Извадок на дел од дневни настани 21.11.2022

На 20.11.2022 во 21.30 часот на автопатот Гевгелија-Демир Капија, после тунел „Јаворица“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Богородица го лишиле од слобода А.А.(42) од Скопје, затоа што со возило „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, превезувал двајца мигранти од Сирија. Претходно, во 20.15 часот на наплатната рампа Смоквица, тој со возилото не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници, по што со возилото продолжил кон клучка Миравци, се исклучил, па веднаш се вратил на автопатот. По преземени мерки, во 21.30 часот тој бил запрен и лишен од слобода, а набргу кај клучка Миравци биле пронајдени и мигрантите. Лицето било приведено во полициска станица, додека мигрантите биле спроведени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија. По целосно документирање на случајот, во координација со Јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

По преземени мерки и активности, на 19.11.2022 во 19.00 часот на ул.„Филип Втори“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Карпош и ЕВР Центар и Бит Пазар го лишиле од слообода М.Ј.(22) од сСтуденичани, скопско, затоа што во 01.20 часот во угостителски објект на бул.„Партизански одреди“ со остар предмет му нанел повреди на Д.А.(36) од Скопје. СВР Скопје – Единица за насилен криминал, во координација со Јавен обвинител, против него поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 став 6, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор.

На 20.11.2022 околу 12.35 часот во тетовско Сиричино, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода двајца малолетници од Тетово затоа што претходно противправно одзеле патничко моторно возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, кое било паркирано на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, а со кое нешто подоцна предизвикале сообраќајна незгода. Возилото било пронајдено и вратено на сопственикот М.В.(51) од Тетово. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 20.11.2022 во 20.45 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Д.(27) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.11.2022 во 18.00 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од ЕВР Карпош ги лишиле од слобода А.А.(18) и еден малолетник, двајцата од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и ризли. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 20.11.2022 околу 06.40 часот на патот што ги поврзува тетовските села Стенче и Гургурница, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 30-годишниот С.С. од гостиварско Чегране затоа што при преглед извршен во акциска контрола му биле пронајдени ловечка пушка „аселкон“ со 21 куршум калибар 12 милиметри, за кои не поседувал дозвола, ремен за муниција и нож. С.С. бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му бидат изготвени соодветни поднесоци.

На 20.11.2022 во 19.06 часот во Полициското одделение Петровец било пријавено дека при преглед на товарен воз на Железничката станица Илинден, кој сообраќал на релација Гевгелија-Табановце, од страна на полициски службеници, во еден момент се чул силен звук проследен со јака светлина. Откако била исклучена струјата било забележано починато лице, најверојатно мигрант кој немал документи за идентификацја, а кој кога сакал да се симне го допрел струјниот вод. Смрт констатирал лекар од итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Увид бил извршен.

Во текот на вчерашниот ден (20.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 213 возачи. Од нив 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 102 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 111 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (20.11.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 131 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 35 санкции, 27 мерки за возење под дејство на алкохол, 11 санкции за возење без возачка дозвола. Изречени се пет мерки за нерегистрирани возила, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест мерки за возач почетник...

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на вчерашниот ден (20.11.2022) продолжи со акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на СВР Битола при акциската контрола затекнати се 34 возачи кои управувале возило со брзина повеќе од дозволената, изречени се 8 мерки за возење без возачка дозвола,изречени се 5 санкции за технички неисправни возила, 12 мерки за возење под дејство на алкохол...

На 20.11.2022 на подрачјето на СВР Штип, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 18 прекршоци, од кои 15 надвор од населено место и 3 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 21 други видови на прекршоци, од кои 12 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 1 за нерегистрирано возило, 2 за возач почетник, 2 за некористење сигурносен појас и 3 за непрописно паркирање.

На 20.11.2022 година во 14.10 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека во село Колешино, струмичко, Т.Н.(70) од село Мокриево, струмичко, управувајки патничко возило „фолксваген пасат“ со струмички регистарски ознаки, со возилото излетал од патот. Од здобиените повреди на местото починале возачот и сопатничката Н.Н.(68) од село Мокриево. Лекар од Итна медицинска помош Струмица констатирал смрт, а увид извршиле Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа на Секторот за внатрешни работи Струмица.

На 20.11.2022 во 16.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Ќемал Сејфула“ и ул.„Павле Илиќ“ во Скопје, патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.Ш.(32) од с.Чифлик, скопско, удрило во О.М.(73) од с.Љуботен, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 20.11.2022 во 20.45 часот во Полициската станица Виница било пријавено дека на локалниот пат за с.Блатец, кај место викано „Ревиро“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „рено клио“ со кочански регистарски ознаки, управувано од С.Ѓ.(36) од с.Блатец, виничко и патничко моторно возило „фолксваген голф“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.М.(41) од с.Вељуса, струмичко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Ѓ., а со телесни повреди се здобиле возачот Т.М. и тројца сопатници од истото возило - Г.Р.(41) од с.Покрајчево, радовишко, Д.Ј.(43) од Виница и З.Ј.(34) од с.Ангелци, општина Василево, констатирани во Медицинскиот центар во Штип и Општата болница во Кочани. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Виница.

