Извадок на дел од дневни настани 01.12.2022

На 30.11.2022 во 22.40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Љ.Ф.(52) од Куманово. Тој бил баран со потерница по судска наредба за издржување на затворска казна за сторено кривично дело по член 386 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.

На 30.11.2022 во 08.30 часот во Гостивар, полициски службеници од СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар, со судска наредба, го привеле Х.А.(30) од Гостивар за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 30.11.2022 во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода А.Л.(26) од Кичево. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 15.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода К.А.(24) и О.Ј.(30), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека извршиле кражба на Железничката станица во Куманово, при што од контејнери на воз одзеле различни технички предмети. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 01.12.2022 во 01.00 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода К.М.(24) од Крива Паланка и А.А.(31) од Гостивар, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 01.12.2022 во 02.45 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Д.А.(21) од Велес. Тој се сомничи дека истиот ден извршил кражба од двор на ул.„Пајак планина“, сопственост на А.А.(55) од Велес, при што одзел повеќе предмети. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 30.11.2022 во 22.45 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Л.Д.(26) и Б.Ј.(27), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 21.40 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Ѓ.(28) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 20.40 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.(25) од Исланд, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 22.40 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К.(40) од Куманово, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 21.35 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.А.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.11.2022 во 12.15 часот во СВР Тетово, Б.Ф. од тетовски Бродец пријавил дека на место викано „Гоманец“, над с.Бродец, пронашол кородирана рачна бомба. Извршен бил увид, при што било констатирано дека станува збор за кородирана рачна бомба од кинеско производсво без запалка. Од стручни лица од Дирекцијата за заштита и спасување бомбата била подигната за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден (30.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 128 возачи. Од нив седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 79 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 49 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (30.11.2022) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 102 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина четири санкции, девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за нерегистрирани возила. Изречени се осум мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), четири санкции за користење мобилен телефон при возење, пет мерки за некористење сигурносен појас...

На 30.11.2022 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 31 прекршок, од кои 26 во населено место и 5 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 15 други видови на прекршоци, од кои 5 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 3 за некористење сигурносен појас и 5 за непрописно паркирање.

На 30.11.2022 во 17.30 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„4 Ноември“ во Битола, патничко возило „нисан“ со грчки национални ознаки, управувано од Г.К.(37) од с.Јанковец, ресенско, удрило во В.Ф.(57) од Битола. Во несреќата, В.Ф. се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во Клиничка болница Битола. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.

На 30.11.2022 во 13.45 часот во Полициската станица Гази Баба, Љ.К.(74) од Скопје пријавила дека на ул.„Лазар Поп Трајков“ била касната од куче скитник.

На 30.11.2022 во 19.40 часот во СВР Охрид било пријавено дека на регионалниот пат Охрид-Свети Наум, патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки, управувано од М.С.(19) од с.Елшани, охридско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Охрид.

На 30.11.2022 во 17.35 часот, Н.К.(33) од Кичево во полициска станица пријавил дека во Кичево бил каснат од куче скитник.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Г.Н.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа" по член 378 од Кривичниот законик. Пријавениот, во текот на 2022 година извршил преправка на сообраќајната дозвола на своето патничко возило во рубриката ,,важи до“, при што биле преправени вистинските податоци и биле впишани невистинити податоци, односно била преправена годината на регистрација, па наместо до 2021 година било впишано до 2022 година. Така преправената сообраќајна дозвола ја употребил при изготвување и потпишување на купопродажен договор за оттуѓување на возилото, доведувајќи го во заблуда купувачот на возилото дека важноста на регистрацијата е до 2022 година.

 

На 30.11.2022 во 22.30 часoт на регионалниот пат Богданци - Дојран, кај место викано „Паљурци“, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стар Дојран“ дале знак за запирање на патничко возило „сеат алтеа“ со косовски национални ознаки, но возилото не застанало. Набргу, возилото било пронајдено покрај патот, а во негова близина биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија. Мигрантите биле спроведени во Прифатно – транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Х.(27) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 17.11.2022 пред угостителски објект на ул.„Мирослав Крлежа“, полициски службеници извршиле преглед кај пријавениот, при што пронашле и одзеле пиштол „Sig Sauer“ со една рамка со 15 куршуми, кои ги поседувал без дозвола.

 

На 30.11.2022 околу 17.00 часот во Полициската станица Гази Баба било пријавено дека во јавна установа на подрачјето на Гази Баба, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.Ш.(24) и С.Н.(23), двајцата од Скопје, од една страна и 17-годишник од Скопје, од друга страна, кој употребил остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.12.2022 во 00.40 часот во Полициската станица Аеродром, 46-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 00.15 часот пред трговски центар на подрачјето на Аеродром била физички нападната од нејзиниот син К.П.(18). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Г.(36) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. Таа, на 11.11.2022 година ангажирала 17 - годишна малолетничка да го чува нејзиниот малолетен син, со што постапила спротивно на решението на Центарот за социјални работи, според кое синот ѝ бил доделен на чување и воспитување.

 

На 01.12.2022 во 01.30 часот во Полициската станица Драчево, А.В.(25) од Скопје пријавил дека на 30.11.2022 околу 19.00 часот на подрачје на Драчево бил физички нападнат од Л.А. и уште едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 30.11.2022 во 19.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Струмичка“ настанал пожар на мотоцикл без регистарски ознаки, со непознат сопственик. Екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

 

На 30.11.2022 во 12.15 часот во Полициската станица Кисела Вода, Ѓ.Н.(46) од Скопје пријавил дека од дома се оддалечил неговиот брат Г.Н.(50), кој имал здравствени проблеми. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 30.11.2022 во СВР Скопје било пријавено дека во 15.45 часот на бул.„Крсте Мисирков“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.М.(36) од Скопје и патничко возило „шкода“, сопственост на МВР. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајца полициски службеници од возилото „шкода“, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 30.11.2022 во 12.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 29.11.2022 околу 22.30 часот на ул.„Никола Мартиновски“ настанал пожар во патничко возило „форд фокус“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Министерство за култура. Екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

 

На 30.11.2022 во ОВР Прилеп, С.Ц.(35) од с.Дебреште, Општина Долнени, пријавила дека на ул.„Борка Влачар“ во Прилеп била касната од куче скитник.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Ш.(21) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и ,,загрозување на безбедноста во сообраќајот“. На 28.11.2022 на магистрален пат Битола - Ресен, пријавената под дејство на алкохол, управувајќи патничко возило, со возилото излетала од коловозот, при што совозачот починал од здобиените повреди, а таа се здобила со телесни повреди.

 

На 30.11.2022, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе го привеле А.Ѓ.(18) од с.Немањици, светиниколско, затоа што околу 15.00 часот на место викано „Тоољ“, атар на с.Мечкуевци, светиниколско, по претходна расправија и меѓусебна физичка пресметка, со дрвен предмет го нападнал Л.Ј.(66) од Пробиштип и му нанел тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип. По комплетирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

Денеска (01.12.2022) во 01.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Лисец“, настанал пожар во патничко возило „хјундаи санта фе“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.А.(42) од Скопје. Екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

 

На 30.11.2022 во 21.30 часот во Полициската станица Велес, З.Н.(55) од Велес пријавил дека на улицата „Мите Богоевски“ во Велес неговата малолетна внука била касната од куче скитник.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против С.П.(35) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Пријавената, објавила статус на нејзиниот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ со кој повикувала и ширела омраза.