Дневни билтени

Извадок на дел од дневни настани 11.08.2022

На 10.08.2022 во 10.40 часот на подрачјето на Драчево полициски службеници од Единицата за внатрешни работи-Одделение за криминалистички работи Аеродром и Драчево и од Полициската станица Драчево го лишиле од слобода Г.Ј.(50) од Скопје. Тој се сомничи дека неколку часа претходно извршил кривично дело „тешка кражба“ од продажен објект на подрачјето на Драчево. Во службен разговор Г.Ј. го признал делото, а дел од одземените предмети се пронајдени и вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 10.08.2022 во 19.20 часот на подрачјето на Драчево од полициски службеници од Полициска станица Драчево е лишен од слобода Ф.С.(59) од село Долно Количани, скопско. Постапувајќи по пријава од 09.08.2022 во 11.55 часот, според која покрај патот кој води за с.Парагуша било забележано едно лице кое управувало патничко возило „шкода фелиција“, со скопски регистарски ознаки, како со запалка ја запалило сувата трева покрај патот, биле преземени мерки и активности и лицето е пронајдено и приведено. Притоа, пожарот бил изгаснат од противпожарната единица Скопје. Во координација со Јавен обвинител по целосно документирање на случајот, против Ф.С. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 10.08.2022 во 18.20 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на магистрален пат М-1, во близина на клучка за село Марвинци, валандовско, товарно возило „сканија“ со приколка, со скопски регистерски ознаки, излетало од патот. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени 49 мигранти, кои според нивно кажување се од Сирија. Во несреќата едно лице мигрант се здобило со тешки телесни повреди, а 34 се здобиле со телесни повреди, констатирани во медицинските центри во Гевгелија и Струмица. Останатите лица мигранти се пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ Гевгелија. За настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Велес, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Валандово.


На 10.08.2022 во 12.30 часот на автопатот А1 полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Ѓ.М.(68) од Неготино, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „одземање на моторно возило.“ Тој се сомничи дека неколку часа претходно во Скопје одзел патничко возило „шевролет авео“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.А. од Скопје. По целосно документирање на случајот против Ѓ.М. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.08.2022 во 00.40 часот на подрачјето на Драчево, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Ц.(39) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (10.08.2022) околу 22.00 часот, на улица „Радован Цониќ“ во Tетово, го лишиле од слобода 24-годишниот тетовец А.Ј., затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 10.08.2022 во 10.30 часот полициски службеници од Одделот за недозволена трговија при СВР Велес ги лишиле од слобода К.Г (26) и К.В (28) од Велес, затоа што кај нив билa пронајденa бела прашкаста материја. Лицата се приведени во полициската станица во Велес и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 11.08.2022 во 00.35 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Н.(36) од Скопје, затоа тоа што кај него била пронајдена и одземена бела грутчеста материја. По документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 10.08.2022 година во 21.25 часот полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода А.М (20) од Велес, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на вчерашниот ден (10.08.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 422 возачи. Од нив 21 возило се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 211 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 211 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (10.08.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 187 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 69 санкции, девет мерки за возење без возачка дозвола, 12 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Изречени се пет мерки за нерегистрирани возила, пет санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло)..

На 11.08.2022 во 02.50 часот било пријавено дека во Куманово на бул.„Трета македонска ударна бригада“ малолетник од Куманово, управувајќи мопед „џилера“ со кумановски регистарски ознаки, паднал на коловозот. Во несреќата малолетникот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера (10.08.2022) од 08.00 до 22.00 часот спровеле акциска контрола за брзина со која се движат возилата, при што вкупно биле санкционирани 18 (ТЕ) пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место и 14 (ГВ), како и 1 во населено место (ТЕ). Две од пречекорувањата (ТЕ) биле до 70 километри на час над пропишаната брзина. При контролата, исто така, санкционирани се и 44 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ) и 8 (ГВ).

На 11.08.2022 во 00.10 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосницата од ул.„Џон Кенеди“ и ул.„Серава“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со косовски национални ознаки, управувано од В.К.(33) од Косово и мотоцикл „јамаха“ со скопски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од мотоциклот Е.З.(19) од с.Блаце, скопско, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 10.08.2022 во 11.10 часот било пријавено дека во Охрид на крстосницата од ул.„Гоце Делчев“ со ул.„Никола Петров Русински“, велосипед управуван од М.Ќ.(80) од Охрид паднал на коловозот, откако патничко возило му го пресекло правецот на движење. Во несреќата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Охрид.

На 10.08.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 37 прекршоци, од кои 25 во населено место и 12 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 31 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 8 за управување возило без возачка дозвола, 1 за возач почетник, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 7 за недавање првенство на пешаци, 1 за некористење сигурносен појас, 4 за некористење заштитна кацига и 7 за непрописно паркирање.

