Извадок на дел од дневни настани 05.08.2022

 Денеска (05.08.2022) во 10.00 часот на улица „Иљо Војвода“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.Г.(50) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница на Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година за сторено ккивично дело по член 215 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 04.08.2022 во 13.55 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.Д.(27) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во текот на изминатата вечер (04/05.08.2022) во периодот од 21.00 до 02.00 часот Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 201 возач. Од нив, седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозолената брзина. Притоа 130 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 71 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (04.08.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 177 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 39 санкции, 15 мерки за возење без возачка дозвола, девет санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Изречени се 13 мерки за користење мобилен телефон, 12 санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), осум санкции за некористење сигурносен појас, девет мерки за непрописно престигнување и обиколување, шест за непочитување на првенство на минување...

На 04.08.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 30 возачи, од кои 26 санкции се изречени за пречекорување на брзината во населено мести и 4 надвор од населено место.

На 04/05.08.2022 во периодот од 21.00 до 02.00 часот на подрачјето на СВР Охрид реализирани се засилени сообраќајни акциски контроли. Притоа, полициските службеници затекнале и санкционирале 14 возачи на моторни возила кои ја надминале дозволената брзина на движење (Охрид-03, Струга-04, Кичево-07).

На 04/05.08.2022 во периодот од 08.00 до 02.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани и санкционирани 16 прекршоци (ТЕ-9 и ГВ-7) во и надвор од населено место. На прекршителите им биле изготвени соодветни платни налози, додека најбрзите ќе се соочат и со заштитна мерка забрана за управување во рок од 3 до 12 месеци. За време на акциската контрола, исто така, биле констатирани и 39 други прекршоци (ТЕ-21и ГВ-18) кои биле санкционирани согласно законот.

На 04.08.2022 во периодот од 11.00 до 15.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници. Притоа, биле санкционирани 6 неисправни возила (ТЕ-2 и ГВ-4), од кои 4 (ТЕ-1 и ГВ-3) со неисправни уреди за кочење. Сите 6 возила веднаш биле исклучени од сообраќај, а на прекршителите им се изготвени соодветни платни налози, како и 1 барање (ТЕ) за поведување на прекршочна постапка за правни и одговорни лица, како и една мерка (ТЕ) по член 284А од Кривичнио законик. За време на акциската контрола, исто така, биле констатирани и 6 други прекршоци (ТЕ-4 и ГВ-2) кои биле санкционирани согласно законот.

На 04.08.2022 во периодот од 07.00 до 11.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола на возила кои вршат непрописно престигнување. Притоа, биле санкционирани 21 прекршоци (ТЕ-16 и ГВ-5). За време на акциската контрола, исто така, биле констатирани и 3 други прекршоци (ТЕ-2и ГВ-1) кои биле санкционирани согласно законот.

На 04.08.2022 во 06.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Северна обиколница на град Скопје, кај надвозник за с.Смилковци, патничко возило „нисан кашкаи“ со грчка национална ознака, управувано од И.Н.(64) од Република Грција, изгубило контрола и излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот И.Н. и сопатничката М.К.(64) од Република Грција, на кои им била укажаната лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.08.2022 околу 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Борис Сарафов“ и ул.„Кузман Шапкарев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“ со косовска национална ознака, управувано од Д.Х.(33) од Република Косово и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.О.(26) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во патничкото возило „фиат“, А.Д.Х., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“, а на возачот од другото возило Л.О. и нејзиниот малолетен сопатник во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ им биле констатирани телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.08.2022 околу 17.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„3“ во с.Студеничани, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген“, управувано од Г.Ѓ.(68) од Скопје, патничко возило „фиат“, управувано од Ш.И.(41) од Скопје и патничко возило „мерцедес“, кое го напуштило местото, сите со скопски регистарски ознаки. По несреќата, возачот Ш.И. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 04.08.2022 во 15.15 часот во Полициската станица Бит Пазар, С.А.(43) од Скопје пријавил дека на ул.„Македонско - косовска бригада“ бил каснат од куче скитник.

На 04.08.2022 во 23.55 часот во СВР Тетово било пријавено дека на автопатот Гостивар-Тетово, наспроти тетовско Горно Седларце, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „там“, со велешки регистарски ознаки, управувано од Т.К.(56) од Велес и патничко возило „ауди“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ф.(29) од гостиварска Долна Бањица. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ф.Ф. и сопатникот во неговото возило А.З. од Долна Бањица, додека возачот на товарното возило и неговите сопатници О.У., М.А., Е.У. и А.У., сите од велешко Јаболчиште, се здобиле со телесни повреди констатирани во Клиничка болница Тетово. По овластување на Јавен обвинител увид на местото извршила увидна екипа од СВР Тетово.

На 04.08.2022 во 23.40 часот во Полициската станица Аеродром, В.Н.(59) од Скопје пријавил дека во парк на бул.„АСНОМ“ бил каснат од куче скитник.

