На 10.11.2022 од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во содејство со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции – Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, истовремено се извршени претреси на шест локации во домови на лица осомничени за кривични дела „убиство“ и „предизвикување општа опасност“, при што лишени од слобода се четири лица, и тоа И.А.(31), Н.А.(20), А.Р.(27) и Б.Ш.(40), сите од Скопје. При претресите извршени кај И.А. во с.Визбегово, скопско, кај Г.М.(31), кај А.Р. и кај Б.З.(31), тројцата на подрачјето на Чаир, кај Н.А. на подрачјето на Бит Пазар и кај Б.Ш. на подрачјето на Аеродром, биле пронајдени и одземени пиштол и рамка со 14 куршуми, пиштол „Астра“ калибар 6,35 мм и рамка со 5 куршуми, пиштол „Смит и Весон“ калибар 9 мм и 2 рамки со 32 куршуми, пиштол „глок“ калибар 9 мм и рамка со 17 куршуми, дрон со мемориска картичка и контролор за летање и други предмети поврзани со кривични дела. Четирите лица се приведени во полициска станица, а за Г.Б. и Б.З. е пуштен централен распис. Во координација со Јавен обвинител, по документирање на случајот ќе следуваат поднесоци.
На 10.11.2022 на ул.„Орде Кабецот“ во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола, Полициска станица од општа надлежност Прилеп ги лишиле од слобода Т.А.(51) и Б.А.(25) од Прилеп. Тие биле затекнати при извршување на тешка кражба при што кај нив биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело. Двете лица биле задржани во полициска станица Прилеп и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 10.11.2022 во 15.30 часот на подрачјето на Бит Пазар полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К.(44) од Скопје. При претрес во неговиот дом извршен по претходно издадена судска наредба полициски службеници кај него пронашле марихуана и дигитална вага. По целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (10.11.2022) околу 23.20 часот во угостителски објект на улица „133“ во Тетово го лишиле од слобода 26-годишниот тетовец С.Н., затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен поднесок.
На 11.11.2022 во 02.00 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода В.А.(22) и К.З.(21), двајцата од Охрид, затоа тоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 10.11.2022 во 14.30 часот во Полициската станица Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ лишени од слобода биле Г.Т.(61) од Р.Романија и Г.И.(21) од Р.Унгарија, кои се превезувале со патничко моторно возило „фолксваген пасат“, управувано од И.С.(48) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчеравечер (10.11.2022) околу 21.00 часот, во тетовско Горно Палчиште, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 36-годишниот тетовец Ф.М.. При негов и преглед на патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, што тој го управувал, а во кое се превезувале уште две други лица, му била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против Ф.М. ќе следува соодветен поднесок.
Во текот на вчерашниот ден (10.11.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 162 возачи. Од нив 10 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 82 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 80 надвор од населено место.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (10.11.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 202 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволеното 23 санкции, 15 мерки за возење без возачка дозвола, шест санкции за управување под дејство на алкохол. Изречени се седум мерки за користење мобилен телефон при возење, три санкции за возач почетник, пет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), две санкции за некористење сигурносен појас...
Во текот на вчерашниот ден (10.11.2022) во периодот од 09.00 до 14.00 часот спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници. При контролата констатирани се 51 прекршок, од кои 26 поради неисправен уред за запирање...
На 10.11.2022 во 16.35 часот, на магистрален пат Охрид-Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „киа рио“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Р.А.(57) од Охрид, патничко возило „ауди“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Ш.П.(22) од струшко Велешта и патничко возило „поло“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Г.Р.(39) од Охрид. На местото на несреќата починал возачот Р.А., а со телесни повреди се здобиле возачот Ш.П., возачот Г.Р. и сопатниците Б.Р.(42), Н.Ј.(43) и И.Ј.(32), сите од Охрид, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид извршија полициски екипи и Јавен обвинител, по чија наредба врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.
