На 15.03.2023 полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Д.Л.(44) од Велес. При претрес во неговиот дом во Велес, извршен по наредба од Основен суд Велес, биле пронајдени и одземени пакување со марихуана и дигитална вага. Лицето е приведено во Полициската станица во Велес и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.
На 15.03.2023 во 13.45 часот, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Р.(24) од Скопје. При претрес во неговиот дом на подрачјето на Бит Пазар, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и засадено растение канабис. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 15.03.2023 полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода А.С.(30) од Велес. Тој се сомничи дека со подесен алат влегол во објект на правно лице на ул.„Алексо Дамниевски Бауман”, одзел повеќе предмети и демонтирал електрични инсталации. Лицето било приведено во Полициската станица во Велес и по целосно документирање на настанот ќе следи соодветна пријава.
Полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.Р.(27) од Куманово. Тој се сомничи дека изминатиот месец извршил пет кражби од приватни имоти. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
Полициски службеници на СВР Тетово на 15.03.2023 околу 23.55 часот, на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, ги лишиле од слобода М.К.(31) од Кратово и Т.Д.(22) од Скопје, затоа што им биле пронајдени и одземени кокаин и марихуана. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.
На 15.03.2023 во 13.30 часот на подрачјето на Карпош, од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје бил лишен малолетник од Скопје, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 15.03.2023 околу 13.10 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 23-годишниот тетовец Д.Л. кај кого била пронајдена и одземена марихуана и на кого ќе му биде изготвен поднесок.
На 15.03.2023 во 17.40 часот на подрачјето на Карпош, од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје бил лишен малолетник од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени марихуана и палка. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Денеска (16.03.2023) во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А., поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот. Во врска со случајот од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел добивање насоки за понатамошни мерки и активности.
На 15.03.2023 во 18.40 часот на Граничниот премин „Меѓународен аеродром“ - Скопје при извршена пасошка контрола на А.К.(33) од Швајцарија било констатирано дека го пречекорил дозволениот туристички престој во државата. Тој бил приведен и задржан за понатамошна постапка.
Во текот на вчерашниот ден (15.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 156 возачи. Од нив три возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 105 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 51 надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (15.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 172 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 38 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се пет мерки за користење мобилен телефон при возење, девет санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест мерки за некористење сигурносен појас...
Во текот на вчерашниот ден (15.03.2023), во периодот од 12.00 до 16.00 часот, на територијата на Република Северна Македонија спроведена е акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици. При контролата констатирани се 55 сообраќајни прекршоци, од кои шест за користење мобилен телефон при возење, четири за нерегистрирано возило, а на вонреден технички преглед било упатено 21 возило.
Полициски службеници од СВР Тетово во вчерашната акциска контрола (15.03.2023) реализирана од 14.00 до 20.00 часот, вкупно откриле и законски санкционирале 11 технички неисправни возила (ТЕ-6 и ГВ-5). Десет од нив имале неисправни сопирачки (ТЕ-6 и ГВ-4), а 1 (ГВ) неисправни други уреди и системи. Покрај ова, со соодветни поднесоци биле санкционирани и 4 возачи кои ги управувале возилата без положен возачки испит, 1 возач-почетник (ТЕ) кој не се придржувал на законски предвидените ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот, 6 возачи (ТЕ-5 и ГВ-1) со важечка забрана за управување, 3 возачи (ТЕ) кои не носеле возачка дозвола и 1 (ТЕ) кој го управувал возилото под дејство на алкохол. Во контролата, исто така, биле констатирани и санкционирани и 8 (ГВ) други видови сообраќајни прекршоци.
На 15.03.2023 година во 20.00 часот во Прилеп, на бул.„Гоце Делчев“ со ул.„Ристо Секирчанец“, товарно возило „фиат“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од Љ.И. (61) удрило во пешакот В.Н. (64) од Прилеп. Во несреќата В.Н. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Градска болница – Прилеп. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Прилеп.
На 15.03.2023 во 10.45 часот во Полициската станица Аеродром, Ѓ.Ј.(67) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.
На 15.03.2023 во 17.25 часот во Полициската станица Карпош, Т.Ш.(26) од Скопје пријавила дека на бул.„8 Септември“ била касната од куче скитник.
На 15.03.2023 во 17.15 часот во Полициското одделение Мирковци, С.С.(77) од с.Глуво, скопско, пријавил дека на место викано Орашец, атар на с.Глуво, бил каснат од куче.
Денеска (16.03.2023) околу 10.45 часот од полициски службеници од СВР Струмица лишен е од слобода М.Т.(44) од Струмица. При претрес извршен со наредба од Основен суд Струмица во дом и други простории кај М.Т., биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, црна грутчеста материја, таблетки, растителна материја. Лицето е приведено во СВР Струмица, за случајот е известен Јавен обвинител од ОЈО Струмица и по негово комплетно документирање против М.Т. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 15.03.2023 полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Б.С.(47) од с.Теранци. Тој се сомничи дека на 12.03.2023 од камп приколка лоцирана во место викано „Нари“, атар на с.Крњево, одзел разновиден алат. Лицето е приведено во Полициската станица во Кавадарци и по целосно документирање на настанот ќе следи соодветна пријава.
