. е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, а пожарот е изгаснат од противпожарната единица Скопје. Увид врши екипа од СВР Скопје.

На 28.03.2023 во 19.10 часот, Џ.А.(28) од Кичево во полициска станица пријави дека на улицата „Прилепска“ во Кичево неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.П.(43) од Р.Србија, со привремено престојувалиште во Гевгелија и правно лице од Гевгелија, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела казниви по член 95-в став 2 во врска со став 1 и член 95-в став 1 од Законот за опојни дроги и психотропни супстанци. Имено, пријавениот В.П. на 15.02.2023 не постапил согласно член 29-г од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, така што не ги евидентирал и пријавил до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на канабисот, кои биле претходно планирани во елаборатот.

На 28.03.2023 во 11.11 часот било пријавено дека во с.Ново Село, скопско, настанал пожар во куќа сопственост на Г.С.(51). Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а повредени лица нема. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот.

На 28.03.2023 во 13.00 часот во СВР Тетово, 44-годишната тетовка С.А. пријавила дека нејзината малолетна ќерка на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово била касната од куче скитник.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ј.З.(54) од Делчево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „симнување или оштетување на службен знак или печат“. Пријавениот, во периодот од 17.02. до 14.03.2023 година, постапил спротивно на Записник за забрана за градба, издаден од Општина Делчево, односно неовластено го симнал известувањето на градилиштето „Општина Делчево - затворено од градежна инспекција“ и ангажирал шест лица за изведување на градежни работи.

На 28.03.2023 во 09.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во спортска обложувалница на подрачјето на Гази Баба едно лице со закана од вработената одзело пари. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Велес поднесе кривична пријава против Ј.М. (21), поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. На 22.12.2022 околу 10.30 часот во близина на Градскиот пазар во Велес, при извршен преглед кај пријавениот и претрес во неговиот дом, од страна на полициски службеници билa пронајденa марихуана.

На 29.03.2023 околу 00,30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје, билo опожарено патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на И.Ф.(34) од Скопје. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Ц.(32) од Куманово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. На 10.07.2022 во 23.30 часот, во угостителски објект во Куманово, при преглед кај пријавениот биле пронајдени марихуана и мешавина од марихуана и тутун.