Дневни билтени

Извадок на дел од дневните настани 07.03.2023


Денеска (07.03.2023) во 09.50 часот во Лисиче, скопско, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје ја лишиле од слобода Б.Д.(24) од Скопје. Таа била барана по централна потерница врз основа на наредба на Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело „затајување“ по член 239 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 06.03.2023 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова“ во Скопје пет лица, облечени во црна облека со фантомки, од огнено оружје пукале кон Ј.К.(37) и Е.И.(28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на лице место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди а6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството.

На 06.03.2023 во 14.20 часот, полициски службеници од ОВР Струга, со судска наредба, го лишиле од слобода И.С.(36) од струшкото село Радожда. Тој бил баран со потерница за издржување затворска казна, по што бил спроведен во Казнено-поправната установа - Затвор Струга за издржување на казната.

На 07.03.2023 околу 02.30 часот во гостиварска Бањешница, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 27-годишниот гостиварец А.С.. Тој се сомничи дека е инволвиран во повеќе кражби на подрачјето и во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Се документира случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 06.03.2023 во 12.15 часот во с.Студеничани, скопско, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Аеродром и Драчево - СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од истото село, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 06.03.2023 во 12.20 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.С.(40) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 07.03.2023 во 01.30 часот во ученички дом во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола ги лишиле од слобода Љ.С.(18) од Кавадарци и К.Т.(18) од Неготино, двете со живеалиште во с.Корешница, демиркаписко, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 06.03.2023 околу 22.00 часот на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Д.М.(27) и 26-годишната А.М., двајцата од Тетово, затоа што при преглед кај нив, кај Д.М. била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде изготвен соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (06.03.2023), во периодот од 06.00 до 10.00 часот, на територијата на Република Северна Македонија спроведена е акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици, преглед на средношколци пред влегување во училишта, угостителски објекти и игри на среќа во непосредна близина на училиштата. При контролата приведено е едно малолетно лице од Скопје по Закон за оружје член 80 став 3, кај кого при преглед бил пронајден електро шок. При контролата санкционирани се 30 возачи поради сторени сообраќајни прекршоци, од кои 12 за возење без возачка дозвола...

Во текот на вчерашниот ден (06.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 199 возачи. Од нив 11 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 108 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 91 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (06.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 156 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 22 санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло). Изречени се седум мерки за користење мобилен телефон при возење, девет санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила, седум мерки за недавање првенство на минување на пешаци, пет санкции за возач почетник...

На 06.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 25 прекршоци, од кои 13 надвор од населено место и 12 во населено место. Санкционирани биле и 19 други видови на прекршоци, од кои 8 за управување возило без возачка дозвола, 2 за технички неисправно возило, 1 нерегистрирано возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 3 за некористење сигурносен појас и 4 за непрописно паркирање.

На 06.03.2023 во периодот од 08.00 до 12.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола на товарни возила, во која биле откриени и санкционирани 8 технички неисправни возила (ТЕ-2 и ГВ-6). Седум од контролираните возила имале неисправни сопирачки (ТЕ-2 и ГВ-5), а 1 (ГВ) неисправни други уреди и опрема. При контролата е констатирано и дека две возила (ТЕ) не се јавиле на технички преглед. Покрај ова, 1 возило (ТЕ) било со истечена регистрација, а кај 2(ТЕ) бил констатиран претовар и кај исто толку (ТЕ) други недостатоци. Санкционирани, исто така, биле 4 возачи (ТЕ) за погрешно паркирање, 1 (ТЕ) за непоседување на возачка дозвола, како и 4 (ГВ) други видови сообраќајни прекршоци.

На 06.03.2023 во 19.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Воин Драшковци“ во Скопје, патничко возило „опел зафира“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С.(56) од Скопје, излегло од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 06.03.2023 во 08.40 часот во Полициското одделение Мирковци, М.Н.(55) од Скопје пријавила дека во с.Мирковци била касната од куче скитник.

На 06.03.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, В.С.(26) од Валандово, со престој во Скопје, пријавила дека на ул.„Лука Геров“ била касната од куче скитник.

На 06.03.2023 во 19.20 часот во Полициската станица Аеродром, Е.Т.(20) од Скопје пријавила дека на бул.„Трета македонска бригада“ била касната од куче скитник.

