На 06.02.2023 во 00.40 часот на улицата „Јосиф Даскалов“ Кратово, полициски службеници од ОВР Кратово го лишиле од слобода М.Ј.(38) од Кратово. Тој бил затекнат при обид да изврши „тешка кражба“ во деловен објект. Исто така, тој се сомничи дека претходно во друг деловен објект на истата улица извршил „тешка кражба“, при што одзел повеќе предмети и пари. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот. М.Ј. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 06.02.2023, полициски службеници од ОВР Кочани го лишиле од слобода К.А.(46) од Кочани. Тој бил затекнат при извршување на „тешка кражба“ во продажен објект кај Градскиот пазар на ул.„Гоце Делчев“ во Кочани. Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 05.02.2023 во 15.05 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Т.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (05.02.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 135 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 58 санкции, 13 мерки за возење без возачка дозвола, 15 санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се четири мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, седум санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло)...
На 05.02.2023 во периодот од 10.00 до 16.00 часот, тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај спровела засилена контрола за брзина во која вкупно биле изречени 111 мерки. Во рамките на оваа контрола биле санкционирани 37 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место, од кои 3 возачи за повеќе од 70 километри на час. Двојно повеќе возачи, односно 74 ја пречекориле брзината во населено место, од кои 2 за повеќе од 50 километри на час. Покрај ова, санкционирани се и 7 други видови сообраќајни прекршоци.
На 05.02.2023 во периодот од 10.00 до 16.00 часот на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 107 возачи. Од нив, 51 возач ја пречекориле брзината во населено место, а 56 надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
На 05.02.2023 во периодот од 10.00 до 16.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 92 пречекорување на брзината, од кои 37 на подрачје на Радовиш, 35 на подрачје на Струмица, 15 на подрачје на Валандово и 5 на подрачје на Гевгелија. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.
На 06.02.2023 околу 05.35 часот во СВР Штип било пријавено дека кај клучка со автопат Штип-Миладиновци, во близина на населба Три Чешми – Штип, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од И.К.(36) од Гевгелија и товарно возило „ман“ со косовски национални ознаки, управувано од О.Б.(26) од с.Блаце, скопско. На местото на несреќата од здобиените повреди починал возачот на патничкото возило, а смрт констатирал лекар. Додека, возачот на товарното возило се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Штип. Увид извршила екипа од СВР Штип.
На 05.02.2023 во периодот од 10.00 до 16.00 часот на подрачјето на СВР Охрид реализирани се засилени акциски контроли во патниот сообраќај. Притоа, полициските службеници затекнале вкупно 87 возачи управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (Охрид-17, Струга-32, Кичево-37, Дебар-01). Против нив се поднесени соодветни платни налози.
На 05.02.2023 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 55 прекршоци, од кои 37 надвор од населено место и 18 во населено место, од нив 16 на подрачјето на Свети Николе, 15 Штип, по 6 Берово и Виница и по 4 Пробиштип, Кочани и Делчево. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 3 прекршоци за некористење сигурносен појас и 3 за непрописно паркирање.
На 05.02.2023 во 13.10 часот во Полициската станица Гази Баба, Љ.И.(62) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ бил каснат од куче скитник.
Денеска (06.02.2023) во 11.10 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово, со судска наредба, го привеле 59-годишниот А.Р. од тетовска Голема Речица за издржување на затворска казна. Тој бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
Изминатиот викенд (04/05.02.2023), полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар, со судски наредби, ги привеле 38-годишниот гостиварец Б.С. и 29-годишната С.Д., по што двајцата биле спроведени во Казнено-поправната установа Затвор Идризово во Скопје за издржување на затворски казни.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против М.Ќ.(41) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Таа, на пресекот на булеварот „Ослободување“ со улицата „11 Септември“ во Кичево, на државно земјиште неовластено изградила деловен објект со површина од околу 180 м2, што било констатирано и од овластен градежен инспекторат.
На 05.02.2023, полициски службеници од Одделението за семејно насилство, Единица за насилен криминал при СВР Скопје извршиле службен разговор со П.К.(24) од Скопје. Тој се сомничи дека на 04.02.2023 на подрачјето на Центар физички ја нападнал и се заканувал на М.К.(21) од Скопје. По целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во текот на вчерашниот ден (05.02.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 727 возачи. Од нив 49 возила се движеле со над 50 километри на час повеќе од дозволената брзина, а седум возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 369 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 358 надвор од населено место.
Во периодот од 30.01.2023 до 05.02.2023 Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата. При контролата санкционирани се 38 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
На 05.02.2023 околу 21.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од улиците „Иво Лола Рибар“ и „Пиринска Македонија“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген туран“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.И.(19) од село Матејче, липковско и патничко возило „шевролет спарк“, сопственост на МВР. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајца полициски службеници од полициското возило, возачот на возилото „фолксваген“ и двајца негови сопатници, Б.Р. и А.Р., констатирани во Општа болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на настанот.
На 06.02.2023 во 03.05 часот во СВР Скопје, В.М.(44) од Скопје пријавил дека околу 02.30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од две лица. Се работи на расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.С.(31) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење на работи од безбедноста“. На 22.12.2022 во Тетово, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.