Извадок на дел од дневни настани 04.08.2022

На 03.08.2022 во 14.40 часот во близина на трговски центар на подрачјето на Центар од страна на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишен е од слобода Д.Т.(35) од Скопје. При извршена контрола од полициски службеници било утврдено дека тој се бара по пет распишани потерници за издржување на казна затвор, а при преглед на патничкото возило кое го управувал биле пронајдени две пакувања кокаин. При проверката лицето приложило лажна лична карта, наводно издадена од Р.Словенија, со негова фотографија, но на туѓо име со словенечка адреса на живеење.
Д.Т. бил приведен во Полициска станица Центар и од страна на инспектори од Единицата за економски и компјутерски криминал било утврдено дека лажната лична карта ја набавил од лице од Косово во 2018, преку посредник од Шпанија, додека престојувал таму и ја користел за движење низ европските земји, а во Северна Македонија остварил илегален влез во 2020 година. По документирање на случајот од страна на СВР Скопје против него ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор и спроведен е во Казнено-поправната установа Затвор Скопје – Скопје.

На 03.08.2022 на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го лишиле од слобода Р.Н.(37) од Скопје. Тој бил баран по потерница за издржување казан затвор од две години и шест месеци за сторено кривично дело по член 236 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

На 04.08.2022 во 04.10 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ф.Џ.(21) од Тетово, со живеалиште во Сојузна Република Германија, затоа што при преглед во возилото „бмв“, со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 04.08.2022 во 07.15 часот, полициски службеници од СВР Куманово - Отсек за недозволена трговија со дрога и оружје го лишиле од слобода М.М.(63) од село Романовце, кумановско. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена пушка која ја поседувал без дозвола. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 03.08.2022 на место викано „Топлица“, атар на с.Слоештица, демирхисарско, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Демир Хисар го лишиле од слобода Д.Н.(44) од с.Сопотница, демирхисарско. Тој бил затекнат при незаконит лов и кај него била пронајдена ловечка пушка. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 03.08.2022 околу 19.10 часот на подрачје на Драчево, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле М.Н.(20) од Скопје, затоа што кај него бил пронајден нож. Лицето било предадено на полициски службеници од Полициска станица Драчево за понатамошна постапка.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (03.08.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 171 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 70 санкции, 11 мерки за возење без возачка дозвола, шест санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Изречени се 22 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците, пет санкции за нерегистрирани возила, девет мерки за користење мобилен телефон, четири мерки за некористење на сигурносен појас, седум мерки за минување на црвено светло, 24 мерки за непрописно паркирање...

На 03.08.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 63 возачи, од кои 41 санкции се изречени за пречекорување на брзината во населено место и 22 надвор од населено место.

На 03.08.2022 во периодот од 08.00 до 24.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани и санкционирани 47 прекршоци (ТЕ-30 и ГВ-17) во и надвор од населено место. На прекршителите им биле изготвени соодветни платни налози, додека најбрзите ќе се соочат и со заштитна мерка забрана за управување во рок од 3 до 12 месеци. За време на акциската контрола, исто така, биле констатирани и 22 други прекршоци (ТЕ-9 и ГВ-13) кои биле санкционирани согласно законот.

Во текот на изминатата вечер (03/04.08.2022), од страна на патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп беа спроведени контроли на лица и патнички возила на подрачјето на Прилеп.
За време на контролите две лица се лишени од слобода. Едното поради нарушување на јавниот ред и мир, а кај другото лице бил пронајден остар предмет. Во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 12 возачи, од кои девет возачи се исклучени од сообраќај.

На 03.08.2022 околу 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Штип – Скопје, во близина на наплатна станица „Преод“, патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(39) од с.Огњанци, скопско, излетало од коловозот. Во несреќата сопатникот А.Т.(63) од Скопје се здобил со тешки телесни повреди, а возачот Г.Ј. и сопатникот Г.П.(52) од с.Петровец, скопско, се здобиле со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 03.08.2022 околу 21.00 часот во Полициската станица Дебар било пријавено дека на ул.„8 Септември“ во Дебар, Г.В.(47) од дебарско паднал од приколка прикачена на трактор, кој го управувал од З.У.(42) од с.Селокуќи, дебарско. По несреќата Г.В. бил пренесен во болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“-Охрид, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Дебар.

На 02.08.2022 во 22.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„9“ во општина Илинден, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „алфа“, управувано од В.С.(25) од Скопје и мопед, управуван од Ф.М.(21) од Скопје, двете со скопски регистарски ознаки. По несреќата Ф.М. бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

На 03.08.2022 во 15.50 часот во Полициската станица Карпош, Д.В.(39) од Скопје пријавил дека во Градскиот парк во Скопје неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 03.08.2022 во СВР Куманово, Б.М.(48) од Куманово пријавил дека на улица „Индустриска“ во Куманово бил каснат од куче скитник.

На 03.08.2022, врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје, од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога и Единица за финансиски криминал, полициски службеници од СВР Охрид, заедно со членови од Комисијата за оценување на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели, извршен е претрес во објекти сопственост на правно лице од Охрид, лоцирани во Охрид. За време на контролата на документацијата и производите од канабис било констатирано дека во правниот субјект фигурира непријавена наркотична дрога марихуана со висок квалитет, за која не постои никаква евиденција. Наркотичната дрога е одземена и со наредба од надлежен Јавен обвинител ќе биде предадена на вештачење, а по комплетирање на случајот, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал против правното лице и одговорните лица во субјектот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за стореното кривично дело.