На 10.08.2022 околу 10.30 часот било пријавено дека на регионалниот пат Струга-Дебар, во близина на крстосница со локалниот пат за с.Лабуништа, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.П.(66) од Скопје и патничко возило „мерцедес“ со албански национални ознаки, управувано од В.Ц.(22) од Албанија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатник од возилото „мерцедес“, Л.Д.(18) од Албанија, а со телесни повреди се здобиле уште еден сопатник од истото возило, С.Д.(61) од Албанија и возачот Б.П., констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Струга.

На 10.08.2022 во 12.45 часот во Полициската станица Аеродром, А.К.(30) од Скопје, пријавила дека на бул.„Видое Смилевски Бато“ била касната од куче скитник.

На 10.08.2022 во 13.50 часот во Полициската станица Аеродром, М.К.(39) од Скопје пријавила дека на ул.„1615“ била касната од куче скитник. 

На 10.08.2022 по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Д.М.(33) од Штип. Тој се сомничи дека на 29.07.2022 на ул.„Ванчо Прќе“ во Штип извршил кривично дело „тешка кражба“ на дрзок начин, одземајќи ѝ ташна и мобилен телефон на 82-годишна жена, и кривично дело „кражба“, извршено на 30.07.2022, при што од работна просторија во состав на Клиничката болница Штип одзел торба со лап топ компјутер и други предмети, сопственост на вработен во болницата. Во просториите на СВР Штип при извршен службен разговор, осомничениот ги појаснил времето, местото, начинот и околностите на вршење на кривичните дела, како и на лицата на кои им ги продал одземените предмети. Украдените предмети се пронајдени и ќе бидат вратени на оштетените граѓани. По целосно документирање на случајот против Д.М. до ОЈО ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

 

Денеска (11.08.2022) од страна на полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Битола извршен е претрес во дом на Л.С. (37) во Битола, при што пронајдени се хероин и марихуана. Лицето е лишено од слобода и против него ќе биде поднесена кривична пријава.

 

Полициски службеници на СВР Тетово вчера (10.08.2022) околу 17.00 часот, во тетовско Теарце, го лишиле од слобода 27-годишниот М.А. од ова село, поради сомнение дека извршил „намамување на обљуба или на други полови дејствија на дете кое не наполнило 14 години“. Станува збор за малолетничка од соседно Косово, а делото, според пријавеното, било извршено преку социјални мрежи. Се расчистува и документира случајот, по што против М.А. ќе следува соодветен поднесок.

 

На 10.08.2022 по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Штип, при контрола на регионален пат Штип - Плачковица го затекнале Ј.Г.(58) од с.Теранци, кочанско кој управувал возило „фиат“ без регистарски таблички, натоварено со бесправно исечени дабови огревни дрва. Возилото и дрвата се предадени на Шумска полиција за понатамошна постапка и ќе следува соодветна пријава.

 

На 10.08.2022 во Полициската станица Свети Николе, С.А.(73) од Свети Николе пријавила дека околу 18.30 часот во Свети Николе била касната од куче сопственост на Т.Н. По документирање на случајот против сопственикот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 11.08.2022 во 09.15 часот од страна на полициски службеници од Полициската станица Ресен и Надворешната канцеларија за криминалистички работи бил лишен од слобода М.Н.(46), кој бил затекнат при бесправна сеча на огревни дрва, од кои дел биле натоварени на возило. Извршен е увид на местото на настанот. Истиот ден, во 11.00 часот полициски службеници, постапувајќи по планот за „Безбедно лето 2022”, на место викано „Бела Вода“, атар на с.Златари, пронашле патничко возило „сеат толедо“, со ресенски регистарски ознаки, натоварено со огревно дрво без соодветна документација. Возилото и дрвата се предадени на ЈП „Национални шуми” - подружница Ресен, а по документирање на случајот против сторителите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 10/11.08.2022 од страна на патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп беа спроведени контроли на лица и патнички возила на подрачјето на Прилеп. За време на контролите пет лица се лишени од слобода, од кои кај едно лице И.А. (36) била пронајдена марихуана, а поради нарушување на јавниот ред и мир се приведени Д.В. (40), И.Д. (35), И.Б. (37) и М.Г. (34). По расчистување на случаите ќе бидат поднесени содветни поднесоци.

 

Денеска (11.08.2022) во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 146 возачи. Од нив, 99 возачи не користеле заштитна кацига, 21 возеле без возачка дозвола, шест мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци.

