Извадок на дел од дневни настани 07.02.2023

На 06.02.2023 во 19.50 часот во тетовска Мала Речица, полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција – Одделение за економски криминал при СВР Тетово ги лишиле од слобода З.Д.(33) од с.Голема Речица, тетовско и Ј.А.(60) од с.Пирок, тетовско. По преземени мерки било утврдено дека од средината на јануари 2023, З.Д. во неколку наврати изнудил вкупно 18.630 евра од лице од Тетово, уценувајќи го дека ќе објави фотографии со компромитирачка содржина. Според пријавеното, З.Д. во неколку наврати го организирал примопредавањето на парите преку Ј.А., такси возач. Имено, тој му се јавувал на оштетениот и му кажувал да ги предаде парите на Ј.А., кој подоцна му ги доставувал нему. Истото било направено и во текот на вчерашниот ден, при што биле затекнати од полициски службеници при примопредавање на парите. З.Д. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 06.02.2023 до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Ф.(20) од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од Кривичниот законик. Имено, врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во тек на полициска акција спроведена на 21.12.2022 со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на криумчарење на мигранти, полициски службеници извршија претрес во домот и други простории кај А.Ф., при што се пронајдени и одземени автоматска пушка без кундак „АК-47“ - „Калашников“ кал.7,62x39mm, празна рамка од автоматска пушка кал.7,62x39mm, 31 куршум за автоматска пушка со кал.7,62x39 mm и 100 куршуми за пиштол кал.9 mmPara, кои недозволено ги набавил и чувал во својот дом. А.Ф. бил лишен од слобода и опфатен со веќе поднесената кривична пријава против 13 лица, за сторени кривични дела по чл.418-в ст.2 и по чл.418-б ст.2 од Кривичниот законик, и веќе издржува мерка притвор во траење од 30 дена изречена од страна на Судија на претходна постапка.

На 06.02.2023 во 11.05 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода З.А.(28) и С.М.(26), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека на 11.01.2023 одзеле повеќе предмети од приватен имот на улицата „Благоја Думановски“. Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 06.02.2023 околу 15.30 часот на улица „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 34-годишниот гостиварец С.С.. Тој се сомничи дека на 05.02.2023 одзел мотоцикл „априлија“ со гостиварски ознаки, сопственост на 68-годишен жител на Гостивар, а кој бил паркиран во влезот на зградата во која живеел во Гостивар. Мотоциклот бил пронајден и вратен на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 06.02.2023 во 09.10 часот на ул.„Ацо Шопов“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода К.Г.(28) од Скопје. За него била распишана централна потерница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“, извршено на 21.08.2022 на подрачјето на Карпош, каде со огнено оружје му нанел повреда на Б.Ѓ.(44) од Скопје. Од страна на Судија на претходна постапка му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена и бил предаден на надлежната казнено - поправна установа.

На 06.02.2023 околу 19.45 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 41-годишниот гостиварец А.К., затоа што кај него бил пронајден и одземен хероин. По документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 06.02.2023 во 21.20 часот на паркингот на Средно Водно, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Б.(18) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (06.02.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 154 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 83 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 71 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (06.02.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 83 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло). Изречени се две мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, две санкции за недавање предност на минување на пешаци...

На 06.02.2023 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 9 прекршоци, од кои 8 во населено место и 1 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 18 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 3 за управување возило без возачка дозвола, 3 за возач почетник, 3 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење сигурносен појас и 6 за непрописно паркирање.

На 06.02.2023 во периодот од 07.00 до 12.00 часот, при извршени сообраќајни контроли во Охрид, полициските службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, затекнале 18 возачи кои управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (06-надвор од населено место, 12-во населено место). Против нив се поднесени соодветни платни налози.

На 06.02.2023 во 08.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Сингелиќ, скопско, товарно возило „форд“ на ЈП „Комунална хигиена“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Ш.(55) од Скопје, движејќи се наназад удрило во бетонски ѕид од куќа. На металната конструкција од возилото стоел работникот М.П.(34) од Скопје, кој од ударот во ѕидот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 06.02.2023 во 15.30 часот во Полициската станица Карпош, М.Т.(30) од Скопје пријавила дека на ул.„Лондонска“ била касната од куче скитник.

