Извадок на дел од дневни настани 23.03.2023

На 22.03.2023 во 17.40 часот во Куманово, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово го лишиле од слобода А.М.(27) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и предмети со остатоци од марихуана. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.03.2023 во 23.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Е.И.(37) од Куманово. Тој бил баран по потерница, врз основа на судска наредба, за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

На 22.03.2023 во 22.30 часот на подрачје на Карпош, полициски службеници ги лишиле од слобода М.Л.(42) и Н.С.(40), двајцата од Скопје, затоа што кај М.Л. била пронајдена и одземена марихуана, а кај Н.С. била пронајдена и одземена грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 22.03.2023 околу 18.00 часот, полициски службеници од СВР Охрид ги привеле С.Ѓ.(38) и Х.Г.(40), двајцата од Охрид. При преглед во патничко возило „опел астра“ со охридски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.03.2023 околу 18.50 часот на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 21-годишниот А.И. од с.Матејче, општина Липково, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 22.03.2023 околу 12.00 часот на улица „Цветан Димов“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода двајца малолетници, затоа што кај нив била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (22.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 201 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 46 санкции, 16 мерки за возење без возачка дозвола, пет санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се три мерки за користење мобилен телефон при возење, 10 санкции за непрописно престројување на возила, три мерки за вградени неатестирани фолии (затемнети стакла), шест санкции за недавање првенство на минување на пешаци, четири мерки за возач почетник...

Во текот на вчерашниот ден (22.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 196 возачи. Од нив 18 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 103 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 93 надвор од населено место.

Во текот на вчерашниот ден (22.03.2023), во периодот од 10.00 до 14.00 часот, Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола за санкционирање на возила кои непрописно престигнуваат на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 93 возачи. Од нив, 26 на територијата на СВР Охрид, 20 на територија на СВР Тетово... За време на контролата санкционирани се и 138 други видови на прекршоци.

На 22.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, од кои 13 надвор од населено место и 7 во населено место. Санкционирани биле и 20 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 6 за непрописно престигнување, 1 за некористење сигурносен појас, 5 за користење мобилен телефон и 2 за непрописно паркирање.

На 22.03.2023 во 12.30 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на влез за с.Климештани, општина Дебрца, патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки, управувано од С.М.(60) од Охрид, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ф.Х.А.(62) од Охрид констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Охрид.

На 22.03.2023 во 15.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, Г.К.(45) од с.Ракотинци, скопско, пријавил дека во с.Ракотинци неговиот син бил каснат од куче скитник.

На 22.03.2023 околу 23.30 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Виница-с.Смојмирово, беровско, во с.Манчево, беровско, патничко возило „фолксваген туран“ со беровски регистарски ознаки, управувано од С.Л.(58) од с.Будинарци, беровско излетало од патот. По несреќата, С.Л. бил пренесен во Медицински центар Штип, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Штип.

На 22.03.2023 во 21.30 часот во Полициската станица Гази Баба, В.Д.(84) од Скопје пријавила дека на ул.„Коце Металец“ била касната од куче скитник.

Денеска (23.03.2023) во населба Гази Баба, Скопје, полициски службеници од Сектор за меѓународна полициска соработка – Сектор за потраги го лишиле од слобода К.И.(34) од Скопје. Тој бил баран по потерница врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 за издржување на казна затвор од една година за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.

Денеска (23.03.2023) во 10.00 часот, службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово го лишиле од слобода Б.Ѓ.(34) од Куманово. При преглед во неговото возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки била пронајдена марихуана, додека при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени неколку пакувања со марихуана. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Т.(37) од Охрид поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претрес извршен во неговиот дом по судска наредба, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана и шприц со смола од хашиш.

На 22.03.2023 во рамките на акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз во Полошкиот регион, на регионалниот пат Тетово-Пирок биле запрени три комбиња „форд транзит“ со тетовски регистарски ознаки, што ги управувале Н.Н.(58) од тетовско Боговиње, М.М.(52) од тетовско Горно Палчиште и М.С.(63) од тетовско Долно Палчиште. Тројцата возачи не поседувале документи за вршење јавен превоз и ќе им бидат изготвени поднесоци по член 284-а од Кривичниот законик.

На 22.03.2023 во 11.10 часот во ОВР Кичево било пријавено дека во Општата болница во Кичево со повреди бил донесен Б.М.(34) од село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи во фирма во Кичево. Увид бил извршен и за настанот бил запознаен трудов инспектор.

На 22.03.2023 околу 23.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на бул.„Илинден“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.М.(40). Од пожарот било зафатено и патничко возило „тојота селика“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.М.(40) од Скопје. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

На 22.03.2023 во СВР Велес, 70-годишен велешанец пријавил дека на 12.03.2023 бил измамен од едно лице за сума од 5.000 денари. Според пријавеното, лицето му понудило огревни дрва по цена од 3.500 денари за кубен метар и му побарало капар од 5.000 денари, кои тој му ги дал, а дрвата се уште не му биле донесени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Отсекот за економски криминал при СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Ј.(49) од Република Србија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“ по член 268 од Кривичниот законик. Пријавениот набавил фалсификувана банкнота во апоен од 100 евра и откако остварил влез во државата преку граничен премин Табановце, на бензинска пумпа на автопатот Табановце- Куманово извршил размена со фалсификуваната банкнота.