 

На 03.08.2022 околу 22.00 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Г.Д.(43) од кичевското село Гарани. При претрес, извршен со судска наредба, во неговиот автомобил „мерцедес“, со кичевски регистарски ознаки, полициските службеници пронашле и одзеле седум ќеси со бела прашкаста материја. Додека, при претрес извршен во неговиот дом, биле пронајдени и одземени куршум калибар 7,62 милиметри, 42 банкноти од различни валути и апоени, како и предмети со остатоци од бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Денеска (04.08.2022) во 11.00 часот на улица „Караорман“ во Битола, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Љ.С.(31) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од три години и шест месеци за сторено кривично дело по член 236 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Полициската станица Битола за понатамошна постапка, по што ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

 

На 03.08.2022 околу 13.30 часот во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар го лишиле од слобода Т.Ѓ.(58) од Прилеп. Во Дебар, во приколка од товарно возило, кое го управувал, биле пронајдени пет лица мигранти: А.Ш.(25) и М.Х.(38), двајцата од Сирија, Е.Т.(24) и И.И.(27), двајцата од Пакистан и М.Д.(20) од Авганистан. Т.Ѓ. е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, а лицата мигранти биле спроведени во Прифатно-транзитен центар „Табановце“ за натамошна постапка.

 

Денеска (04.08.2022) во периодот од 07.00 до 11.00 часот Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола за санкционирање на возила кои непрописно престигнуваат на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 79 возачи. Од нив, 20 на територијата на СВР Тетово, 16 на територија на СВР Охрид, 11 на територијата на СВР Штип...

 

На 03.08.2022 во 19.40 часот во Полициското одделение Сарај, З.О.(58) од с.Семениште, вработен како возач на автобус, пријавил дека во автобусот кој го управувал бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Е.Б.(23) од Тетово, А.Х.(25) од с.Д.Свиларе, и двете женски лица и И.Л.(55) од с.Ласкарци. Се работи на расчистување на случајот.

 

Денеска (04.08.2022), на службен разговор во Полициската станица Делчево било повикано едно лице, поради сомнение за инволвираност во пожар во возило – комбе „мерцедес спринтер“ со штипски регистарски ознаки, сопственост на Е.С.(43) од Делчево, пријавен околу 03.40 часот на бул.„Македонија“ во Делчево. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Делчево, а повредени лица нема. Увид бил извршен, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.08.2022 во 21.00 часот во Полициската станица Чаир, В.К.(50) од Скопје пријавил дека околу 20.30 часот пред неговата викенд куќа на подрачјето на Чаир бил физички нападнат од три лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе кривична пријава против А. М.(42) од Ресен и Ј.Р.(30) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“. На 19.07.2022 на место викано „Тумбиште“, вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“-Преспа дрво Ресен ги затекнале пријавените при бесправна сеча на дабово дрво.

 

На 03.08.2022 околу 08.42 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Железничка станица Миладиновци настанал пожар во локомотива која влечела композиција од два вагона, а сообраќала на релација Табановце – Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени патници и персонал нема. Увид бил извршен.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.Х.(47) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“. На 01.08.2022 на Граничен премин „Јажинце“, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека било направено физичко оштетување на серискиот број на возилото.

 

На 03.08.2022 во 13.05 часот во Полициската станица Аеродром, А.Б.(40) од Скопје пријавил дека на 01.08.2022 околу 11.30 часот пред влез од зграда на подрачје на Аеродром, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.08.2022 околу 22.20 часот во Полициската станица Чаир, Г.К.(38) од Скопје пријавил дека околу 22.15 часот, помеѓу неговата и куќата на неговиот сосед, пронашол залутано зрно. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје, која го подигнала зрното за понатамошна постапка.

 

На 03.08.2022 во 23.20 часот во Полициската станица Карпош, Б.Т.(48) од Скопје пријавил дека околу 18.30 часот во угостителски објект на подрачје на Карпош, по претходно недоразбирање околу должничко-доверителски односи, У.М. физички го нападнал и му упатил закани со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.08.2022 во Полициската станица Велес, Д.Б.Ј.(26) од Велес пријавила дека на ул.„Оливер Китановски“ била касната од куче скитник.

 

На 03.08.2022 во 14.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, Н.Љ.(48) од Скопје пријавил дека на 02.08.2022 околу 20.00 часот во подрумски простории од зграда на подрачјето на Бит Пазар неговиот малолетен син и уште четворица малолетници биле физички нападнати од Б.Н. и уште две лица, кои употребиле тврд и остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.08.2022 во 16.46 часот во СВР Скопје, И.А.(44) од Скопје пријавил дека неговото возило „пежо“, со скопски регистарски ознаки, кое било паркирано во неговиот двор, било оштетено од залутано зрно. Повредени лица нема, а полициски службеници го подигнале зрното за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 03.08.2022 во Полициската станица Штип, С.Т.(71) од Штип пријавила дека на ул.„Енгелсова“ во Штип била касната од куче скитник.

 

На 03.08.2022 во 19.40 часот во Полициската станица Аеродром било пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Аеродром, по претходна расправија во врска со сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Т.Н.(23) и Н.С.(40), двете од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 03.08.2022 во СВР Битола, С.Ј.(38) од Битола пријавила дека во Градскиот парк во Битола нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

 

На 03.08.2022 во 22.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, М.О.(41) од Скопје пријавила дека од залутано зрно бил оштетен прозорец од нејзиниот стан на подрачјето на Ѓорче Петров. Увид извршила екипа од СВР Скопје, која го подигнала зрното за понатамошна постапка.

 

На 04.08.2022 во 09.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, В.Ч.(58) од Скопје пријавила дека на бул.„Борис Трајковски“ била касната од куче скитник.