На 04.08.2022 во 20.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.С.(29) од Куманово. Тој бил осуден на казна затвор од една година и пет месеци за сторено кривично дело по член 236 од Кривичниот законик, а се барал со судска наредба за доиздржување казна затвор од 9 месеци и 26 дена. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К'шање за доиздржување на казната.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.З.(48) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на катастарска парцела на улица „Маркс Енгелсова“ во Струга, бесправно започнал да гради објект за домување, спротивно на основниот градежен проект. Од извршениот инспекциски надзор донесено е решение со кое на инвеститорот му се наложува да ги отстрани неправилностите на изградениот објект.

На 04.08.2022 во 11.45 часот во СВР Охрид било пријавено дека на бул.„Јане Сандански“ во Охрид, М.П.(59) од Охрид, управувајќи мопед со охридски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата, М.П. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Медицински центар Охрид. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Охрид.

На 04.08.2022 во 13.10 часот во Полициската станица Гостивар, 63-годишник од Охрид пријавил дека на 03.08.2022 бил измамен од едно лице за сума од 19.000 денари. Според пријавеното, лицето телефонски се претставило како менаџер во угостителски објект во тетовско и му порачало угостителска опрема и побарало од него на влез во Гостивар да се сретне со друго лице, да земе дел за комбајн и да му го плати, а парите ќе му ги даде кога ќе се видат во Тетово. Исто така, според пријавата, откако ги дал парите го барал лицето но не можел да го добие по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.08.2022 околу 05.00 часот во СВР Охрид било пријавено дека кај место викано „Бел Мост“, атар на селото Волино, општина Дебрца, Е.Ф.(21) од Кичево, управувајќи патничко возило „хонда акорд“ со кичевски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Н.О.(24), со привремен престој во Швајцарија, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршиле полициски екипи.

На 04.08.2022 во 21.10 часот во Полициското одделение Велешта било пријавено дека во приватна здравствена установа во с.Велешта, струшко, со повреди бил донесен малолетник од с.Лабуништа, струшко. Полициски службеници извршиле увид и било констатирано дека малолетникот се здобил со повредите во својот двор при допир на ограда до која имало ниско поставени жици од далновод. За настанот бил известен Јавен обвинител и се работи на расчистување на случајот.

На 04.08.2022 околу 11.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од локален пат за с.Пчиња, ул.„Косовски бригади“ и крак од ул.„Тоде Думба“ патничко возило удрило во пешакот Н.А.(82) од Куманово и го напуштило местото. Во несреќата, Н.А. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово. Увид на местото извршила екипа од СВР Куманово и за настанот бил известен Јавен обвинител.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против С.С. од Скопје, полициски службеник во полициска станица при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“. На 26.07.2022, при вршење службени дејствија на автопатот Скопје – Миладиновци, при контрола на патничко возило пријавениот побарал и примил 2.000 денари од лице за да не изготви записник и прекршочен платен налог за сторен и констатиран сообраќаен прекршок. После тоа, оштетеното лице го пријавило случајот во полициска станица, а по преземени мерки било утврдено дека пријавениот го сторил делото и му е поднесена кривична пријава. Воедно, од Одделот за внатрешна контрола поднесена е иницијатива за поведување на постапка за утврдување дисциплинска одговорност и предлог за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

На 04.08.2022 во 23.04 часот во Полициската станица Центар, Д.М.(20) од Скопје пријавил дека околу 22.00 часот на ул.„Димитрие Чуповски“ бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Г.(41) од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, „овозможување на употреба на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 14.03.2021, полициски службеници од ОВР Виница извршиле претрес во домот каде престојувал пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, семки од растението канабис, неколку куршуми од различен калибар, испукана чаура и други предмети со остатоци од марихуана. Исто така, по извршена анализа кај пријавениот и неговиот брат било детектирано присуство на компонента што ја содржи растението канабис.

На 04.08.2022 околу 22.00 часот во Полициската станица Шуто Оризари, Џ.Х.(37) од Скопје пријавил дека на подрачје на Шуто Оризари бил физички нападнат од J.А.(40) и Р.А.(69), двајцата од Скопје. По документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.С.(48) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавената, во својство на инвеститор, на парцела во државна сопственост, која воедно била прогласена за споменик на природата, без соодветно одобрение започнала со истурање на земја и рамнење.

На 05.08.2022 околу 02.35 часот во СВР Куманово, С.А.(34) од с.Романовце, кумановско, пријавил дека околу 02.10 часот во дворот од неговиот дом во селото две лица му се заканиле со пиштол. Бил известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.08.2022 во 00.40 часот во Полициската станица Драчево, А.М.(48) од Скопје пријавила дека на 01.08.2022 околу 23.40 часот на подрачје на Драчево нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се работи на расчистување на случајот.

На 05.08.2022 во 01.40 часот на самата крстосница помеѓу с.Радуша и с.Свиларе, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Сарај во патничко возило „рено меган“ со пробни регистарски таблички пронашле лице без знаци на живот, со повреда од огнено оружје. По преземени мерки било утврдено дека станува збор за А.А.(39) од с.Никуштак, општина Липково. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. По наредба на Јавен обвинител, телото било предадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.08.2022 во 10.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Георги Поп Хрстов“ едно лице со закана кон вработениот одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.08.2022 околу 12.40 часот во Полициската станица Чаир, К.Р.(35) од Скопје пријавила дека околу 12.30 часот во една соба во нејзината куќа пронашла залутано зрно, кое го оштетило кровот и плафонот. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.