На 20.11.2022 во 13.10 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на локалниот пат с.Никифорово-Маврово, патничко моторно возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознак, управувано од М.С.(27) од Скопје излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, а со телесни повреди се здобиле двајца сопатници М.Н.(24) и Б.Р.(21), двајцата од Скопје, констатирани во Медицинскиот центар во Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Гостивар.

Полициски службеници од Полициската станица Штип и Отсекот за општ криминал при СВР Штип, по преземени оперативни мерки и активности, расчистија 22 кривични дела „тешка кражба“ од возила, извршени на територија на град Штип во периодот од 25.10.2022 до 16.11.2022. Поради постоење основи на сомнение дека се сторители на делата, од слобода биле лишени Д.А.(29), М.Ј.(19) и еден малолетник, тројцата од Штип. Во службен разговор во полициска станица тие ги признале кривичните дела. Поголем дел од украдените предмети биле пронајдени, одземени и вратени на оштетените. По комплетирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, а против осум лица кои ги откупувале украдените предмети ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „прикривање“, казниво по член 261 од Кривичниот законик.

Секторот за внатрешни работи Тетово до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Е.Ф.(21), Е.А.(26), А.Д.(22) и 17-годишник, сите од гостиварското село Добридол. Тие се сомничат дека во април, мај, август и септември годинава извршиле девет тешки кражби, четири тешки кражби во обид и една кражба, казниви по членовите 235 и 236 од Кривичниот законик. Тие делата ги вршеле во куќи и помошни објекти во тетовските села Боговиње, Пирок, Долно Палчиште, Горно Седларце, Синичане и Камењане, каде со употреба на сила влегувале и одземале пари, накит и други предмети, по што дел од накитот го продавале во златарници во Гостивар.

Денеска (21.11.2022) во 11.30 часот на автопатот Скопје – Гевгелија, во близина на клучка Миравци, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Ј.И (26) од Скопје, затоа што со возило „алфа ромео", со швајцарска национална ознака, превезувал осум лица мигранти (шест од Сирија и две од Пакистан). Претходно, на автопатот кај место викано „Одморалиште“, тој со возилото не застанал на знак за запирање даден од полициските службеници, но набргу бил запрен и лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, во координација со Јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 19.11.2022 во 23.00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ј.Л.(34) од Куманово. Тој се сомничи дека на 18.11.2022 година одзел повеќе предмети од паркирано патничко возило „фолксваген амарок“ на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово. Ј.Л. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 21.11.2022 во 02.05 часот во СВР Охрид било пријавено оштетување на стакло од излог на „Здружение на граѓани Цар Борис III“ лоцирано на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид. Полициски службеници од СВР Охрид извршиле увид и се работи на расчистување на случајот.

На 20.11.2022 во 15.20 часот во Полициската станица Карпош, Д.С.(20) од Скопје пријавил дека на 18.11.2022 околу 02.00 часот на подрачјето на Карпош - Скопје бил физички нападнат од две лица, кои со закана му одзеле мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.11.2022 во 20.40 часот во Полициската станица Карпош, С.С.(28) од Скопје пријавил дека околу 20.30 часот на подрачјето на Карпош – Скопје, поради нерасчистени должничко- доверителски односи, бил физички нападнат од А.А.(27) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во периодот од 14.11.2022 до 20.11.2022 Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата. При контролата санкционирани се 30 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
На 20.11.2022 во 19.59 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Спиро Црне“ во Скопје било опожарено патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Ј.(56) од Скопје. Повредени лица нема. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.11.2022 во СВР Скопје било пријавено дека во 15.10 часот на ул.„Џон Кенеди“ во Скопје, во стан сопственост на Б.К.(26), во кој бил заедно со М.К.(28), две лица со закана одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.11.2022 во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.К.(40) од Охрид. Претходно, при контрола извршена на улицата „Пере Тошев“ во Охрид, тој се обидел да избега од полициските службеници, но бил фатен. При извршен преглед кај него биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја и предмети со остатоци од кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Изминатиот викенд (19/20.11.2022) од 21.00 до 03.00 часот на тетовско-гостиварското подрачје спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. При контролата откриени и санкционирани биле вкупно 14 возачи (ТЕ-6 и ГВ-8) кои возеле под дејство на алкохол. Тие веднаш биле исклучени од сообраќај и им биле изготвени соодветни поднесоци. Санкционирани, исто така, биле и 30 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-17 и ГВ-13).