На 15.03.2023 во 18.00 часот Ф.С.(49) од Скопје пријавил дека околу 10.00 часот во средно училиште на подрачјето на Бит Пазар, неговата малолетна ќерка била физички нападната од Ф.Ќ., професор во училиштето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 15.03.2023 во 13.50 часот во Полициската станица Аеродром, Г.Н.(52) од Скопје пријавил дека на бул.„АСНОМ“ бил каснат од куче скитник.
На 15.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 7 прекршоци, сите во населено место. Санкционирани биле и 37 други видови на прекршоци, од кои 15 за управување возило без возачка дозвола, 6 за нерегистрирано возило, 2 за технички неисправно возило, 1 за возач почетник, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за непрописно престигнување, 1 за некористење сигурносен појас, 6 за непрописно паркирање и 3 за непрописно вградени фолии.
На 15.03.2023 година во 13.50 часот, А.А.(47) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улицата „Мирка Настеска“ во Кичево била касната од куче скитник.
На 16.03.2023 во 04.27 часот во Полициската станица во Велес било пријавено дека во куќа на улица „Коле Цветков" во Велес настанал пожар. Во куќата бил пронајден починат сопственикот М.Ц.(58) од Велес, кој настрадал во пожарот. Лекар од Итна медицинска помош од Велес констатирал смрт, а пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Велес. Увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.
На 15.03.2023 во 14.20 часот, Ј.С.(64) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека на улица „Благоја Тоска“ во Тетово бил каснат од куче скитник.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Џ.Ј.(58) од кичевското село Зајас, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола извршена на 01.03.2023 во 12.30 часот, на магистралниот пат Кичево - Гостивар, во близина на с. Трапчин дол, полициските службеници го затекнале пријавениот при управување на такси возило со кое, без лиценца од надлежен државен орган, вршел превоз на патници во внатрешниот сообраќај.
На 15.03.2023 во 19.15 часот на подрачјето на Кисела Вода од полициски службеници од Единица за насилен криминал - Одделение за семејно насилство бил лишен од слобода Б.П.(59) од Скопје, затоа што околу 16.30 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 18-годишна ќерка, при што употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 16.03.2023 во 00.10 часот И.А.(35) од Скопје пријавила дека на 15.03.2023 околу 23.30 часот на подрачјето на Аеродром била физички нападната од Д.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(19) од кичевското село Колари, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен на улицата „Јанко Михајлоски“ во Кичево, полициските службеници кај него пронашле и одзеле марихуана.
На 15.03.2023 во 15.45 часот Ј.Ѓ.(30) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од З.Т.(56) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 15.03.2023 во 13.30 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен Ј.М.(30) од Скопје. Според пријавеното, тој со повредите се здобил додека извршувал работни задачи во фирма на подрачјето на Чаир. Полициски службеници извршиле разговор со повредениот, а за случајот е известен и трудов инспектор.
На 15.03.2023 во 12.47 часот П.З.(49) од Скопје пријавил дека околу 09.20 часот во средно училиште на подрачјето на Аеродром, по претходна расправија, неговата ќерка била нападната со тврд предмет од нејзина соученичка. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против П.Б.(63) од Дебар, поради постоење основано сомнение за сторено казнено дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола извршена на 27.02.2023 на улицата „Вељко Влаховиќ“ во Дебар, полициските службеници го затекнале пријавениот при управување на такси возило со кое, без лиценца од надлежен државен орган, вршел превоз на патници во внатрешниот сообраќај.
На 15.03.2023 околу 23.41 часот во Полициско одделение Новаци било пријавено дека во близина на с.Мусинци, битолско, Д.Р. бил физички нападнат од Д.А. од с.Мусинци, со кого се познавале, при што му одзел пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Штип поднесе кривична пријава против С.Г.(31) и К.Г.(32), двајцата од Велес, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 02.03.2022 првопријавената С.Г., по претходен договор, преку карго пошта, во пакет заедно со други продукти му испратила хероин на нејзиниот сопруг, второпријавениот К.Г., кој бил на издржување казна затвор во Казнено-поправен дом Штип, а при извршен преглед од вработени во затворот хероинот бил откриен и одземен.
Денеска (16.03.2023) во СВР Скопје е пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила било влезено во два угостителски објекта и во објект на Културно-информативен центар на Република Бугарија, на подрачјето на Центар во Скопје, при што од угостителските објекти биле одземени пари, а од Центарот е одземен еден монитор од компјутер. Увид извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во текот на вчерашниот ден (15.03.2023) во периодот од 14.00 до 20.00 часот од страна на секторите за внатрешни работи и патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, спроведена е акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на цела држава. При контролата, санкционирани се 58 возачи. Од нив, 23 санкции за возење без возачка дозвола, седум мерки поради возење за време на прекршочна санкција (забрана за управување со моторно возило)... Во однос на возилата кај 55 констатирани се неправилности и преземени се мерки, од кои 12 за неисправни сопирачки, пет поради измината важност на сообраќајната дозвола... За време на контролата санкционирани се и 118 други видови на прекршоци.
На 15.03.2023 во 14.00 часот во Полициската станица Карпош од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечила нивната штитеничка И.П.(17), која и претходно се оддалечувала и била враќана назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против Р.В.(20) од с.Василево, струмичко, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 14.03.2023 на Граничен премин „Табановце“ било констатирано дека пријавениот, кој управувал патничко возило комби „мерцедес’’, вршел јавен превоз на патници во патен сообраќај без лиценца.