Извадок на дел од дневни настани 12.08.2022

 Од страна на СВР Струмица, заедно со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во координација со полициски службеници од СВР Скопје, по преземени мерки и активности, лишени се од слобода И.Ј.(40) од Струмица и Ф.С.(36) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Имено, на 09.08 2022 А.Т. од Струмица пријавил дека во изминатата година осомничените И.Ј. и Ф.С. во повеќе наврати со вербални закани и со закана со пиштол од него успеале да изнудат околу 20.000 евра. Од страна на СВР Струмица до ОЈО Струмица против двете лица е поднесена кривична пријава.

 

На 11.08.2022 година во 22.30 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.А.(30) од село Отља, липковско, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (11.08.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 195 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 32 санкции, 12 мерки за возење без возачка дозвола, 50 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Изречени се 10 мерки за нерегистрирани возила, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), пет мерки за користење мобилен телефон...

 

На 11.08.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 32 прекршоци, од кои 22 во населено место и 10 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 22 други видови на прекршоци, од кои 1 за нерегистрирано возило, 6 за  управување возило без возачка дозвола, 3 за возач почетник, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за непрописно престигнување, 1 за некористење сигурносен појас, 4 за некористење заштитна кацига и 5 за непрописно паркирање.

 

Во текот на изминатата вечер (11.08.2022) во периодот од 22.00 до 03.00 часот Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 165 возачи. Од нив, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 115 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 50 надвор од населено место.

 

На 11.08.2022 во 17.05 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосницата од ул.,,Стрчин“ и ул.,,15 Корпус“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота“, управувано од О.Р.Г. (43), и мотоцикл „апачи“, управуван од А.Ј. (33), двете со битолски регистарски ознаки. Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен е увид од страна на увидна екипа од СВР Битола.

 

Вчеравечер (11/12.08.2022) од 22.00 до 03.00 часот, при контрола спроведена на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и магистралата Гостивар-Кичево од полициски службеници од СВР Тетово биле откриени и законски санкционирани вкупно 9 пречекорувања на максимално дозволената брзина (ТЕ-6 и ГВ-3) надвор од населено место, како и 11 (ТЕ) во населено место, а санкционирани, исто така, биле и 5 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-2 и ГВ-3). Во контролата, пак, реализирана вчера од 08.00 до 12.00 часот, со која биле опфатени мотоциклисти, санкционирани биле 14 прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-4), најмногу за неносење на заштитна кацига, односно шлем ( ТЕ-8 и ГВ-4), како и 8 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-2 и ГВ-6).

 

На 11.08.2022 во 10.50 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобода С.М.(42) од Скопје затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена прашкаста материја. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 11.08.2022 во 08.50 часот на Граничниот премин „Деве Баир“ на излез од Р.Северна Македонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“-турска возачка дозвола бил лишен од слобода J.K.(41) од Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 
 

На 11.08.2022 во 22.00 часот било пријавено дека на магистралниот пат Скопје-Приштина кај приклучок од обиколница на град Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно моторно возило “даф“ со приколка со турски национални ознаки, управувано од М.К.(58) од Турција, и патничко моторно возило “фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.К.(50) од с.Блаце-скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Х.К. констатирани во Градската општа болница “Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.  

 
 
 

На 11.08.2022 во 17.05 часот било пријавено дека во Битола на крстосница од ул.“Стрчин“ и ул.“15-ти Корпус“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “тојота“ со битолски регистарски ознаки, управувано од О.Р.Г.(43) од Битола, и мотоцикл “апачи“ со битолски регистарски ознаки, управуван од А.К.(33) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница во Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

 
 
 

На 11.08.2022 во 18.55 часот било пријавено дека на експресниот пат во изградба Кочани-Крупиште кај клучката за с.Спанчево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “поло“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Д.А.(19) од с.Спанчево и мопед “томос апн 6“ со кочански регистарски ознаки управуван од С.А.(71) од Кочани. По несреќата возачот на моторциклот бил пренесен во ЈЗУ Општа болница во Кочани за укажување на лекарска помош по што бил препратен во Клиничката болница во Штип каде починал. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Кочани.

 
 

На 11.08.2022 во 12.20 часот било пријавено дека во Охрид на кружен тек помеѓу ул.“7-ми Ноември“ и бул.“Македонски Просветители“ Н.М.(32) од Охрид управувајќи велосипед паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот констатирани во болницата “Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Охрид.