На 06.03.2023 во 13.20 часот, полициски службеници од Полициската станица Чаир ја лишиле од слобода Ф.Е.(39) од Скопје. Таа се сомничи дека околу 11.30 часот физички ја нападнала В.Д.(80) од Скопје во нејзиниот дом на подрачјето на Чаир и ѝ одзела пари. Одземените пари биле пронајдени и вратени на сопственичката, а Ф.Е. била задржана во полициска станица. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 06.03.2023 полициски службеници од ОВР Делчево го лишиле од слобода И.Г.(30) во с.Моштица, општина Македонска Каменица. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени воздушна пушка „Умарех“ калибар 4,5 мм, метална цевка од ловечка пушка со должина од 35 см, метална цевка со должина од 55 см и кутија со 119 дијаболи. Тој бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.М.(49) од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на социјалната мрежа Фејсбук, на објава поставена од еден портал, објавил коментар со содржина со која промовирал и поттикнувал омраза и насилство.

При преземање службени задачи, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола и Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Демир Хисар на место викано „Железнец“, атар на с.Сопотница, демирхисарско, затекнале товарно возило „мерцедес“ со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(27) од с.Обедник, демирхисарско, кое било натоварено со околу 19 метри просторно огревно дрво без соодветна документација. Дрвата и возилото се одземени и предадени на Шумска полиција - Демир Хисар. Притоа, било утврдено дека дрвата ги превезува од склад на шумско претпријатие во с.Сопотница до склад на приватна фирма во истото село. Полициски службеници извршиле контрола и во складот на фирмата, при што пронашле уште 20 метри просторно огревно дрво кои, исто така, биле предадени на Шумска полиција - Демир Хисар. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 06.03.2023 во близина на охридското село Косел биле затекнати С.М.(23), М.Е.(23), Х.Х.(23), сите од Сирија, како и А.М.А.(24) од Палестина. Поради остварен илегален влез во државата, а во согласност со Законот за гранична контрола, тие биле приведени, а потоа спроведени во прифатно-транзитен центар во Гевгелија за натамошна постапка.

На 06.03.2023, Г.К.(23) од Струга во полициска станица пријавила дека на улица „Елпида Караманди“ во Струга била касната од куче скитник.


На 06.03.2023 во 14.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ со повреди бил донесен Х.Н.(25) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фирма на подрачјето на Петровец. Полициски службеници извршиле увид, а за настанот бил запознаен трудов инспектор. Се работи на расчистување на случајот.

На 06.03.2023 во 16.00 часот во Полициската станица Карпош, М.Б.(38) од Скопје пријавил дека на ул.„Будимпештанска“ бил каснат од куче скитник.

На 06.03.2023 во 14.30 часот во СВР Скопје, Б.С.(55) од Скопје пријавила дека во населбата Маџари, во автобус на ЈСП, додека таа и нејзиниот колега С.Ф.(59) од Скопје извршувале работни задачи како контролори, биле физички нападнати од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.03.2023, Ѓ.Т.(70) од Кичево во полициска станица пријавила дека на булевар „Ослободување“ во Кичево била касната од куче скитник.

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Б.И.(42) од село Василево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,криумчарење на мигранти’’. На 02.03.2023 во близина на село Костурино, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „опел зафира“, управувано од пријавениот, при што пронашле осум лица мигранти, од кои седум од Сирија и еден од Тунис.

На 06.03.2023 во 21.30 часот во СВР Скопје, Н.В.(45) од Скопје пријавила дека околу 17.30 часот на подрачјето на Бит Пазар нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од тројца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.03.2023 во 20.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот во кој престојува била пронајдена почината С.М.(65) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на Јавен обвинител телото на починатата е предадено за обдукција.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.М.(28) од тетовско село, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 08.01.2023 пријавениот, користејќи социјална мрежа, започнал комуникација со малолетничка, при што лажно се претставил дека има 15 години, а на 27.01.2023 побарал да се сретнат.

На 06.03.2023 во 14.00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во периодот од октомври 2022 година до 03.03.2023 од магистрален пат А3 Прилеп - Тополчани биле одземени 17 сообраќајни знаци, од регионален пат Прилеп - Македонски Брод биле одземени 26 сообраќајни знаци и од регионален пат Прилеп - Крушево биле одземени 11 знаци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против О.А.(46) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 26.02.2023 во Крива Паланка, по претходна физичка пресметка, пријавениот со тврд предмет го нападнал и му нанел повреда на С.В., а се обидел и со остар предмет да го нападне, но бил спречен од брат му.

На 06.03.2023 во 12.00 часот во Полицискта станица Делчево, Т.К.(54) пријавил дека кај маало ,,Витановци“, атар на с.Илиово, бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Љ.(33) и Ќ.С.(31), двајцата од село Порој, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 15.10.2022 во с.Порој, пријавените физички го нападнале М.И. и му нанеле повреди.