Извадок на дел од дневни настани 03.03.2023

На 02.03.2023, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш во координација со полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР, инспектори од Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина, со судска наредба, извршиле претрес во дом и помошни простории во село Јаргулица, радовишко, кои се сопственост и ги користат Д.Т.(22), Н.Т.(25) и Б.Т.(44), сите од Радовиш, со престој со с.Јаргулица. При претресот, во дворот биле затекнати 24 патнички возила, 1 товарно возило, 1 шлеп возило, 3 мотоцикли и 2 каросерии, како и повеќе регистарски таблички. Поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“ по член 378 од Кривичниот законик, од Д.Т. биле одземени едно патничко возило „фолксваген туарег“ со бугарски национални ознаки, 1.900 евра и 42.000 денари во различни апоени, а од Б.Т. биле одземени 5 словенечки сообраќајни дозволи и 4 договори за купопродажба, кои се однесуваат на возила кои во моментот не биле затекнати во дворното место. Од Царинската управа на Д.Т. му е издадена Наредба за непостапување со стоки за 6 патнички возила, за кои било утврдено дека ги немаат платено пропишаните давачки согласно Законот за царина, додека од Државниот инспекторат за животна средина биле констатирани неправилности по Законот за управување со отпад, за што е изречена соодветна санкција. Воедно, од Државниот пазарен инспекторат било констатирано дека Д.Т., Н.Т. и Б.Т. во село Јаргулица вршеле трговија со половни моторни возила без да се регистрирани во соодветниот регистар, за што ќе им биде издадено Решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена. Тројцата биле повикани во Полициската станица Радовиш и со нив биле извршени службени разговори, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени пријави поради сомнение за сторени кривични дела „криумчарење“ по член 278, „царинска измама“ по член 278-а, „фалсификување исправа“ по член 378, како и „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 од Кривичниот законик.

На 02.03.2023 околу 15.40 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го привеле Е.А.(37) од Гостивар. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на петгодишна затворска казна за извршено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово во Скопје за издржување на казната.

На 02.03.2023 во 20.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.М.(19) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023 во 21.20 часот кај Криволак, полициски службеници од Полициското одделение за граничен надзор Михајлово го лишиле од слобода Б.Г.(47) од с.Волково, скопско. При контрола на патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 6 лица мигранти (3 од Пакистан, 2 од Сирија и 1 од Египет). Претходно, во 20.30 часот возилото било забележано на регионалниот пат Демир Капија-Неготино, но не застанало на даден знак за запирање. Откако стигнало во Криволак, возачот и мигрантите се обиделе да побегнат, но биле фатени. Мигрантите биле сместени во прифатно-транзитен центар, а за случајот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023, полициски службеници Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.З.(29) с.Ново Село, општина Зелениково. При претрс во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени една ловечка пушка „Escort Magnum“, еден ловечки карабин „Ceska Zbrojovka“ со оптички нишан, 30 куршуми и шест ловечки патрони, кои ги поседувал без дозвола. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023 во 22.30 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.К.(18) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 02.03.2023 во 23.50 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.В.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 03.03.2023 во 02.10 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.П.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 02.03.2023 во 22.30 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле М.А.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 02.03.2023 околу 14.00 часот на улица „188“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 45-годишниот Х.К. од тетовска Мала Речица, затоа што при претрес во неговото возило „порше“ со тетовски регистарски ознаки бил пронајден и одземен кокаин. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 02.03.2023 на ул„Пецо Божиновски“ во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола го лишиле од слобода Е.М.(20) од Битола, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и други предмети. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023 во 18.20 часот, полициски службеници од Граничниот премин Долно Блаце го лишиле од слобода М.А.(39) од Република Албанија, затоа што при извршени проверки било констатирано дека бил баран по меѓународна потерница од Интерпол. Тој бил задржан во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (02.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 269 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 157 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 112 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (02.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 248 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 58 санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се 19 мерки за користење мобилен телефон при возење, 11 санкции за некористење сигурносен појас, 10 мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

На 02.03.2023 во 13.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Петровец, скопско, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(61) од Скопје удрило во пешакот Д.В.(59) од с.Катланово, а потоа излегло од коловозот. На местото на несреќата починала Д.В., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобила сопатничката од возилото Д.Т.(58) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.

