Извадок на дел дневните настани 29.11.2022

На 28.11.2022 во 14.05 часот пред стан на ул.„Варшавска“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје ги лишиле од слобода П.М.(32) и Д.И.(34), двајцата од Скопје. За Д.И. била распишана централна потерница по наредба на Основен суд Скопје 1 за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик. При преземањето мерки за негово лишување, било дојдено до сознание и дека на подрачјето на Скопје Д.И. врши препродажба на наркотична дрога. Д.И. и П.М. биле лишени пред станот што го користел Д.И. за чување и препакување дрога, при што кај двајцата била пронајдена марихуана. Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во станот и биле пронајдени и одземени поголема тегла со марихуана, две ќеси со марихуана, една ќеса со бела прашкаста материја, капсули со кафеава прашкаста материја и дигитална вага. Со судска наредба бил извршен и претрес во стан на ул.„Прашка“, каде што Д.И. престојувал со неговата девојка, при што пред зградата биле пронајдени ќеса со марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана, кои претходно неговата девојка ги исфрлила од прозорец. Д..И. бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната, а П.М. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава по член 215 од Кривичниот законик.

На 28.11.2022 во 22.45 часот од улица ,,Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар, полициски службеници од СВР Тетово - ОВР Гостивар, со наредба од Основен суд Гостивар, го привеле Х.К.(37) од Гостивар за издржување на затворска казна. Лицето е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 28.11.2022 во 15.30 часот на улица „Ѓорги Трајков“ во Струмица, полициски службеници од Полициската станица Струмица го лишиле од слобода А.А.(43) од Струмица.Тој бил фатен при извршување „тешка кражба“ во објект во Струмица, при што одзел повеќе предмети. Кај лицето биле пронајдени одземените предмети, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2022 во 15.55 часот во гостиварски Сенокос, полициски службеници од СВР Тетово - ОВР Гостивар, со наредба од Основен суд Гостивар, го привеле Џ.Ј.(54) од Сенокос за издржување на затворска казна. Лицето е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 28.11.2022 во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Г.К.(40) од Велес. Тој се сомничи дека на 24.11.2022 се обидел да одземе предмети од продажен објект во Велес, по што ја скршил влезната врата која вработените претходно ја затвориле. Г.К. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2022 во 09.30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, во присуство на родителите и службено лице од Центарот за социјални работи Тетово, лишиле од слобода двајца малолетници од Тетово и од тетовско Копанце, затоа што половина час пред тоа на булевар „Благоја Тоска“ во Тетово одзеле патничко возило „цитроен“ со тетовски регистарски ознаки. Возилото било вратено на сопственикот А.А.(35) од Тетово и по документирање на случајот ќе биде изготвен соодветен поднесок.

На 28.11.2022 во 20.45 часот на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Б.В.(24) и Б.Љ.(32), двајцата од Тетово, затоа што кај нив биле пронадени и одземени кокаин и нож. По целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по член 215 од Кривичниот законик и член 80 од Законот за оружје.

На 29.11.2022 во 00.30 часот на подрачјето на Чаир, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.С.(18) од Република Грција, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2022 во 23.10 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.К.(27) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2022 во 20.30 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Д.(32) од делчевско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.11.2022 во 20.00 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на вчерашниот ден (28.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 170 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 99 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 71 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (28.11.2022) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 81 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина седум санкции, три мерки возење без возачка дозвола, три санкции за возење под дејство на алкохол. Изречени се шест мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест санкции за користење мобилен телефон при возење...

На 28.11.2022 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, од кои 12 во населено место и 8 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 16 други видови на прекршоци, од кои 2 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 1 за технички неисправно возило, 1 за возач почетник, 1 за некористење сигурносен појас и 9 за непрописно паркирање.

На 28.11.2022 околу 18.05 часот во Полициската станица Берово било пријавено дека на регионалниот пат Берово-Делчево, во с.Чифлик, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со велешки регистарски ознаки, управувано од В.М.(22) од с.Тработивиште, делчевско и патничко возило „хјундаи галопер“ со беровски регистарски ознаки, управувано од М.Б.(26) од Берово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи и Д.С.(45) од с.Град, делчевско, сопатник во возилото „фиат пунто“, констатирани во Клиничка болница Штип. Увид на местото извршила екипа од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Берово.

На 28.11.2022 во 23.55 часот во Полициската станица Ресен било пријавено дека на магистралниот пат Битола-Ресен, на место викано „Макази“, патничко возило „мазда“ со охридски регистарски ознаки, управувано од С.Ш.(21) од Ресен, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил В.М.(28) од с.Јанковец, ресенско, кој на пат кон Клиничката болница во Битола починал, а смрт констатирал лекар од болницата. Со телесни повреди се здобила С.Ш.. Известен бил Јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од Полициската станица Ресен.

