Извадок на дел од дневни настани 29.07.2022

Денеска (29.07.2022) во 10.15 часот на улица „Марко Орешковиќ“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Р.(47) од Скопје. Тој бил баран по потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

На 28/29.07.2022 во периодот од 23.00 до 02:00 часот, полициска службеници од СВР Тетово во содејство со Државната пазарна инспекција, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд извршиле акциска контрола во казина и други објекти каде се приредуваат игри на среќа на подрачјето на СВР Тетово. Притоа, во спортска обложувалница на улица „Маршал Тито“ во Тетово, кај В.Д.(39) од Тетово полициските службеници пронашле кокаин. Лицето било лишено од слобода и задржано во полициска станица. Исто така, бил затекнат и малолетник, кој бил предаден на неговиот родител. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 28.07.2022 во 09.50 часот во Пробиштип, полициски службеници од Полициска станица Пробиштип го лишиле од слобода Д.М.(31) од Пробиштип. Тој се сомничи дека во периодот од мај до јули оваа година, по запознавање со две жени од Битола на социјалната мрежа Фејсбук и по започнување љубовна врска со нив, кај едната извршил кражба, а другата ја измамил за сума од 6500 евра и 72.000 денари, за што беше пријавено на 27.07.2022. Тој бил спроведен и задржан во СВР Битола и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 28.07.2022 во 18.20 часот на улица „8 Март“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода Е.Е.(40) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и три месеци за сторено кривично дело по член 236 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

На 29.07.2022 на ул.„Борис Кидрич“ во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп ги лишиле од слобода С.А.(32) и Е.Р.(29) од Прилеп, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и предмет со остатоци од бела грутчеста материја. По документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 28.07.2022 на ул.,,11 Октомври" во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп го лишиле од слобода К.Ј.(29) од Прилеп, затоа што кај него биле пронајдени и одземени две пакувања со бела прашкаста материја. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 29.07.2022 на кеј „1 Мај“ во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола - ОВР Прилеп го лишиле од слобода Д.А.(33) од Прилеп, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 29.07.2022 во 02.30 часот во Полициското одделение Галате била приведена Е.К.(34) од Република Албанија. При акциска контрола во угостителски објект во гостиварско Врапчиште, извршена од полициски службеници од Полициското одделение Галате, таа била затекната во објектот и било констатирано дека нелегално работела, а притоа го злоупотребила и туристичкиот престој. Таа била задржана во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 28.07.2022 во 19.15 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје ја лишиле од слобода И.Х.(25) од Скопје, затоа тоа што кај неа била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на изминатата вечер (28/29.07.2022), во периодот од 21.00 до 04.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 19 возачи, од кои 13 се исклучени од сообраќај.

Во текот на вчерашниот ден (28.07.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 280 возачи. Од нив 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 136 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 144 надвор од населено место.

Во текот на изминатата вечер (28/29.07.2022) во периодот од 22.00 до 02.00 часот Министерството за внатрешни работи со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 252 возачи. Од нив, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 204 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 48 надвор од населено место.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (28.07.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 131 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина шест санкции, 22 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, 15 санкции за возење без возачка дозвола. Изречени се девет мерки за непрописно престигнување и обиколување, седум санкции за некористење сигурносен појас, шест санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила...

На 28.07.2022 на територијата на СВР Битола, полициски службеници спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваaт возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, санкционирани биле 46 возачи, од кои 32 санкции се изречени за пречекорување на брзината во населено мести и 14 надвор од населено место.

На 28/29.07.2022 во периодот од 22.00 до 02.00 часот на подрачјето на Охрид и Кичево, спроведени се засилени акциски контроли. Притоа, полициските службеници затекнале и санкционирале 15 возачи кои во и надвор од населено место ја надминале дозволената брзина на движење (Охрид-12, Кичево-03). За сите прекршоци изготвени се соодветни санкции.

На 28.07.2022 во 12.50 часот во Полициската станица Бит Пазар, Ј.Н.(62) од Скопје пријавил дека на ул.„Архиепископ Доситеј“ бил каснат од куче скитник.

На 28.07.2022 во 10.50 часот во Полициската станица Аеродром, Д.Г.(49) од Скопје пријавил дека на ул.„23 Октомври“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.
 Денеска (29.07.2022) во 12.05 часот на улица „Цветан Димов“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода М.А.(54) од Косово, со живеалиште во Скопје. Тој бил баран по централна потерница од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од четири години за сторено кривично дело по член 396 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправна установа за издржување на казната.