На 10.11.2022 во 14.30 часот, М.Б.(58) од Кичево, во ОВР Кичево пријавил дека при изведување градежни работи со работна машина, на новопроектираниот пат Кичево -Дебар кај месноста „Гарски мост“, ископал три експлозивни средства. Овластено службено лице од Дирекцијата за заштита и спасување и полициски екипи, извршија увид при што, констатирано е дека се работи за авионски бомби од Втората светска војна. По насоки од јавен обвинител, местото е обезбедено и преземени се мерки за нивно уништување.
На 10.11.2022 околу 21.30 часот во СВР Куманово е пријавено дека во с.Пелинце, кумановско, на место викано „Искра“ во „Пчинска Река“, Р.И.(67) од с.Пелинце, додека управувал трактор „Фергусон 539“, се превртел и починал на местото на несреќата. Лекар констатирал смрт, а увид извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.
На 10.11.2022 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Од извршената контрола било констатирано дека 17 возачи ја пречекориле брзината на движење, од кои 12 во населено место и пет надвор од населено место. Сите биле соодветно санкционирани.
Истиот ден, во периодот од 09.00 до 14.00 часот, на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници. За време на акциската контрола 44 возила биле упатени во станица за технички преглед. Притоа биле констатирани 10 прекршоци од кои 3 за неисправен уред за запирање, 1 неисправен уред за управување, 3 за неисправни светлосни уреди, 2 за неисправни останати уреди и 1 за непродолжена регистрација. Сите биле соодветно санкционирани. Санкционирани биле и 24 други видови на прекршоци, од кои 17 за управување возило без возачка дозвола, 3 за нерегистрирано возило, 2 за непрописно престигнување и 2 за непрописно паркирање. Засилените контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
На 11.11.2022 во 01.00 часот во Полициската станица Бит Пазар, Ј.И.(68) од Скопје пријавил дека на ул.„Павле Илиќ“ бил каснат од куче скитник.
На 11.11.2022 година во 04.00 часот било пријавено дека во село Стојаково, Општина Богданци, Б.П.(18) од Богданци, управувајќи патничко возило „голф“ со гевгелиски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Б.П.(18) од Кавадарци, а со телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот Д.П.(22), и двајцата од Богданци, констатирани во Медицинскиот центар Гевгелија. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Гевгелија.
На 10.11.2022 во 11.25 часот во Полициската станица Гази Баба, К.С.(78) од Скопје, пријавил дека на ул.„Маџари“ бил каснат од куче скитник.
СВР Битола - ОВР Прилеп до Основното јавно oбвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против М.А.(46) од Прилеп, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, казниво по член 353-в од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на управител на правен субјект од Прилеп, ги повредил одредбите од Законот за работни односи и Колективниот договор на правното лице, со тоа што до 01.09.2022 година имал склучено договор за работа во Р.Хрватска, а истовремено не го имал прекинато работниот однос во јавно претпријатие од областа на комунална дејност од Прилеп, со што се стекнал со противправна имотна корист.
На поширокото тетовско-гостиварско подрачје вчера (10.11.2022) од 09.00 до 14.00 часот спроведена е акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници, во која вкупно биле откриени и санкционирани 9 прекршоци (ТЕ-5 и ГВ-4). Шест од нив се однесувале на неисправни сопирачки (ТЕ-4 и ГВ-2), 2 (ГВ) на неизвршен технички преглед и 1 (ТЕ) на неисправен уред за управување. Технички неисправните возила веднаш се исклучени од сообраќај, а на возачите изготвени им се законски предвидените поднесоци и ќе се соочат со парични глоби. При контролата, исто така, санкционирани се и 5 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-2 и ГВ-3).
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Љ.А.(31) од Дебар, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 01.11.2022 во близина на Домот на култура во Дебар, полициски службеници затекнале три лица кои во моментот користеле марихуана која претходно ја набавиле од пријавениот.
