Извадок на дел дневните настани 24.11.2022

На 23.11.2022 во 22.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.Р.(20) од Куманово. Тој се сомничи дека одзел повеќе предмети од објект во изградба на улицата „Питу Гули“ Куманово и во продажен објект на булеварот „Октомвриска Револуција“ во Куманово. Д.Р. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 23.11.2022 во 23.50 часот во с.Пепелиште, неготинско, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода С.В.(46) од с.Пепелиште. Тој се сомничи дека со остар предмет скршил стакло од продажен објект во селото, сопственост на Р.З.(65) и се обидел да изврши „тешка кражба“. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а С.В. бил задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.11.2022 околу 00.10 часот во тетовско Камењане, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода Е.А.(23) од гостиварска Горна Бањица и Б.Џ.(33) од Гостивар затоа што што при нивен и преглед на патничко моторно возило „фолксваген голф“ со гостиварски регистарски ознаки, во кое се превезувале, биле пронајдени и одзмени кокаин, марихуана и дробилка. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 24.11.2022 околу 00.15 часот на ул.„Стојан Рибата“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.Д.(29) од Република Турција, со привремен престој во Штип, затоа што при преглед кај него и во возилото „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана. По документирање нас лучајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 23.11.2022 околу 19.10 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 23-годишниот Б.А. од тетовско Синичане затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 23/24.11.2022 во периодот од 20.00 до 02.00 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистичката полиција, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје во координација со Управата за јавни приходи, спроведоа акциска контрола во три казина на подрачје на Скопје. При контролата, легитимирани биле 28 лица, додека од страна на УЈП се констатирани повеќе неправилности за што ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 23.11.2022 година во 19.12 часот во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“ лоцирана во трговски центар на бул.„Македонски Просветители“ во Охрид. Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот, при што било утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. За настанот известен е Јавен Обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во текот на вчерашниот ден (23.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 240 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 150 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 90 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (23.11.2022) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 162 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 20 санкции, осум мерки возење без возачка дозвола, пет санкции за нерегистрирани возила. Изречени се 10 мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест санкции за користење мобилен телефон при возење, четири мерки за недавање првенство на минување на пешаци...

На 23.11.2022 во периодот од 10.00 до 15.00 часот, полициски службеници на СВР Тетово спроведоа акциска контрола на возачите-дали и колку ги почитуваат нивните пропишани обврски кон пешаците. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 34 прекршоци (ТЕ-29 и ГВ-5). На возачите-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со законски предвидените глоби кои изнесуваат 250 евра во денарска потиввредност. Најголемиот број од прекршоците, инаку, се однесувале на непропуштање на пешаци на обележани премини. При контролата биле санкционирани и 10 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-6 и ГВ-4).

На 23.11.2022 во 09.30 часот во Полициската станица Центар, Ј.З.(53) од Скопје пријавила дека во кругот на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ била касната од куче скитник.

На 23.11.2022 во 12.20 часот во Полициската станица Аеродром, М.А.(19) од Штип пријавила дека во близина на Железничката станица во Скопје била касната од куче скитник.

 

На 24.11.2022 година во Полициската станица Гевгелија, Т.Н. (24) од село Брајковци, валандовско, пријавил дека на 22.11.2022, во периодот од 07.00 часот до 14.45 часот, во градинка во Гевгелија, вработените, според пријавеното, ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување на децата, оставајќи ги подолг период без надзор, при што неговата 10 – месечна ќерка се здобила со повреди. Како што е пријавено, за ова вработените не го известиле него, ниту пак детето го однеле во медицинска установа за укажување помош.
За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.11.2022 во 19.15 часот во Полициската станица Центар, Ф.Д. (40) од Скопје пријавил дека на бул.„Кочо Рацин“ неговиот малолетен син бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.11.2022 во 12.00 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение било пријавено дека нивниот малолетен штитеник Р.М.(15) се вратил во Организациона единица – Козле. За него на 22.11.2022 беше пријавено дека се оддалечил од установата.

На 23.11.2022 година во 16.10 часот, Л.К.(81) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улицата „4 јули“ во Кичево била касната од куче скитник.

На 24.11.2022 во 14.35 часот во Полициската станица Карпош, Д.А.(36) од Скопје пријавил дека на ул.„Бледски договор“ бил каснат од куче скитник.

На 23.11.2022 во 16.50 часот во Полициската станица Чаир, Д.К.(27) од Скопје пријавил дека во с.Визбегово, скопско, бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.Н.(47) од с.Слатино, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 18.11.2022 во с.Слатино, полициски службеници извршиле претрес во домот и во возилото на пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин, полуавтоматски пиштол марка „токарев ТТ-33“ калибар 7,65. Од страна на Судија на претходна постапка при Основен суд Тетово, на пријавениот одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

На 23.11.2022 година во 13.40 часот во ОВР Кичево пријавено е дека во куќа на улицата „Љубица Богеска“ во Кичево врз С.И.(66) од Кичево паднала таванска конструкција, по што таа починала на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител, телото на почината било дадено на обдукција.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.Д.(23) и Џ.И.(22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „разбојништво“. Тие, кражбата ја извршиле на 01 ноември 2022 на улицата „Абас Емин“ во Охрид, кога од повозрасен жител на Охрид одзеле паричник со 18.000 денари. Следниот ден, на улицата .„Кирил и Методиј“ во Охрид, пријавените физички нападнале повозрасна жена од Охрид и ѝ одзеле чанта со 9.500 денари, личен предмет и документи.
На 23.11.2022 во 20.15 часот во Полициската станица Центар, Ѓ.М.(28) од Скопје пријавил дека околу 18.00 часот на бул.„Климент Охридски“ во Скопје бил физички нападнат од две лица, при што едното од нив употребило остар предмет и му нанело повреда. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 23.11.2022 околу 20.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Александар Македонски“, во близина на клучка Ченто, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено меган“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Н.(33) од Скопје и патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на МВР. Во незгодата со телесни повреди се здобиле сопатничката од возилото „рено“, А.Н.(67) од Скопје и возачот и сопатничката во возилото „сеат“, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Увид извршила екипа од СВР Скопје.