Извадок на дел дневните настани 20.09.2022

На 19.09.2022 во 18.00 часот на ул.„Блажо Алексов“ во Кавадарци, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Ј.(39) од Кавадарци. Тој бил осуден на 15 години казна затвор за сторени кривични дела по член 131, член 237 и член 396 од Кривичниот законик. За него била распишана централна потерница од Казнено-поправната установа Затвор Идризово -Скопје каде имал за доиздржување уште една година и пет месеци. Лицето било спроведено во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.

На 19.09.2022 околу 14.00 часот во с.Арачиново, скопско, полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица Тигар при Бирото за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи го лишиле од слобода С.А.(33) од с.Арачиново. За него била распишана централна потерница од Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување казна затвор од четири години и десет месеци за сторено кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Исто така, за него биле распишани и два централни расписи поради основи на сомнение за сторени кривични дела по член 288 и член 386 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.

На 19.09.2022 во 11.25 часот, полициски службеници од Полициската станица Валандово го лишиле од слобода Д.Ѓ.(33) од село Пирава, валандовско, за кого била распишана потерница поради бегство од Затвор Гевгелија. Лицето било предадено во Казнено - поправната установа Затвор Гевгелија за доиздржување на казната.

На 19.09.2022 во Скопје, полициски службеници од Единицата за насилен криминал - Одделение за насилен криминал при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Г.(28) од Скопје. Тој се сомничи дека на 31.08.2022 околу 16.20 часот на Плоштад „Скендербег“ во Скопје, за време на одржување на јавен собир на граѓани, физички ги нападнал Б.А. и С.М.. Тој бил приведен во полициска станица и во службен разговор го признал делото. По целосно документирање на случајот, во координација со Јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 19.09.2022 на ул.„Скупи“ во Скопје, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи Карпош и Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар го лишиле од слобода Ф.Ч.(32) од Скопје. Тој бил баран со централен распис од Одделението за криминалистички работи Карпош поради сомнение за извршени повеќе кривични дела „тешка кражба“ на подрачјето на Град Скопје. Тој бил задржан во Полициска станица Карпош и по целосно документирање на случаите против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во периодот 19/20.09.2022, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во Прилеп извршија засилени сообраќајни контроли, при што санкционирани се девет возачи. Од нив пет возачи го управувале возилото без возачка дозвола, три возеле под дејство на алкохол и санкциониран е уште еден прекршок. Исто така, при контролите на полициски службеници од Одделот за униформирана полиција при БЈБ во соработка со ОВР Прилеп од слобода биле лишени две лица. На ул.„Карпалак“ од слобода бил лишен Б.М.(23) од Прилеп затоа што при преглед кај него и возилото „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена марихуана. Кај с.Тројаци, прилепско, од слобода бил лишен Т.П.(37) од с.Возарци, кавадаречко, затоа што при контрола било констатирано дека врши јавен превоз без соодветна документација, а притоа не поседувал ни возачка дозвола. По документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (19.09.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 130 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 22 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, четири мерки за возење под дејство на алкохол. Изречени се девет мерки за нерегистрирани возила, пет санкции за возач почетник, осум санкции за користење мобилен телефон, три мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

На 19.09.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 37 прекршоци, од кои 19 во населено место и 18 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 13 други видови на прекршоци, од кои 4 за управување возило без возачка дозвола, 1 возач почетник, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за некористење заштитна кацига и 6 за непрописно паркирање.

Во текот на вчерашниот ден (19.09.2022) на територијата на СВР Битола спроведена e засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возило со брзина поголема од пропишаната, при што санционирани се 30 возачи, од кои 24 ја пречекориле брзината во населено место и 6 возачи ја пречекориле брзината надвор од населено место. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

На 20.09.2022 во 04.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека нa автопатот „Пријателство“, пред исклучок за Меѓународен аеродром-Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ровер“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(62) од Прилеп и патничко возило „фиат браво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Г.(66) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатниците од возилото „фиат браво“, А.Д.(61), В.Б.(39) и уште една малолетничка, сите од Скопје, констатирани во Комлексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 19.09.2022 во 19.40 часот во СВР Tетово – ОВР Гостивар било пријавено дека на регионалниот пат Леуново-Ниќифорово, патничко моторно возило „ауди“ со гостиварски регистарски ознаки што го управувал 33-годишниот М.Ј. од гостиварско Врапчиште, излетало од коловозот. Во несреќата, сопатникот Б.С.(34) од Гостивар се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

На 19.09.2022 во 05.30 часот во СВР Струмица било пријавено дека на локален пат кој води од крстосница со магистрален пат А4 кон село Доброшинци, струмичко, В.В.(54) од село Чанаклија, струмичко, управувајќи товарно моторно возило „ивеко“ со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.М.(38) од Струмица, а возачот и сопатникот С.Р.(26) од Струмица се здобиле со телесни повреди, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.

На 19.09.2022 во 12.10 часот во СВР Тетово било пријавено дека на улица „Илинденска“ во Тетово, патничко моторно возило „фолксваген поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 22-годишниот тетовец Б.М., удрило во 63-годишниот Е.Ш.(пешак) од тетовско Камењане. Во несреќата пешакот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во тетовската Клиничка болница. На местото на несреќата увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.
 

Денеска (20.09.2022), полициски службеници од ЕВР Ѓорче Петров, со наредба од Основен суд Скопје, го лишиле од слобода А.С.(41) од с.Кондово, скопско, за издржување казна затвор од една година и шест месеци. Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.