На 22.03.2023 во Полициското одделение Петровец, В.Д.(30) од Република Србија, со престој во с.Зелениково, скопско, пријавила дека околу 14,40 часот на локален пат во општина Петровец, по претходно недоразбирање во сообраќајот, била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 22.03.2023 во Полициската станица Ѓорче Петров се пријавила Т.С.(51) од с.Волково, скопско, за која на 21.03.2023 во 09.30 часот нејзиниот сопруг М.С.(65) пријавил дека се оддалечила од домот.

На 22.03.2023 во 14.50 часот во СВР Тетово, 46-годишниот тетовец А.А. пријавил дека на улица „Мурат Бафтијари“ во Тетово бил каснат од куче скитник.

На 22.03.2023 во 17.58 часот во ОВР Кочани било пријавено дека во с.Зрновци, кочанско, малолетник бил каснат од куче домашен миленик.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Џ.А.(28) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда при семејно насилство“. На 22.01.2023 во семејната куќа во Гостивар пријавениот физички ја нападнал неговата мајка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л.И.(53) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата “. На 06.03.2023 во основно училиште во Гостивар, пријавената – наставничка во училиште, за време на час физички нападнала еден ученик.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.П.(42) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 16.11.2022 во Свети Николе, полициски службеници извршиле преглед над лице од Свети Николе, при што пронашле и одзеле шишенца со метадон, кои ги купил од пријавениот.


СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ж.Ј.(53) од село Радиовце, тетовско, С.Т.(46) од Куманово и Љ.Т.(61) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина”, а против Ж.Ј. и поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело”. Во октомври 2015 година првопријавениот Ж.Ј. увезол употребено товарно моторно возило „фолксваген“ кое не ги исполнувало еуро стандардите. По ова, искористувајќи го законскиот исклучок предвиден во Законот за возила, во име на второпријавениот С.Т. направиле странски купопродажен договор со невистинита содржина со датум 25.12.2013 за товарното возило во кој купувач бил второпријавениот С.Т. од Куманово и ја започнале процедурата за регистрација на возилото и во Бирото за метрологија се стекнале со Потврда за отворање на постапка со која се исполнува статутот на повратник. После тоа, Љ.Т. го заверил кај нотар фиктивниот странски купопродажен договор, а потоа до Одделот за управни работи Тетово поднеле барање за регистрација и истите документи ги приложиле и во станица за технички преглед и го регистрирале возилото. Откако го регистрирал возилото, првопријавениот го продал на лице од село Врапчиште.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Ш.(59) од Кичево и Л.С.(44) од село Горно Строгомиште поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, а против А.Ш. и поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело“. Во текот на август 2016 година првопријавениот увезол половно товарно возило, кое го купил во САД, а кое не ги исполнувало еуро стандардите. По ова, искористувајќи го законскиот исклучок предвиден во Законот за возила заедно со второ пријавениот Л.С. направиле измени во сообраќајната дозвола каде се наведува дека Л.С. е сопственик на возилото од 30.09.2015. Потоа, во Бирото за метрологија добиле Потврда за отворање на постапка за идентификација и ја поминале втората фаза за регистрација на возилото и на 17.08.2016 во станица за технички преглед ја приложиле и фалсификуваната сообраќајна дозвола со што се стекнале со потребната документација за регистрација на возилото. Возилото било регистрирано со тетовски регистарски ознаки на име на лице од село Џепчиште, тетовско, на кое првопријавениот преку ополномоштено лице му го продал товарното возило.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Е.(54) од Тетово, со привремена работа во Швајцарија и Љ.Т.(51) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, против И.Ј.(77) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ во врска со „употреба на исправа со невистинита содржина“, против В.Ј.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, а против Д.Е. и поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело“. Во октомври 2016 година пријавените Д.Е. и Љ.Т. изготвиле лажен купопродажен договор во кој Д.Е. се јавува како продавач, а трето пријавениот И.Ј. како купувач на патничко возило во Швајцарија. По ова, од И.Ј. добиле потврда за пријавен престој, издадена од Отсекот за управни работи Охрид, со која се потврдува дека И.Ј. престојувал во странство подолго од три месеци, а потоа го искористиле законскиот исклучок од Закон за возила и на негово во Бирото за метрологија го употребиле лажниот странски купопродажен договор, кој претходно бил заверен на нотар, и добиле потврда за повратник во име на третопријавениот. Првопријавениот, пред да се изврши регистрација, возилото го продал на лице од Тетово, по што во Отсекот за управни работи Тетово било поднесено барање за регистрација на возилото. Пријавениот В.Ј., вработен во станица за технички преглед, иако не смеел да издаде согласност за регистрација за возилото, постапил спротивно на нивните овластувања и овозможил да биде регистрирано.