 
 

На 11.08.2022 во 23.40 часот во Полициската станица Аеродром В.М.(40) од Скопје пријавил дека на бул.“Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.

 
 
           

На 11.08.2022 во 14.00 часот во Полициската станица Кисела Вода М.И.(24) од Скопје пријавил дека на ул.“Христо Татарчев“ бил каснат од куче скитник.

 
 

Во текот на изминатата вечер (11/12.08.2022) во рамки на проектот „Безбедно лето 2022“, во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе акциска контрола на територијата на Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се седум возачи, од кои пет за возење без возачка дозвола. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. 

На 11.08.2022 околу 22.30 часот полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни Гостивар ги лишиле од слобода: Џ.А.(44), Т.А.(48), Х.А.(42), Б.А.(39), Л.А.(55), Н.А.(50), С.А.(52), Б.А.(25) и Д.А.(46), сите од гостиварско Ѓурѓевиште, поради сомнение за нивна инволвираност во физичка пресметка која на 10.08.2022 се случила во и околу угостителски објект на улица „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар. Тие се задржани во Полициската станица Гостивар за натамошна постапка и по целосно документирање на случајот, а во координација со Јавен обвинител, ќе се соочат со поднесоци.

 

На 11.08.2022 во 19.30 часот, во СВР Охрид пријавено е насилно отстранување и одземање на 27 букви од дигиталниот споменик и на македонското знаме, лоцирани на улицата „Коста Абраш“ во Охрид. Споменикот, сопственост на Општина Охрид, потоа бил исклучен од електрично напојување. По насока на Јавен обвинител, на местото на настанот, увид извршија полициски екипи. Се преземаат мерки за расветлување на настанот по што, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 11.08.2022 од 08.00 до 12.00 часот, на подрачјето на СВР Охрид, извршени се акциски контроли за санкционирање на прекршоци што ги прават возачи на мотори и мотоцикли. Притоа, полициските службеници регистрирале 17 прекршоци, најчесто за некористење заштитен шлем при управување со мотор (Охрид-09, Струга-04, Кичево-02, Дебар-02).

 

На 11.08.2022 полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Д.Т.(35) од Кавадарци. Тој на локалниот пат Дреново - Кавадарци со своето патничко возило „фиат пунто“ со кавадаречки регистарски ознаки, му го попречил патот на Л.М.(22) од Кавадарци кој се движел со патничко возило „голф“, со кавадаречки регистарски ознаки и физички го нападнал. Д.Т. е приведен во Полициската станица во Кавадарци и по целосно документирање на настанот ќе следи соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Х.(55) од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на 14.06.2022 година, по објавен текст на интернет социјална мрежа, напишал коментар со кој промовирал и поттикнал омраза и насилство.

 

На 11.08.2022 во 21.30 часот А.И.(32) од Скопје пријавил дека околу 19.30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 12.15 часот во СВР Скопје од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив бил донесен повреден С.М.(40) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повреди извршувајќи работни задачи во с.Добри Дол, како вработен во јавно претпријатие. Полициски службеници излегле на местото на настанот, а известен е и Трудов инспектор. 

 

На 11.08.2022 во 22.40 часот К.Ј.(24) од Скопје пријавил дека околу 19.00 часот на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од П.Н.. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 18.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, Д.А.(48) од Скопје пријавила дека на ул.„Жил Верн“ била касната од куче скитник.

 

СВР Тетово поднесекривична пријава против О.Р.(51) од с.Раковец, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 06.07.2022 полициски службеници од СВР Тетовона регионалниот пат село Пирок-Тетово, кај стариот сточен пазар,сопреле патничко возило „мерцедес“, управувано од пријавениот, а при извршената контрола е констатирано дека пријавениот врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца.

 

На 11.08.2022 во 19.53 часот И.Н.(39) од с.Долно Лисиче, скопско, пријавил дека во с.Долно Лисиче, по претходни недоразбирања, бил физички нападнат од М.С. од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 околу 10.16 часот во СВР Скопје е пријавено дека во обложувалница на подрачјето на Бит Пазар, едно лице со закана од вработената се обидело да одземе пари, но не успеало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 09.00 часот во Полициската станица Аеродром, Б.Т.(56) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.