 

На 10/11.08.2022 во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 13 возачи. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

 

Денеска (11.08.2022), во периодот од 08.00 до 14.00 часот спроведена е акциска контрола на прекршоци кои ги прават возачите на мотоцикли. Притоа, биле изречени санкции за 20 прекршоци, од кои 11 за неносење заштитна кацига, 2 за управување без возачка дозвола, 1 за измината важност на сообраќајната дозвола, 1 за управување под дејство на алкохол и 5 други видови на прекршоци. Одземен е еден мопед согласно чл.344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

 

На 10.08.2022 околу 04.35 часот на автопатот „Пријателство“ во близина кај клучка Неготино, полициски службеници од Полициска станица Михајлово, Регионалниот центар за гранични работи Југ и од Полициска станица Неготино во две патнички возила „ауди“, едното со кавадаречки, другото со скопски регистарски ознаки, кои претходно не застанале на дадена наредба за запирање, пронашле 16 лица мигранти, кои се префрлени во Прифатно-транзитен центар Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 02.55 часот Љ.С.(38) од Скопје пријавил дека околу 02.40 часот на подрачјето на Аеродром бил физички нападнат од две лица. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 21.14 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во близина на маркет на подрачјето на Карпош, М.Ѓ.(33) од Скопје, кој бил заедно со Е.М.(30) од с.Волково, скопско, при обид да се искачат на објект во изградба, паднал од височина, при што се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 01.00 часот Д.С.(18) од Скопје пријавил дека на 10.08.2022 околу 20.20 часот на автобуска постојка во Влае, во приватен автобус, бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 околу 08.00 часот во близина на мотел на подрачјето на Кавадарци, полициски службеници од Полициска станица Михајлово пронашле паркирано патничко возило „ауди 6“, со скопски регистарски ознаки и седум лица-мигранти од Пакистан. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 09.40 часот во Полициска станица Кисела Вода, И.К. од Скопје пријавил дека од дома се оддалечил неговиот син Д.К.(23) кој имал здравствени проблеми, а и претходно во повеќе наврати се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 11.08.2022 во 01.00 часот А.Б.(32) од Скопје, пријавил дека на 10.08.2022 околу 23.00 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од неколку лица. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 19.20 часот на пат за село Калково, валандовско, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Валандово пронашле 30 лица мигранти од Пакистан. Тие биле пренесени во Прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија.

 

На 11.08.2022 во 02.30 часот Ф.Ф.(47) од Скопје, пријавил дека околу 01.20 часот кај фонтаната во Градски парк бил физички нападнат од В.Б.(22) од Скопје и уште две лица, од кои едниот употребил и тврд предмет. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 11.08.2022 во 00.10 часот било пријавено дека на подрачјето на Карпош бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу Р.Ф.(45) и Е.Ф.(28), двајцата од Скопје. По целосното документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 10.08.2022 околу 11.15 часот било пријавено дека во Охрид на ул.„Абаз Емин“, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу Н.Б.(37) од с.Велешта, струшко и М.О.(30) од Охрид. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 09.08.2022 во 15.00 часот во Полициска станица Гази Баба Е.М.(27) од Скопје пријавил дека околу 11.45 часот на подрачјето на Гази Баба, додека управувал патничко возило „голф 5“, со скопски регистарски ознаки, во кое се превезувале и М.М.(62) и Љ.И.(27) од Скопје, нивниот сосед Џ.М. агресивно се однесувал и со пиштол испукал неколку куршуми кон возилото. Повредени лица нема, а полициски службеници преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 17.40 часот било пријавено дека во с.Миладиновци бил нарушен јавниот ред и мир со меѓусебна пресметка помеѓу И.М.(54) од с.Миладиновци и Г.Д.(40) од с.Идризово во која бил употребен и остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 11.08.2022 во 01.30 часот Ф.С.(23) од Скопје пријавил дека на 10.08.2022 околу 22.30 часот во с.Орешани бил физички нападнат од Д.Н.(34) од истото село. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 10.08.2022 во 17.10 часот Т.Т.(27) од Скопје пријавил дека на 08.08.2022 околу 02.30 часот на паркинг пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 12.30 часот З.Б.(67) од Скопје пријавил дека околу 12.05 часот пред амбуланта во Железара, по претходна расправија околу паркирање на возило, бил физички нападнат од едно лице кое според пријавеното било вработен во амбулантата. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 01.50 часот 42-годишна жена од скопско пријавила дека во с.Волково, по претходна расправија, била физички нападната од нејзиниот сопруг Р.Р.(39). По целосно расчистување на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

На 10.08.2022 околу 09.30 часот во СВР Охрид, 45-годишна странска државјанка со престој во струшко село пријавила дека на патот од с.Ложани до с.Биџево, струшко, била физички нападната од едно лице, кое се обидело да изврши обљуба и ѝ одзело накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.08.2022 во 23.00 часот П.С.(33) од Скопје пријавил дека околу 17.00 часот на подрачјето на Карпош, по кратка расправија околу сообраќајот, бил физички нападнат од Б.И. и уште едно лице, а подоцна во нападот се приклучиле и уште неколку лица. Се работи на расчистување на случајот.