Извадок на дел од дневни настани 21.09.2022

На 20.09.2022 во 17.00 часот на улица „Никола Тесла“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, со судска наредба, го привеле 46-годишниот тетовец Р.М. за издржување затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 20.09.2022 во Прилеп, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи од ОВР Прилеп - СВР Битола го лишиле од слобода Е.Д.(35) од Прилеп. При претрес во неговиот во дом во Прилеп, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Исто така, во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп го лишиле од слобода и Д.Џ.(35) од Прилеп затоа што при преглед во патничко возило „форд фиеста", кое го управувал, бил пронајден и одземен амфетамин. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

Во текот на 20.09.2022, полициски службеници на СВР Битола спроведоа акциска контрола за спречување и откривање на лица кои вршат бесправна сеча и транспорт на огревно дрво. При контролата пронајдени се 17 кубни метри огревно дрво и лишени од слобода биле четири лица. Во Крушево полициски службеници затекнале патничко возило - комби „застава" без регистарски ознаки, управувано од С.С.(61) од Крушево. При контролата во возилото биле пронајдени околу 4 м3 огревно дрво без документација. Возилото и дрвата биле одземени и предадени на шумска полиција Крушево. Во атарот на с.Крапа, општина Македонски Брод, на место викано „Барбарас“, од слобода биле лишени В.Ц.(32) од Скопје, Г. Т.(20) од с.Ропотово, прилепско и М.Р.(23) од Прилеп. Тие биле затекнати при вршење на кражба на дрва. Од нив биле одземени моторна пила и околу 4 м3 исечено огревно дрво без документација. Полициски службеници од ОВР Прилеп – Полициско одделение Ропотово, во атарот на с.Црнилиште пронашле и одзеле една приколка натоварена со 5 м3 бесправно исечено огревно дрво, додека во с. Гостиражни при вршење на бесправна сеча бил затекнат Л. У.(22) од кого биле одземени 4 м3 огревно дрво, една приколка и една моторна пила. Лицето било лишено од слобода, дрвната маса била предадена на ЈП „Национални шуми“. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

На 20.09.2022 во 16.30 часот, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Е.Б.(34) и А.М.(32), двајцата од Прилеп. Тие биле затекнати при извршување кривично дело кражба во круг на фабрика во Прилеп. Кај нив биле пронајдени и одземени предмети со кои го вршеле делото. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Единицата за внатрешни работи Чаир при СВР Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против З.П.(52) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 5 од Кривичниот законик. Тој, со уште две лица, на 08.11.2021 во с.Глуво, скопско, физички ги нападнале Ѓ.Ж. и В.Ж. во нивниот дом и извршиле разбојништво, по што, по неколку дена Ѓ.Ж. починал од здобиените повреди. На 19.09.2022, по наредба на Јавен обвинител, полициски службеници од Единицата за насилен криминал извршиле претрес во домот на пријавениот, при што го пронашле и лишиле од слобода. Додека, на 20.09.2022 З.П. бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор.

 

На 21.09.2022 околу 03.30 часот на улица „Киро Ристевски-Дрнц“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 23-годишниот тетовец Л.М. затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица за расчистување и документирање на случајот, по што ќе му биде изготвен поднесок.

 

На 19.09.2022 во шума во с.Буковиќ, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Сарај – СВР Скопје го лишиле од слобода И.Р.(65) од Буковиќ. Тој бил затекнат при бесправна сеча на огревно дрво и кај него била пронајдена моторна пила, која била одземена и предадена на Шумска полиција. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 20.09.2022 во 06.40 часот на Граничен премин „Ново Село“, полициски службеници го привеле С.А.Т.(74) од Република Бугарија затоа што по извршената пасошка контрола било констатирано дека евидира во службената евиденција по барање од Секторот за меѓународна полициска соработка - Одделение за потраги СВР Скопје со мерка „Апси“. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Струмица за понатамошна постапка.

 

На 20.09.2022 во 11.30 часот на Граничен премин „Меѓународен Аеродром“- Скопје, полициски службеници го привеле К.И.(59) од Република Турција, со привремен престој во државата, затоа што по извршена пасошка контрола и проверка во службената евиденција било констатирано дека евидира со мерка „Апси” по барање на Секторот за меѓународна полициска сорботка-Одделение за потраги СВР Тетово за сторено кривично дело „даночно затајување“, а по наредба од Основен суд Тетово. Лицето било предадено на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје за спровод до Затвор Тетово.

