Извадок на дел од дневни настани 28.11.2022

На 27.11.2022 во 22.40 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Л.М.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 во 20.30 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.А.Б.(29) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 во 13.50 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Л.К.(20) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и нож. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 во 16.20 часот во с.Петровец, скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Г.(31) од Струга затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена бела грутчеста материја. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 во 22.00 часот на подрачјето на Чаир, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Џ.(18) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 во 12.45 часот на подрачјето на Драчево, полициски службеници од Полициската станица Драчево го лишиле од слобода В.Б.(46) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.11.2022 од 11.00 до 17.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за брзина со која се движат возилата, а во која вкупно биле преземени 170 мерки (ТЕ-97 и ГВ-73). При контролата биле откриени и санкционирани 97 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-51 и ГВ-46), од кои 2 возачи (ТЕ) ја пречекориле брзината за повеќе од 70 километри на час од дозволеното, 31 возач (ТЕ-12 и ГВ-19) до 70 километри на час и така натаму. При контролата, исто така, санкционирани се и 73 пречекорувања на пропишаната брзина (ТЕ-42 и ГВ-31) во населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и зависно од големината на пречекорувањето, ќе се соочат со предвидените парични глоби. Во акцијата биле санкционирани и 13 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-12 и ГВ-1).

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (27.11.2022) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 177 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 80 санкции, 14 мерки возење без возачка дозвола, 21 санкција за возење под дејство на алкохол. Изречени се четири мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), три санкции за нерегистрирани возила...

На 27.11.2022 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 75 прекршоци, од кои 42 надвор од населено место и 33 во населено место, од нив 22 на подрачјето на Свети Николе, 20 Штип, 11 Берово, 7 Пробиштип, 7 Кочани, 5 Делчево и 3 Виница. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 20 други видови на прекршоци, од кои 10 за управување возило без возачка дозвола, 1 за возач почетник, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 7 за некористење сигурносен појас и 1 за непрописно паркирање.

На 27.11.2022 година во перидоот од 11.00 до 17.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 74 прекршувања на брзината, од кои 28 на подрачје на Струмица, 26 на подрачје на Радовиш и по 10 на подрачјата на Гевгелија и Валандово. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

На 27.11.2022 во 16.25 часот било пријавено дека на железничката пруга Битола - Скопје, кај железничкиот мост на Маркова Река, патнички воз кој сообраќал на релација Битола-Скопје, удрил во пешак- машко лице. Во несреќата лицето починало на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител по чија наредба телото на починатот е дадено во Институтот за судска медицина за обукција. Се превземаат мерки за утврдување на идентитетот на починатото лице.

На 27.11.2022 во 13.41 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Железничка станица Маџари со повреди од струен удар се здобила 17-годишна малолетничка од с.Волково, скопско. Според пријавеното, таа се качила на вагон и притоа дошло до струен удар и се здобила со повреди. Малолетничката била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител.

На 28.11.2022 во 01.30 часот во Полициската станица Аеродром, Г.М.(52) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.

На 27.11.2022 во 11.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Б.П.(41) од Скопје пријавил дека на ул.„Панко Брашнаров“ бил каснат од куче скитник.

На 27.11.2022 во 22.40 часот во село Добовјани, струшко, полициски службеници од Полициското одделение Велешта го лишиле од слобода А.Б.(28) од селото Радолишта, струшко. При преглед во патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, што го упаравувал, а сопатник бил Х.М.(24) од Охрид, кај А.Б. била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.11.2022 околу 18.20 часот во с.Бела црква, општина Кривогаштани, полициски службеници од Полициското одделение Кривогаштани го привеле Х.Т.(49) од с.Големо Коњари. Тој бил затекнат како со патничко возило „опел корса“ без регистарски ознаки, превезувал бесправно исечени и нежигосани огревни дрва. Дрвата и возилото биле одземени и дадени на Шумска полиција за понатамошна постапка. При интервенцијата со повреда се здобил еден полициски службеник. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.11.2022 во 08.40 часот во СВР Битола, од Одделението за педијатрија при Клиничката болница Битола било пријавено дека кај нив било донесено починато неколкумесечно бебе. Бил извршен службен разговор со дежурниот лекар кој изјавил дека бебето имало повеќе здравствени проблеми. Во службен разговор, родителите Н.Г. и Ј.Г. изјавиле дека во 07.00 часот бебето било без знаци на живот, по што го донеле во болница. По наредба на Јавен обвинител над телото на бебето ќе се врши обдукција.

 

Во текот на вчерашниот ден (27.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 953 возачи. Од нив 64 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 500 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 453 надвор од населено место.

 

На 27.11.2022 во периодот од 11.00 до 17.00 часот на подрачјето на СВР Охрид биле извршени засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници затекнале 176 возачи кои управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (Охрид-31, Струга-98, Кичево-31, Дебар-16.). На сите им биле изречени соодветни санкции.

 

Денеска (28.11.2022) во 02.20 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Аеродром и Драчево лишиле од слобода малолетник од Скопје. Тој се сомничи дека извршил обљуба врз малолетничка од Скопје. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 27.11.2022 околу 04.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода М.Х.(41) од Гостивар, кој претходно бил пријавен од неговата 42-годишна сестра дека физички ја нападнал и повредил неа и нејзиниот малолетен син. Според пријавеното, М.Х. во нападот користел и остар предмет. Тој е задржан во Полициската станица Гостивар и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

 

На 27.11.2022 во 14.35 часот на бул.„Илинден“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Т.(20) од Скопје затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.П.(58) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на 03.08.2022, по објавен текст на портал поставен на социјалната мрежа Фејсбук постирал коментар со што промовирал и поттикнувал омраза против одредена група граѓани.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Р.(42) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Тој, на 27.07.2022 на бензинска пумпа во кичевската населба „Горица“, пуштил во оптек лажна банкнота од 100 евра, која подоцна била забележана од вработените.

 

На 27.11.2022 околу 05.10 часот во близина на крстосница „Богородица“ на локалниот пат Гевгелија – Богданци, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Богородица забележале како од патничко возило „мерцедес“ излегле повеќе лица мигранти, по што возилото продолжило во правец на автопатот А1 кон наплатната рампа Смоквица и не застанало на знак за запирање даден од полициските службеници. По преземени мерки и пребарување на теренот биле пронајдени 13 лица мигранти од Сирија, а било пронајдено и возилото. Мигрантите биле спроведени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.Т.(32) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 17.11.2022, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и кокаин.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против А.Р.(23) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 21.07.2022 во Свети Николе, пријавениот продал марихуана на друго лице, која подоцна била пронајдена и одземена при преглед на лицето.

На 27.11.2022 во 21.25 часот во Полициската станица Гази Баба, Љ.С.(59) од Скопје пријавил дека околу 19.45 часот малолетно лице влегло преку незаклучената врата во неговата куќа и одзело пари. Според пријавеното, тој и С.С.(59) се обиделе да го задржат малолетникот, но тој се дал во бегство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.11.2022 во 23.00 часот во Полициската станица Драчево, Ш.С.(19) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Хаџиниколов“, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Д.Р.(30) од Скопје. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

Денеска (28.11.2022) во 00.50 часот во Полициската станица Чаир, Ш.А.(39) од Скопје пријавил дека во угостителски објект на подрачје на Чаир бил физички нападнат од А.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.11.2022 во 12.45 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување на деца во Скопје било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.Ѓ.(17) од Делчево. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.11.2022 во СВР Битола, Љ.А.(59) од Битола пријавил дека на ул.„Генерал Васко Карангелевски“ во Битола бил каснат од куче скитник.