На 10.11.2022 околу 21.20 часот на подрачје на Аеродром од полициски службеници од СВР Скопје лишени од слобода се М.Г.(22) и Г.Л.(28), двајцата од Скопје, постапувајќи по пријава според која двете лица во угостителски објект во с.Долно Лисиче, скопско, учествувале во физички напад со тврд предмет извршен од Д.С. врз Ј.Ц.(50) од с.Горно Лисиче, скопско. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.И. (37) од Велес, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ и ,,фалсификување пари“. Пријавениот, со намера да се стекне со противправна имотна корист, прибавил 12 фалсификувани банкноти во апоени од по 100 евра, кои во текот на месец март 2022 година ги пуштил во оптек при купопродажба на мобилни телефонски апарати.
На 11.11.2022 на подрачјето на Центар од полициски службеници од СВР Скопје лишени од слобода се четворица малолетници од Скопје, по пријава од Д.С.(19) од Скопје според која на 10.11.2022 околу 22.15 часот во Градскиот парк во близина на фонтаната малолетниците физички го нападнале. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 11.11.2022 во СВР Скопје А.Ф.(36) вработен како директор на студентски дом во населба Кисела Вода, Скопје пријавил дека на работното место, по претходна расправија, Н.Ј., кој бил поранешен вработен во домот, заедно со уште едно лице, фрлиле запалива течност, при што настанал пожар. Повредени лица до моментот на пријавувањето нема, а пожарот е изгаснат од противпожарната единица Скопје. Полициски службеници се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за негово расчистување.
Полициска станица Валандово поднесе кривична пријава против Л.Р. (21) од Р.Србија, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот’’. На 04.11.2022 околу 14.20 часот во с.Удово, на бензинска пумпа, било констатирано дека пријавениот со патничко возило, во кое превезувал четворица мигранти, предизвикал сообраќајна незгода.
На 11.11.2022 во 03.00 часот К.И.(22) од Скопје, пријавил дека околу 02.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Д.П.(25) од Скопје и неколку други лица, при што бил употребен и стаклен предмет. Се работи на расчистување на случајот.
На 10.11.2022 во 21.00 часот Д.А.(40) од с.Огњанци пријавила дека околу 17.55 часот во автобус број 62, на почетната автобуска станица во с.Огњанци, по претходно недоразбирање, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице од с.Идризово. Се работи на расчистување на случајот.
На 10.11.2022 во 19.30 часот М.Р.(26) од Скопје пријавил дека на 09.11.2022 околу 16.00 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од П.С.. Се работи на расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.С.(17) од село Чегране, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 04.10.2022 во 13.30 часот во двор на средно училиште настанала физичка пресметка помеѓу пријавениот и С.Р.(18) од Р.Хрватска, со престој во с.Добридол, при што пријавениот со остар предмет се обидел да го повреди С.Р., но бил спречен.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.А.(47) од Куманово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 07.11.2022 во 14.30 часот полициски службеници извршиле претрес кај пријавениот и пронашле хероин.
На 10.11.2022 околу 18.30 часот во Полициска станица Карпош Б.Д.(40) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Карпош едно лице со закана и физичка сила ѝ одзел ташна со пари, лични документи и предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(49) од Тетово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 02.03.2021 при извршен претрес во дом и помошни простории, сопственост на пријавениот, се пронајдени ловна пушка „ИЖ модел 43 Е 12 мм“, неважечка дозвола за носење и поседување на огнено оружје и шест куршуми од 12 мм.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.Ш.(20) од Струмица, поради постоење основано сомнение дека на 05.11 и 06.11.2022 во с.Иловица извршил обљуба врз малолетничка, со која бил во љубовна врска.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.С.(63) од Делчево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 16.10.2022 пријавениот од својот профил на социјална мрежа му испратил порака со заканувачка содржина на профилот на Д.С.(40) од Делчево.
На 10.11.2022 во 15.15 часот во СВР Куманово е пријавено дека во Општата болница Куманово е донесен И.С.(23) од с.Ропаљце, Липково, со тешка телесна повреда од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Х.Р.(47), поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ,,вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 22.09.2022 околу 06.45 часот на ул.„Браќа Ѓиноски“, полициски службеници при контрола на комбе „форд транзит“, управувано од пријавениот, било констатирано дека врши јавен превоз на патници без лиценца.