Извадок на дел од дневни настани 03.08.2022

На 02.08.2022 во 13.00 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ф.И.(32) од Тетово. При претрес во неговиот дом и помошни простории и кај него лично, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.08.2022 во 23.30 часот во с.Пепелиште, неготинско, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода М.М.(26) и Ѓ.М.(32) од Неготино. При преглед кај Ѓ.М. бил пронајден кокаин, набавен претходно и му овозможил на М.М. да го користи. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.

Во текот на вчерашниот ден (02.08.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 459 возачи. Од нив 80 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 15 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 205 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 254 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (02.08.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 115 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 69 санкции, 11 мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Изречени се четири мерки за возење под дејство на алкохол, три санкции за нерегистрирани возила, три мерки за користење мобилен телефон...

Во текот на вчерашниот ден (02.08.2022) Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе зајакната акциска контрола на автопатот Куманово - Скопје – Велес, за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 59 возачи. Од нив, четири возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното.

Во текот на изминатата вечер (02/03.08.2022), во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 18 возачи, од кои 10 возеле без возачка дозвола, четири под дејство на алкохол... На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.

На 30.07.2022 околу 18.35 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од бул.„Октомвриска револуција“, ул.„Иво Лола Рибар“ и ул.„Ѓорче Петров“, патничко возило „ауди“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.Д.(22) од Куманово, удрило во пешаците Р.Д.(80) и Н.Н.(85), двајцата од Куманово. По несреќата, на Р.Д. ѝ биле констатирани тешки телесни повреди во Комплекс клиники „Мајка Тереза“-Скопје, каде на 01.08.2022 починала. Увид извршила екипа од СВР Куманово.

На 02.08.2022 во 17.35 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистрален пат Охрид – Кичево, на околу 1000 метри пред планински превој Пресека, С.А.(37) од Тетово, управувајќи мотоцикл „јамаха“, со тетовски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Тој бил пренесен во Специјалната болница „Св.Еразмо“ – Охрид, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид извршила екипа од Полициската станица Охрид.

На 02.08.2022 во 12.10 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат с.Обршани-с.Крушеани, патничко возило „ровер фрилендер“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.Ш.(41) од с.М.Коњари, прилепско, излетало од патот. По несреќата, при транспорт до Градска болница Прилеп, М.Ш. починал во возило на Итна медицинска помош. Увид извршиле Јавен обвинител и екипа на ОВР Прилеп.

На 02.08.2022 во 15.00 часот во Полициската станица Аеродром, К.Е.(23) од Скопје пријавил дека на ул.1612 бил каснат од куче скитник.
 На 02.08.2022 на клучка Стајковци, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.И.(30) од Сингелиќ, скопско, затоа што околу 10.50 часот на магистралниот пат Скопје – Граничен премин „Долно Блаце“, во близина на преминот, со пиштол им се заканил на К.Е.(37) од Скопје и Р.С.(45) од Куманово. Тој набрзо бил пронајден и приведен од страна на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, а при преглед на возило „голф“, со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени пиштол, кој го поседувал без одобрение, рамка со три куршуми и нож. Денеска (03.02.2022) од страна на Единицата за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со оружје и експлозивни материи против него била поднесена кривична пријава по член 396, а од страна на Единицата за насилен криминал поднесена е кривична пријава по член 133 од Кривичниот законик, додека од Судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор од 30 дена.

Денеска (03.08.2022) во 12.30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода З.С.(56) од с.Бојане, скопско. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од две години за сторено кривично дело по член 418 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 02.08.2022 во 20.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод – Кичево, кај крстосницата за селото Лисичани, патничко возило „бмв“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од С.А.(45) од село Пласница, излетало од коловозот. Возачот, сопатничката Е.А.(44) и уште една малолетна сопатничка од истото село биле пренесени во Општата болница во Кичево, каде Е.А.(44) починала, а кај С.А. и другата сопатничка биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на несреќата извршиле Јавен обвинител и полициски екипи.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.А.(53) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 24.05.2022, полициски службеници извршиле преглед врз пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин .

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Ц.(27) и Г.Ц.(55), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Тие, на 25.06.2022 на улица „7 Ноември“ во Охрид физички го нападнале А.М. од селото Горенци, општина Дебарца.

На 02.08.2022 во 21.45 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локален пат Беловиште-Вратница, во тетовска Вратница, четирицикл без регистарски ознаки, управуван од Н.С.(58) од Вратница, излетал од патот. На местото на несреќата починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа од СВР Тетово и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено за обдукција.

На 02.08.2022 на подрачје на Бит Пазар, полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го лишиле од слобода Б.Ф.(36) од Скопје, затоа што околу 17.30 часот, по претходно недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнал З.Т.(42) од Скопје, по што со уште едно лице го оштетиле и неговото возило „тојота аурис“, со скопски регистарски ознаки. Притоа, Б.Ф. кај себе имал пиштол. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.08.2022 во 10.00 часот во СВР Велес било пријавено дека крстосница од ул.„11 Октомври“ со oбиколница во Демир Капија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ландровер“, со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од С.В.(54) од Росоман и мопед „томос“, со неготински регистарски ознаки, управуван од К.З. од Демир Капија. Во несреќата, К.З. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница во Велес. Увид на местото извршила екипа од СВР Велес.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Б.С.(64) и Т.Г.(65) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 2016 година, Б.С. како одговорно лице во правен субјект за проектирање и инженеринг од Свети Николе и Т.Г., вработен како надзор во правно лице од Кавадарци постапиле спротивно на договорот за јавна набавка за уредување на излетничко место и на основниот и техничкиот проект. Правниот субјект од Свети Николе не ги извршило сите градежни работи, а надзорниот орган го одобрил проектот и покрај тоа што не биле завршени сите работни задачи. На ваков начин тие ја оштетиле општината во вкупен износ од 1.569.657 денари.

На 02.08.2022 околу 19.10 часот во ОВР Свети Николе било пријавено дека на локалниот пат с.Мустафино - с.Ерџелија, светиниколско, Ј.Р.(44) од с.Ерџелија, управувајќи мотоцикл „хонда“, со светиниколски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Штип. Увид на местото извршила екипа на ОВР Свети Николе.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.И. (18) од Куманово, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 10.02.2022, полициски службеници извршиле преглед врз пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

На 02.08.2022 во 18.12 часот во Полициската станица Чаир, Б.Б.(34) од Скопје пријавил дека околу 14.45 часот на ул.„Македонскo-косовска бригада“ со неговото возило „опел зафира“, во кое бил со З.М., бил сопрен од тројца полициски службеници. Според пријавеното, тие му побарале документи и откако им рекол дека не ги носи го информирале дека треба да плати казна од 500 евра и дека возилото ќе му биде одземено, а ако не сака да плати казна да им даде 50 евра да се почестат. Како што е пријавено, тој им дал 2000 денари, по што ги пуштиле да си заминат. По преземени мерки било констатирано дека станува збор за полициски службеници од Полициското одделение Шуто Оризари, кои биле на должност, но не биле на местата на кои биле распоредени. За случајот е запознаен Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (03.08.2022) во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Т.(35) од Скопје. Тој бил баран со потерница за спроведување во притвор за сторени кривични дела по член 123 и 132 од Кривичниот законик, како и за спроведување пет истраги поради сомнение за сторени кривични дела. Лицето било предадено во Полициската станица Центар за понатамошна постапка.

На 31.07.2022 во 20.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров било пријавено дека на подрачје на Ѓорче Петров, поради меѓусебно нетрпение, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.С.(20) и А.С.(18), од една страна и Ш.Ш.(67), Х.М.(57), А.Ш.(46) и уште еден малолетник, од другата страна, сите од Скопје. Се работи на расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 02.08.2022 во 22.43 часот во Полициската станица Кисела Вода, А.В.(39) од с.Добридол, скопско, пријавила дека околу 22.05 часот на фасадата од нејзината куќа ја оштетило залутано зрно. Екипа од СВР Скопје извршила увид и зрното било подигнато за понатамошна постапка.

На 02.08.2022 во 21.00 часот во Полициско одделение Сарај, А.Ј.(20) од с.Долно Свиларе, скопско, пријавил дека околу 14.00 часот во с.Кондово, скопско, по претходно недоразбирање околу сообраќајот, бил физички нападнат со тврд предмет од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.08.2022 во 21.56 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди биле донесени Е.А.(18) и малолетник од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека на ул.„Струмичка“ биле нападнати со тврди и остри предмети од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.08.2022 во 09.00 часот во Полициската станица Чаир, М.Ќ.(45) од Скопје пријавил дека околу 07.00 часот на подрачјето на Чаир забележал дека патничко моторно возило „фолксваген голф“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.В., било оштетено од залутано зрно. Екипа од СВР Скопје извршила увид и зрното било подигнато за понатамошна постапка.