Денеска (29.07.2022) во 10.30 часот во трговски центар на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција го лишија од слобода М.Е.(26). Кај него биле пронајдени пиштол непозната марка 6.25мм и рамка со 4 куршуми. Притоа, М.Е. немал дозвола за поседување огнено оружје, со што се сомничи дека сторил кривично дело предвидено и казниво по член 395 од Кривичниот законик. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 27.07.2022 во попладневните часови од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во содејство со полициски службеници од СВР Скопје – Единица за недозволена трговија, по претходно обезбедена наредба, извршен е претрес во домот на А.Д.(33) од Скопје. За време на претресот пронајдени се и одземени тегла и ќеса со марихуана, како и пакување со бела прашкаста материја. А.Д. е лишен од слобода, приведен во полициска станица за понатамошна постапка, а по комплетно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик.

Денеска (29.07.2022) во 03.30 часот на регионален пат Тетово-Пирок, во близина на стадионот во тетовско Боговиње, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишиле од слобода Е.Д.(19), А.Д.(20), двајцата од гостиварски Сенокос и М.А.(18) од тетовско Боговиње. При преглед во возилото „фолксваген голф“, со гостиварски регистарски ознаки, во кое се превезувале, кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, боксирач и нож. Лицата се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 28.07.2022 во Полициската станица Кавадарци, 40-годишна жена од Кавадарци пријави дека во периодот од 2019 до 2022 година од едно лице била доведена во заблуда дека за вложени пари во странска банка ќе добие голема камата и награда од 1 милион долари. Според пријавеното, таа му дала пари на рака, а потоа и уплатила пари на сметка на банката. Како што е пријавено, во мај 2022 си ги побарала парите преку електронска адреса на која контактирала со банката, но трансферот на пари, кои требало да ѝ ги вратат, не бил реализиран. Се работи на расчистување на случајот.

На 28/29.07.2022 во периодот од 22.00 до 02.00 часот на подрачјето на СВР Тетово била спроведена акциска контрола за санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Притоа, биле констатирани и санкционирани 26 прекршоци (ТЕ-20 и ГВ-6) надвор од населено место, како и 12 прекршоци во населено место. На прекршителите им биле изготвени соодветни платни налози, додека најбрзите ќе се соочат и со заштитна мерка забрана за управување во рок од 3 до 12 месеци. За време на акциската контрола, исто така, бил констатиран и 1 останат прекршок (ТЕ), кој бил санкциониран согласно закон.

На 29.07.2022 во 01.30 часот во Полициската станица Чаир, Г.Е.(27) од Скопје пријавил дека на 28.07.2022 околу 23.20 часот на работно место во угостителски објект на бул.„Словенија“ бил физички нападнат од Г.Б. и В.Б., кои потоа оштетиле дел од инвентарот. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 28.07.2022 во 09.45 часот на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го лишиле од слобода М.Д.(36) од Италија, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија и кон вработените на аеродромот. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 28.07.2022 околу 07.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Марк Твен“ настанал пожар во автосервис и продавница за делови, сопственост на Г.Н.(64) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Скопје.

На 29.07.2022 во 02.24 часот во СВР Скопје, Л.К.(64) од с.Петровец пријавила дека околу 01.45 часот едно машко лице со употреба на сила го отворило гулабарникот, ја нападнало со дрвен предмет, по што одзело гулаби. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.А.(37) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 07.01.2022 во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед врз пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

На 29.07.2022 во 01.50 и 03.00 часот во СВР Скопје, З.М.(49) и М.Б.(44), двајцата од Скопје, пријавиле дека на 28.07.2022 околу 23.40 часот пред угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар нивните малолетни синови биле физички нападнати од О.Н.. Се работи на расчистување на случајот.

На 28.07.2022 во 18.55 часот во СВР Скопје, Е.Л.(63) од Скопје пријавил дека околу 15.40 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходна расправија, бил физички нападнат од едно лице кое управувало такси возило, по што со возилото го удрил и ја оштетил неговата инвалидска количка. Се работи на расчистување на случајот.

На 29.07.2022 во 01.24 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди бил донесен Н.Н.(31) од Скопје. Според пријавеното, на 28.07.2022 околу 23.30 часот на улица „Апостол Гусларот“ бил физички нападнат со тврди предмети од четири лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 27.07.2022 во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Карпош, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.М.(40) и В.Н.(59), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.