 

На 20.09.2022 во 12.00 часот на Граничен премин „Стар Дојран“, полициски службеници го привеле В.Д.(30) од Република Србија затоа што на граничниот премин физички го нападнал Б.Р.(53) од Богданци. Лицето било изведено пред судија од Основен суд Гевгелија, кој му изрекол санкција.

 

Денеска (21.09.2022) во 04.30 часот на Граничен премин „Meѓународен Аеродром“ Скопје, полициски службеници го привеле И.Х.(22) од Република Косово затоа што на пасошка контрола приложил романска лична карта на име од Х.Е.(20) во Република Србија. Лицето било предадено на полициски службеници од Регионален центар за гранични работи Север – Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје за понатамошна постапка.

 

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (20.09.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 241 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 22 санкции, 36 мерки за возење без возачка дозвола, три мерки за возење под дејство на алкохол. Изречени се 28 мерки за нерегистрирани возила, шест санкции за возач почетник, 22 санкции за користење мобилен телефон, девет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

 

На 20.09.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 41 прекршок, од кои 35 во населено место и 6 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 21 други видови на прекршоци, од кои 4 за технички неисправно возило, 2 за нерегистрирано возило, 4 за управување возило без возачка дозвола, 1 возач почетник, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за користење мобилен телефон и 8 за непрописно паркирање.

 

Во текот на вчерашниот ден (20.09.2022) на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санкционирани се 27 возачи од кои 20 ја пречекориле брзината во населено место и 7 возачи ја пречекориле брзината надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

 

На 20.09.2022 во 09.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека на бул.„Октомвриска Револуција“ во Куманово, товарно моторно возило „пежо“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.А.(40) од Куманово, удрило во пешакот В.С.(81) од Куманово. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила В.С. констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 20.09.2022 во 14.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од ул.„Народна Револуција“ и ул.„Перо Шварц“во Куманово, патничко моторно возило „опел“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(70) од Куманово, удрило во пешакот С.С.(60) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.С. констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

 

На 20.09.2022 во 16.35 часот во Полициската станица Гази Баба, А.К.(31) од Скопје пријавил дека на ул.„Перо Наков“ бил каснат од куче скитник. 

На 20.09.2022 во 15.40 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција Карпош и Единицата за интервентна полиција Центар и Бит Пазар при СВР Скопје лишиле од слобода двајца малолетници од Скопје. Тие биле фатени по извршени кривични дела „тешка кражба", при што кај нив биле пронајдени и одземени три електрични тротинети и клучеви од две моторни возила. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе им биде поднесен соодветен поднесок.

На 20.09.2022 на подрачје на Центар, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.Д.(46) од с.Вражале, скопско и И.П.(33) од Скопје поради основано сомнение дека сториле две кривични „разбојништво“(на 27.08.2022 и 16.09.2022 на подрачје на Центар) казниви по член 237 од Кривичниот законик и едно кривично дело „тешка кражба“ казниво по член 236 од Кривичниот законик, сторено на 19.09.2022 на подрачје на Центар, при што на оштетените им одземале пари и лични предмети. За настанот бил известен Јавен Обвинител и по целосно докумнетирање и расчистување на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 20.09.2022 во 21.45 часот на ул.„Ристо Чадо“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид забележале патничко возило „митсубуши пајеро“ без регистарски ознаки како превезува огревно дрво. По преземени мерки, на имот на улицата, сопственост на Б.С.(48), било пронајдено возилото, огревно дрво од околу 1,5 кубни метри и моторна пила. Возилото, дрвата и пилата биле одземени и предадени на Шумска полиција, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.09.2022, полициски службеници од СВР Штип го привеле Д.З.(25) од Штип бидејќи во 12.15 часот на ул.„Широк дол“ во Штип кај него била пронајдена и одземена прашкаста материја. По комплетирање на случајот против Д.З. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Денеска (21 септември) во 11.30 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.С.(42) од с.Ваксинце, општина Липково, затоа што претходно на Државниот универзитет Тетово го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон вработениот М.Т.(36) од Тетово. Тој бил приведен во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 21.09.2022 околу 02.30 часот на локалниот пат Долна Лешница – Желино, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 38-годишниот Б.С. од тетовско Желино, кој управувал патничко моторно возило „форд фиеста“ со несоодветни регистарски таблици. Б.С. бил задржан во полициска станица, додека возилото времено е одземено за натамошна постапка. Се расчистува случајот.

На 20.09.2022 на магистрален пат М1, во близина на клучка „Марвинци“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица и полициски службеници Чешка Република го лишиле од слобода Ѕ.А.(22) – илегален мигрант од Мароко затоа што физички нападнал полициски службеник од Чешка кој извршувал службени дејствија. Претходно, тој, со група со уште четири лица мигранти, биле запрени од полициските службеници и при обид да побегнат, Ѕ.А. и уште едно лице физички го нападнале полицискиот службеник. Тој бил приведен во Полициската станица Гевгелија и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.09.2022 во 22.10 часот во Полициската станица Аеродром, З.С.(56) од Скопје пријавил дека околу 18.40 часот на паркинг пред маркет на подрачје на Аеродором бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 20.09.2022 во 23.25 часот во СВР Куманово било пријавено дека во Општа болница Куманово бил донесен починат Н.Р.(81) од Куманово. Според пријавеното, истиот ден околу 12.00 часот тој излегол од домот, а потоа бил пронајден од членови на семејството во безсознание во објект во изградба на ул.„Пробиштипска“, по што бил однесен во болницата каде што лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на ЈаАвен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција. Увид бил извршен.

На 20.09.2022 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Петар Манџуков“ едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против И.В.(47) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 06.08.2022 во угостителски објект во Струмица пријавениот спречувал полициски службеници во вршење на службени дејствија.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Б.Б.(70) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 20.08.2022 во Дебар, пријавената запалила плинска боца на балконот од својот дом при што се запалиле алишта кои биле на балконот, по што таа ја фрлила боцата на паркингот и предизвикала пожар во паркирано патничко возило.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.А.(49) од с.Орашје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 18.12.2021 на пат од с.Горно Орашје кон с.Долно Орашје, при извршен преглед кај пријавениот, пронајдена и одземена била марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Џ.(23) од с.Црвивци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 01.06.2022 во Кичево, при извршен преглед над пријавениот, пронајдена и одземена била марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против У.С.(31) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 16.02.2022 во Кичево, при извршен преглед над пријавениот, пронајдена и одземена била марихуана.

Полициската станица Гевгелија поднесе кривична пријава против И.Д.(31) и С.М.(34), двајцата од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 10.12.2021 во Гевгелија, при извршен претрес во домот на првопријавениот, пронајден и одземен бил амфетамин, а исто така на 28.01.2022, при извршен претрес во домот и други простории на второпријавениот, пронајден и одземен бил амфетамин, за кој изјавил дека го добил од првопријавениот како надомест за паричен долг.

Регионалниот центар за Гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Л.В.(60) од с.Русиново поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување или уништување на деловни книги“. На 25.08.2022 на место викано „Три Реки“, при извршена контрола на товарно возило со кое пријавениот вршел транспорт на дрвна маса на релација од с.Русиново до Ново Село, тој приложил испратница издадена од правно лице од Берово, а која била наменета за друго товарно возило.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Т.(35) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“, „изнуда“ и „загрозување на сигурноста“. Имено, во ноември 2020 година, при давање парични средства на заем, пријавениот од лице од с.Градец како гаранција одзел неколку возила во вредност од околу 70-80.000 евра. Со тек на време должничкиот износ со камати достигнал износ од околу 200.000 евра, а лицето се договорило со пријавениот долгот да се исплаќа на рати. Откако биле вратени 80.000 евра и лицето задоцнил со исплата на ратата, пријавениот во повеќе наврати со јавување и испраќање пораки упатил закани по животот на Х.В. и неговиот син, барајќи да му исплатат 750.000 евра, а се обидел да го принуди да му ја префрли неговата фабрика.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против А.Ѓ.(68) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Пријавениот узурпирал површина од 229 м2 во месноста „Манастирец“ - Центар Жупа, сопственост на Република Северна Македонија, при што изградил викенд куќа и помошен објект, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 453.420 денари на штета на Буџетот на Република Северна Македонија.

На 20.09.2022 околу 19.30 часот во Полициското одделение Петровец, Д.В.(27) од с.Стојаково, општина Богданци, пријавил дека околу 18.50 часот на автопатот Скопје-Велес, на бензинска пумпа во близина на Катланово, две возила „бмв“ и „мерцедес“, во кое било лице со кое претходно имале недоразбирања, му го попречиле патот на товарното возило кое го управувал и пукале кон возилото. Нема повредени лица, ниту оштетувања на возилото на пријавителот. Се работи на расчистување на случајот.