Денеска (20.09.2022) во 12.00 часот на ул.„11 Октомври“ во Скопје, полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар го лишиле од слобода Н.Д.(46) од с.Вражале, општина Зелениково. Тој се сомничи дека на 16.09.2022 извршил кривично дело разбојништво, односно дека со употреба на сила од такси возач одзел пари. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 19.09.2022, полициски службеници од Полициската станица Штип го привеле Н.Л.(41) од Штип бидејќи во 21.30 часот на ул„Сутјеска“ во Штип кај него била пронајдена и одземена грутчеста материја. По комплетирање на случајот против Н.Л. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Д.(27) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 25.01.2022, затворски службеници извршиле претрес во соба во Казнено –поправната установа Затвор Идризово, каде престојувал пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

На 19.09.2022 во 10.40 часот во Полициската станица Кочани, 71 – годишна жена пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 12.000 денари. Според пријавеното, на 16.09.2022 околу 16.00 часот лицето дошло во нејзиниот двор и ѝ понудило огревни дрва. Како што е пријавено, откако се договориле, таа му дала 12.000 денари, а лицето заминало и не се вратило со дрвата, по што сфатила дека била измамена. Се работи на расчистување на случајот.

На 19.09.2022 во 14.45 часот на патот с.Горно Којнаре кон с.Табановце, кумановско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот дале знак за запирање на патничко возило „бмв“ со со скопски регистарски ознаки и патничко возило „алфа ромео“ со швајцарска национална ознака. Возилата набргу застанале, по што возачите и неколку лица мигранти побегнале. При контрола, во возилото „алфа ромео“ биле пронајдени четири мигранти, од кои тројца од Сирија и еден од Судан, кои биле спроведени во прифатно-транзитен центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 19.09.2022, по преземени мерки и активности за откривање на нелегална сеча на дрва на подрачјето на ОВР Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани и полициски службеници од Шумска полиција, при контрола и преглед на патничко моторно возило ,,шкода фелиција“ без регистарски таблички, пронашле и одзеле буково огревно дрво, а лицето кое го управувало возилото избегало. Возилото и дрвата се одземени и предадени на Јавното претпријатие ,,Национални шуми“ - Подрачна единица Кочани. Се работи на расчистување на случајот.

На 19.09.2022 во 17.30 часот во Полициското одделение Петровец било пријавено дека во населба Маџари-Скопје била пронајдена Б.С.(15) за која на 18.09.2022 нејзината мајка Н.С.(33) од с.Марино, општина Илинден, пријавила дека се оддалечила од куќа во с.Кадино, општина Илинден, каде престојувала.

На 19.09.2022 во 13.10 часот во Полициската станица Карпош било пријавено дека во Јавна установа за згрижување на деца се вратил нивниот штитеник Р.Ѓ.(16) од Делчево за кого на 18.09.2022 беше пријавено дека се оддалечил од установата.

На 19.09.2022 во 11.42 часот во СВР Скопје било пријавено било дека на ул.„11-ти Октомври“ во Скопје настанал пожар во две стари бараки, сопственост на Д.Н.(55) и Д.К.(65), двајцата од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

СВР Скопје – Единицата за недозволена трговија поднесе кривична пријава против М.О.(21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 21.05.2022 на ул.„Гоце Делчев“, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле пиштол „Застава“ калибар 7,62 М57 со една рамка и пет куршуми.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.А.(34) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие”. На 28.07.2022, пријавениот во својот дом во Делчево со употреба на физичка сила и закана спречил вработен во Основен суд во Делчево – судски курир во вршење на службено дејствие.

На 19.09.2022 околу 13.30 часот во Полициското одделение Мирковци, В.Р.(20), Г.Р.(47) и Д.Д.(38), сите од с.Волково, скопско, пријавиле дека на 18.09.2022 околу 01.30 часот во казино во с.Орман, скопско, биле физички нападнати од три лица. Се преземаат мерки за расчситување на случајот.

На 19.09.2022 во 14.30 часот во Полициската станица Гази Баба, А.Д.(38) од с.Булачани, скопско, пријавила дека околу 09.50 часот во училница во основно училиште во с.Булачани нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Р.(60) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, во текот на 2021 година, вработен во правно лице за трансфер на пари во Гостивар, без согласност на оштетеното лице, во неколку наврати ги обработувал и користел неговите лични податоци испраќајќи парични средства во други држави за други лица, пополнувајќи формулари со личните податоци на оштетениот.

На 19.09.2022 во 21.00 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, малолетник од Скопје пријавил дека околу 19,00 часот неговиот татко Т.М.(49) физички го нападнал и го избркал од дома. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (20.09.2022) во 07.25 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Гостивар-Градец, во Врапчиште, патничко моторно возило „фиат пунто“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 41-годишниот А.Ш. од гостиварска Топлица, удрило во велосипед што го управувал Х.Б.(64) од гостиварски Добридол. Во несреќата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

На 19.09.2022 околу 21.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред интернет кафе на ул.„Кемал Сејфула“, по претходна расправија и недоразбирање, двајца малолетници од Скопје биле физички нападнати од неколку малолетници, кои употребиле остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 19.09.2022 во 15.50 часот во СВР Струмица било пријавено дека на улица „24-ти Октомври“ во Струмица, М.К.(25) од село Дабиле, струмичко, управувајќи мотоцикл „сузуки“ со струмички регистарски ознаки, удрил во паркирано патничко моторно возило „шевролет“ со струмички регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, кој бил пренесен во Медицински центар Струмица, а увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица.

На 19.09.2022 во СВР Битола било пријавено дека во Клиничката болница во Битола со тешки телесни повреди бил пренесен З.К.(41) од Битола. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при пад од мотоцикл на место викано „Смолево“ во Битола. Увид бил извршен.

На 19.09.2022 во 21.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Лазар Трповски“ во Скопје едно лице со закана кон вработената ги одзело парите од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 19.09.2022 во СВР Битола, Ш.В.(57) од Битола пријавил дека на бул.„1-ви Мај“ во Битола бил каснат од куче скитник.