На 02.03.2023 во СВР Битола, малолетник од с.Лопатица, битолско, пријавил дека кај автобуската станица на место викано „Ат пазар“ бил каснат од куче скитник.

На 02.03.2023 во 09.00 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на регионален пат Р 1401, на место викано „Валандовско брдо“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од С.А.(46) од село Николиќ, дојранско, патничко возило „тојота“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Н.К.(76) од Струмица, товарно возило „мерцедес“ со скопски регистерски ознаки, управувано од Д.П.Ѓ.(45) од Гевгелија и уште едно товарно возило, кое го напуштило местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „тојота“, а со телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот во возилото „фолксваген голф“, констатирани во Здравствен дом во Валандово. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Валандово.

На 02.03.2023 во 13.15 часот во Полициската станица Гази Баба, М.А.(43) од Скопје пријавила дека на ул.„Трифун Хаџијанев“ била касната од куче скитник.

На 02.03.2023 во 12.10 часот во Полициската станица Чаир, Б.М.(63) од Скопје пријавил дека на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“ бил каснат од куче скитник.

Денеска (03.03.2023) во 12.35 часот на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим Потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Р.(25) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „тешки кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 02.03.2023, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишиле од слобода Л.Б.(34) во Свети Николе. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023 на влезот во с.Студеничани, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Н. од с.Трубарево, скопско. Имено, А.Н. бил сопрен додека со трактор со приколка превезувал поголема количина железо, односно делови од возови и железничка инфраструктура. Во службен разговор во Полициската станица Драчево А.Н. го признал кривичното дело со појаснување дека предметите ги одземал од железничките пруги во с.Трубарево. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 02.03.2023 во 18.30 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола го лишиле од слобода А.М.(39) од Битола. Тој се сомничи дека во периодот од 27.02. до 02.03.2023 со употреба на сила одзел повеќе предмети од рудникот Суводол на РЕК Битола. Тој бил задржан во полициска станица и со него бил извршен службен разговор, при што го признал делото. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02..03.2023, полициски службеници од полициското одделение во струшкото село Велешта го лишиле од слобода М.Д.(48) од селото Октиси. Тој бил баран по потерница врз основа на наредба од Основниот суд Струга за издржување на затворска казна од две години. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа Затвор Прилеп за издржување на казната.

На 02.03.2023 полициски службеници од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба расчистија кривично дело „кражба“ од средно училиште на подрачје на Гази Баба, при што беа одземени осум лаптоп компјутери. Имено, по преземени мерки и активности било констатирано дека делото го извршил малолетник - ученик во училиштето од с.Петровец, скопско. Со него бил извршен службен разговор во присуство на родител. Притоа, дел од компјутерите биле пронајдени во продажен објект на бул.„Партизански одреди“, при што сопственикот изјавил дека ги откупил од малолетникот. Предметите биле вратени во училиштето, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против малолетникот ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.И.(45) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во нејзиниот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници пронашле и одзеле 331 парче пиротехнички средства.

На 02.03.2023 во 23.15 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници го лишиле од слобода И.И.(47) од Скопје, затоа што во семејниот дом физички ги нападнал неговата 45-годишна сопруга и нејзината мајка. Тој бил задржан во полициска станица, со него бил извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот од Единицата за насилен криминал - Одделение за семејно насилство при СВР Скопје ќе биде поднесен соодветен поднесок.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Л.(22) од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен на превојот „Стража“, полициските службеници кај него пронашле и одзеле марихуана.

На 02.03.2023 околу 09.30 часот на ул.„Никола Малешевски“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар го лишиле од слобода П.С. од Скопје, затоа што со остар предмет нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Претходно, тој физички го нападнал и М.М.(54) од Скопје. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против У.К.(54) од Струга, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Тој, на катастарска парцела во Струга во државна сопственост, без одобрение од надлежен државен орган, просторот го адаптирал за паркинг простор.