На 28.11.2022 во 07.46 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Скупи“ во Скопје, товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.М.(56) од с.Долно Коњари, скопско, удрило во електричен тротинет управуван од Д.Т.(60) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тротинетот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 28.11.2022 во 16.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С.(33) од Скопје, удрило во пешакот Н.Б.(22) од Дебар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Н.Б. констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 28.11.2022 во 16.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Б.М.(30) од с.Волково, скопско, пријавил дека на ул.„Лука Геров“ бил каснат од куче скитник.

На 28.11.2022 околу 06.30 часот на ул.„Благоја Стефковски" во населба Маџари – Скопје, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба лишиле од слобода малолетник од Кочани. Тој бил фатен при извршување „кражба" во куќа, при што одзел повеќе предмети. Одземените предмети бил пронајдени и вратени на сопственикот. По преземени мерки, исто така, било утврдено дека тој е сторител и на „разбојничка кражба“ во куќа во населба Керамидница на 27.11.2022, при што одзел пари. За настаните бил запознаен Јавен обвинител за малолетници и по целосно документирање против лицето ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Т.К.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно претставување" по член 391 од Кривичниот законик. На 25.05.2022, пријавениот бил запрен од полициски службеници додека управувал патничко возило, а поради сторен сообраќаен прекршок. Притоа, тој лажно се претставил како полициски службеник и се легитимирал со лажна службена легитимација на МВР која сам ја изработил.

 

На 28.11.2022 во 21.45 часот во Полициската станица Аеродром, Б.Д.(61) од Скопје пријавил дека во 19.30 часот на подрачје на Аеродром - Скопје бил физички нападнат од Б.Н. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 28.11.2022 во 18.20 часот Полициската станица Прилеп било пријавено дека на патот Градско-Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „лада нива“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.Р.(53) од с.Бузалково, велешко, и товарно возило „даф“ со битолски регистарски ознаки, управувано од З.С.(53) од Битола. Во несреќата возачот Т.Р. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската болница во Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.

 

На 28.11.2022 во 18.40 часот во Полициската станица Центар, Г.С.(18) од Скопје пријавил дека околу 14.10 часот, додека бил на настава во ДСУ „Спортска академија“ на ул.„Димче Мирчев“, во училницата бил физички нападнат од лице вработено како обезбедување во училиштето. Според пријавеното, причина за тоа е што Г.С. го паркирал возилото во кругот на училиштето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.С.(50) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски системи“. Тој, на 20.10.2022 година, по текст објавен од еден портал на социјалната мрежа Фејсбук, објавил коментар со што промовирал и поттикнувал омраза.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Љ.А.Б.(46), Г.Ф.(60) и Б.Ф.(26), сите од Кичево, како и против еден правен субјект со седиште во Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Пријавените, во својство на управители на правниот субјект, со намера да одбегнат делумно плаќање данок, дале лажни податоци за приходите на правното лице за даночниот период од 01.10.2019 до 31.12.2019, од 01.01.2020 до 31.12.2020 и од 01.01.2021 до 31.12.2021 година. На тој начин, предизвикале материјална штета на државниот буџет во вкупен износ од 600.901 денари.

 

На 28.11.2022 околу 11.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Лондонска“ во Скопје настанала физичка пресметка помеѓу три лица, од една страна, и Д.Ј.(30) од Скопје и уште едно лице, од друга страна. При пресметката бил употребен и остар предмет, од кој со повреди се здобил Д.Ј. и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против М.С.(25) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Тој, на 02.11.2022 во угостителски објект на улицата „11 септември“ во Кичево физички нападнал вработен во локалот, по што со остар предмет упатил закани кон присутните гости.

 

На 28.11.2022 во 17.40 часот во СВР Тетово било пријавено дека на бул.„Маршал Тито“ во Тетово, патничко возило „пежо“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(47) од с.Беловиште, гостиварско, удрило во пешакот во Х.Ѓ.(32) од с.Подбреѓе. Во несреќата Х.Ѓ. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Тетово. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 28.11.2022 околу 23.30 часот во СВР Скопје, Р.М.(24) од Скопје пријавил дека околу 20.30 часот во интернет кафе во населба Бутел, А.С. и И.С. со пиштол му упатиле закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 28.11.2022 во 19.00 часот во Полициската станица Аеродром било пријавено дека околу 18.30 часот во дом на подрачјето на Аеродром, по претходна расправија, малолетничка со остар предмет ја нападнала својата 38-годишна мајка и ѝ нанела повреди. Полициски службеници и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, во координација со Јавен обвинител за малолетници, излегле на местото и, по преземени мерки, малолетничката и нејзината мајка биле сместени во здравствени установи за понатамошно лекување.

 

На 28.11.2022 во 17.35 часот, П.Ц.(48) од Кичево во полициска станица пријавил дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник.