Извадок на дел од дневни настани 01.08.2022


На 31.07.2022 околу 20,00 часот на автобуска постојка на подрачје на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.О.(25) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени прашкаста материја, дигитална вага и пари. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 01.08.2022 на ул„Александар Македонски“ во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп го лишиле од слобода Г.Т.(26) од Демир Капија затоа што при преглед кај него и во возило „ауди” со демиркаписки регистарски ознаки било пронајдено и одземено пакување со прашкаста материја. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 01.08.2022 околу 00.10 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.А.(28) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела тврда материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 31.07.2022 околу 23.15 часот во близина на трговски центар на подрачје на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода О.Н.(24) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 30.07.2022 во 21.10 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.И.(30) од Куманово. Тој се сомничи дека на 27.07.2022 со употреба на сила влегол во деловен објект на улицата „Иво Лола Рибар“ во Куманово и одзел предмети. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 31.07./01.08.2022 во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се седум возачи, од кои пет се исклучени од сообраќај.

На 01.08.2022 околу 01.15 часот на подрачје на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле М.Ј.(30) од Скопје затоа што кај него бил пронајден нож. Лицето е предадено на полициски службеници во Полициска станица Ѓорче Петров за понатамошна постапка, по што ќе следи соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден (31.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 743 возачи. Од нив 72 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 25 возила се движеле со дури над 70 километри на час. Притоа 395 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 348 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (31.07.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 136 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 65 санкции, 16 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, 14 санкции за возење без возачка дозвола. Изречени се седум мерки за нерегистрирани возила, шест санкции за возење под дејство на алкохол, пет мерки за возач почетник, три санкции за технички неисправни возила во јавниот превоз...

На 31.07.2022 во периодот од 14.00 до 20.00часот на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 114 возачи, од кои 83 санкции се изречени за пречекорување на брзината во населено место и 31 надвор од населено место.

На 31.07.2022 во периодот од 14.00 до 20.00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 41 пречекорување на брзината, од кои 13 на подрачје на Радовиш, 11 на подрачје на Валандово, 10 на подрачје на Гевгелија и 7 на подрачје на Струмица. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.

На 31.07.2022 околу 21.45 часот во СВР Куманово било пријавено дека на Граничен премин „Табановце“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Б.(61) од с.Сопот, кумановско и мотоцикл „јамаха“ со светиниколски регистарски ознаки, управуван од А.А.(40) од Свети Николе. По несреќата, А.А. бил пренесен во Општа болница Куманово, каде биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово.

На 31.07.2022 околу 23.30 часот во СВР Струмица било пријавено дека на локален пат од село Зубово кон село Ново Село, струмичко, А.П.(21) од с.Зубово, управувајќи мотоцикл „јамаха“ без регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицински центар Струмица, а увид на местото извршила екипа на Полициска станица Струмица.

На 31.07.2022 во 11.40 часот во Полициската станица Аеродром, В.А.(59) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ бил каснат од куче скитник.

На 31.07.2022 во 23.50 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Т.М.(26) од Скопје пријавила дека на патот за с.Кучково била касната од куче скитник.

Денеска (01.08.2022) во 11.20 часот на улица „Перо Наков“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Џ.Џ.(21) од Штип. Тој бил баран по централна потерница од Казнено-поправната установа Затвор Куманово за издржување казна затвор од две години и два месеци за сторени кривични дела по член 235, член 236 и член 383 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправната установа за издржување на казната.

 

ОВР Прилеп, до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против А.Ј.(27) од с.Сарандиново, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 30.07.2022 околу 02.00 часот, во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед во возило „мазда 6“, управувано од пријавениот, при што пронашле и одзеле 37 таблети екстази и ќесе со кокаин. Од Судија на претходна постапка во Основен суд Прилеп, одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

 

Во периодот од 25.07.2022 до 31.07.2022 спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 310 возачи. Од нив, 204 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 57 возеле без возачка дозвола, 25 мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци.

 

Вчера (31.07.2022), на подрачјето на Крива Паланка беше спроведена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле санкционирани 37 возачи, од кои кај еден возач во населено место каде максимална дозволена брзина е 50, утврдена е брзина на движење со 129 километри на час.

 

На 31.07.2022 во 21.45 часот на автопат Гевгелија-Скопје, кај клучка Миравци, патничко возило „мерцедес“ со српски национални ознаки не застанало на знак за запирање даден од полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“. Набргу, возилото било пронајдено и во него биле затекнати 12 лица мигранти кои биле спроведени и сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија За настанот бил запознаен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 30/31.07.2022 во различни временски периоди, на подрачјето на СВР Охрид преземени се засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници затекнале и санкционирале 67 возачи на моторни возила кои во и надвор од населени места ја надминале дозволената брзина на движење (Охрид-08, Струга-29, Кичево-09, Дебар-21). Истовремено, од сообраќај се исклучени 05 возачи кои управувале моторно возило под дејство на алкохол (Охрид-01, Кичево-03, Дебар-01).

 

На 01.08.2022 во 03.00 часот во СВР Охрид лишен од слобода е Д.С.(38) од Охрид. Тој, претходно на улицата „Петрино“ во Охрид физички ги нападнал К.Д.(22) и С.Р.(19) од Охрид, по што физички нападнал и полициски службеници кои преземале службени дејствија. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 31.07.2022 во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода О.Р.(45) од неготинско село затоа што во семејниот дом физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветн апријава.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.Р.(27) од скопско Шуто Оризари поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Тој, на 17.06.2022 во Струга физички ја нападнал неговата невенчана сопруга, по што се обидел да ја повреди со остар предмет.

 

На 01.08.2022 во 00.30 часот во Полициска станица Гази Баба, С.М.(35) од Скопје пријавил дека на 31.07.2022 околу 20.10 часот на подрачје на Гази Баба, по претходен физички напад од двајца малолетници врз неговиот малолетен син и при негов обид да ги раздвои, тој и неговата сопруга Р.М. биле физички нападнати од Е.М., А.Л., А.Л., Б.А. и уште едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 31.07.2022 во 10.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ со ул.„9-ти Мај“ се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл со скопски регистарски ознаки, сопственост на општина Карпош, а управуван од Б.К. од Скопје и патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ѓ.(36) од Скопје. По незгодата, Б.К. и Ј.Ѓ. биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им биле констатирани повреди. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.

 

На 31.07.2022 во 04.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ж.В. од кумановско село затоа што физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 31.07.2022 околу 16.00 часот во СВР Битола, вработена во странско дипломатско претставништво во Битола пријавила дека од објектот на претставништвото на ул.„Широк Сокак“ во Битола било одземено државното знаме на странската земја. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.