На 02.03.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 39 прекршоци, од кои 21 надвор од населено место и 18 во населено место. Санкционирани биле и 17 други видови на прекршоци, од кои 7 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 1 за возач почетник и 7 за непрописно паркирање.

На 02.03.2023 во 20.40 часoт на регионалниот пат Валандово - Струмица, кај место викано „Бекатон“ во с.Костурино, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Стар Дојран дале знак запирање на патничко возило „опел зафира“ со струмички регистарски ознаки, при што возилото не застанало. Возилото продолжило да се движи кон село Костурино и кога застанало во селото од него излегле 8 лица мигранти од Сирија кои набргу биле фатени, а возачот се дал во бегство. За настанот бил известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во текот на вчерашниот ден (02.03.2023) во периодот од 06.00 до 10.00 часот на територијата на Република Северна Македонија спроведена е акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици. При контролата санкционирани се 38 возачи поради сторени сообраќајни прекршоци, а 13 возила биле упатени на вонреден технички преглед. Сообраќајните контроли за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома продолжуваат и во наредните денови.

На 02.03.2023 во 14.00 часот во СВР Скопје, 37-годишна скопјанка пријавила дека околу 13.00 часот на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер И.Р.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.03.2023 во ОВР Струга, Р.И.(18) од струшкото село Лабуништа пријавила дека на улица „Пролетерски бригади“ во Струга била касната од куче скитник.

На 02.03.2023 во 11.40 часот во СВР Скопје, Р.Т.(68) од с.Кондово, скопско, пријавил дека на 01.03.2023 околу 09.00 часот во с.Кондово, по претходна расправија, бил физички нападнат од З.Р. од истото село. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Регионалниот центар за гранични работи Исток, поднесе кривична пријава против У.С.(49) од Република Турција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 02.03.2023 на граничен премин Деве Баир, пријавениот на увид приложил фалсификуван зелен картон за осигурување од автоодговорност за влекач од товарното возило кое го управувал.

На 02.03.2023, С.А.(34) од Кичево во полициска станица пријавила дека нејзината малолетна ќерка во кичевското село Србјани била касната од куче скитник.

На 02.03.2023 во 15.00 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца било пријавено дека од домот се оддалечила нивната штитеничка И.П.(17), која и претходно се оддалечувала и била враќана назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.С.(35) од с.Пирок, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 22.12.2022, поради недоразбирање во сообраќајот, пријавениот со дрвен предмет го нападнал С.Х. од Тетово и му нанел повреди.

На 02.03.2023 во 17.30 часот во СВР Скопје, Б.Р.(18) од Скопје пријавил дека во средно училиште на подрачјето на Центар, каде учи, тој и негов соученик биле физички нападнати од две лица, од кои едното имало остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.А.(29) од с.Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 27.11.2022 на регионалниот пат Струга - Дебар, на крстосница за с.Добовјани, при контрола на лица и возила, кај пријавениот била пронајдена и одземена марихуана.

На 02.03.2023 во СВР Скопје било пријавено дека околу 22.10 часот пред угостителски објект во Скопје, С.Н.(30) од с.Батинци, скопско, по претходна расправија, бил нападнат од Н.Љ. и Џ.Љ., при што Н.Љ. му нанел повреда со остар предмет, а Џ.Љ. го удирал со тврд предмет. Според пријавеното, Џ.Љ. со тврд предмет го нападнал и А.Б.(20) од с.Батинци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против правно лице од с.Романовце, кумановско и против Б.М.(46) од Куманово, одговорно лице во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“. На 01.02.2023 на ул.,,Индустриска” во Куманово, Б.М. бил сопрен од полициски службеници и при извршен преглед му била пронајдена стока која била со поминат рок на употреба. Во содејство со Агенција за храна и ветеринарство извршена е контрола на нерегистриран магацин сопственост на второпријавеното правно лице и биле одземена стока со поминат рок на употреба.