На 06.02.2023 во 12.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Т.С.(57) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ бил каснат од куче скитник.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.Ш.(32) од Струга, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При контрола извршена на улицата „Петар Ѓончески Гиле“ во Струга, полициските службеници кај него пронашле и одзеле марихуана.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Н.Џ.(48) од Кичево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на дел од катастарска парцела во Кичево, нелегално и без одобрение од надлежен државен орган, изградил станбен објект.

На 06.02.2023 во СВР Велес, 42–годишна жена од Велес пријавила дека едно лице ги искористило личните податоци на нејзиниот сопруг и подигнало кредит од финансиското друштво во висина од 90.000 денари. Се работи на расчистување на случајот.

На 06.02.2023 во 22.20 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода М.С.(50) и 19-годишната С.С., двајцата од Скопје. По завршување на спортски натпревар во салата „Јане Сандански“, М.С. се однесувал агресивно кон полициски службеници, а С.С. физички ги нападнала додека извршувале службени дејствија. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 06.02.2023 во 19.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на ул.„Аминта Трети“, едно лице физички го нападнало сопственикот на објектот С.Т.(56) од Скопје, при што употребило и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.02.2023 во 22.00 часот во СВР Скопје, М.И.(42) од Скопје пријавила дека околу 19.25 часот на работното место во угостителски објект на ул.„Аминта Трети“ била физички нападната од сопственикот на објектот С.Т.(56) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 06.02.2023 во 14.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Е.Е.(26) и Д.Ф.(35), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Тетово поднесе кривична пријава Б.М.(41) од село Непроштено, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 09.01.2022, пријавениот преку мобилна апликација упатил закани кон А.Р. од Тетово.

На 06.02.2023 во 22.30 часот во СВР Скопје, Д.С.(35) од Скопје пријавил дека околу 20.30 часот на бул.„Илинден“ во Скопје бил физички нападнат од две лица. Се работи на расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.А.(37) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавената, како службено лице, вработена во Здравствен дом Гостивар, на лице што не било вакцинирано му издала Ковид сертификати за извршена вакцинација.

На 06.02.2023 во 13.20 часот во СВР Скопје, А.Ц.(52) од Скопје пријавил дека на ул.„Методија Андонов Ченто“ бил физички нападнат од три лица. Се работи на расчистување на случајот.

Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Б.М.(45) од с.Горна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 08.01.2023 на Граничен премин Богородица, при пасошка контрола, полициски службеници констатирале дека недостасуваат неколку страници во патната исправа на пријавениот.

Денеска (07.02.2023) во 01.51 часот во СВР Скопје, З.З.(34) од Скопје пријавил дека на ул.„Бутелска“ од залутано зрно од огнено оружје било оштетено неговото патничко возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки. Полициски службеници од Полициска станица Чаир излегле на местото, при што било констатирано дека од залутано зрно било оштетено и патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.Н. (24) од Скопје, како и продажен објект и казино. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.02.2023 во 18.00 часот во СВР Скопје, Д.Р. од Скопје пријавил дека околу 15.30 часот на бул.„Кузман Јосифовски Питу“ едно лице со закана му одзело мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.02.2023 во 10.45 часот во СВР Тетово, 75-годишниот А.Р. од тетовско Боговиње пријавил дека на локалниот пат во селото бил каснат од куче скитник.

На 06.02.2023 во 21.45 во СВР Скопје, А.Р. од Скопје пријавила дека на паркинг простор на булевар „АСНОМ“, едно лице со употреба на физичка сила ѝ одзело чанта. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.02.2023 во ОВР Прилеп, К.К.(60) од Прилеп пријавила дека на ул.„Димо Наредникот“ во Прилеп била касната од куче скитник.

На 06.02.2023 во 21.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажен објект на ул.„Тодор Чангов“, две лица физички го нападнале вработениот и со закана одзеле пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (07.02.2023) во 03.21 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Фуштанска“ настанал пожар во патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Д.(28) од Скопје. Екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(43) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“. На 13.12.2022 во средно училиште во Тетово, пријавениот, додека одржувал настава, физички нападнал еден ученик.